Избрано

Трофејна инфраструктура, проблематични долгови: Кина продира во Европа

Кина создава паралелни финансиски и комерцијални мрежи ширум Централна и Источна Европа предизвикувајќи го глобалниот поредок

Волстрит Џурнал – Њујорк

7 ноември 2018

Европа е растресена со внатрешни поделби поради миграцијата и тензичните односи со Русија и САД. Во такви услови, Кина ја користи историската можност да продре во срцето на Западот.

Договор по договор, користејќи го искуството од Азија и Африка, Кина создава паралелни финансиски и комерцијални мрежи ширум Централна и Источна Европа предизвикувајќи го глобалниот поредок. Таа е присутна во десетина земји на периферијата на ЕУ, од кои некои, како Унгарија се помали и маргинализирани членки, додека други, меѓу кои и Србија, се на пат кон членство.

Кинески работници градат автопат на неверојатни столбови во планините во Црна Гора, кои се високи колку една 50-катиница, како дел од планираниот коридор на автопати, пристаништа и железнички пруги, што ќе ја формираат новата кинеска рута меѓу грчкиот егејски брег и Летонија на Балтичкото море.

Кинеската технологија воспоставува нов меѓународен систем за трансфер на пари во Србија. Кинеските банки ја користат деноминацијата на јуанот за создавање на нов систем во Унгарија. Места, како Кошице во Словачка, се нови точки за застанување на возовите од Кина.

Кина им нуди трофејна инфраструктура и финансиски средства на овие земји со проблематични економии, какви што не нудат ниту Вашингтон, ниту Москва, кои на регионот гледаат низ призмата на националната безбедност. Такви понуди не доаѓаат ниту од Брисел, кој е преокупиран со задржување на единството на ЕУ.

Според европските политичари, овие кинески алтернативни ветувања за брзи резултати, преку договори чија транспарентност е нетипична за Западот, претставуваат замка што ги обврзува владите да позајмуваат пари од кинеските банки за да ги исплатат изведувачите. Неколку земји, вклучувајќи ја и Црна Гора, земаа големи кредити во тој процес.

Поголемиот дел од кинеската финансиска поддршка во Еропа е базирана врз кредити, што овие земји ги претвора во клиенти на пекиншките банки. Со секој договор кинеските компании создаваат инфраструктура и продаваат софтвери и услуги кои стануваат се покредибилни на Западот. Користејќи ги своите енергетски капацитети и технолошки иновации, Кина успева да ја прошири и модернизира својата економија, како и да ги зајакнува своите сојузи.

Овие заложби се дел од кинеската иницијатива за развој на трговски, финансиски и комуникациски мрежи ширум светот – стратегија која произлезе во време на глобалниот финансиски колапс пред една деценија, со цел да ја намали зависноста на Кина од економскиот поредок предводен од САД кој според Пекинг беа одговорни за кризата.

Пекинг славеше минатата година кога Грција ги блокираше напорите на ЕУ за осуда на кинеските обиди за политичко влијание. Политичарите во Брисел оценија дека Атина станала премногу зависна од Кина, бидејќи кинеската државна компанија раководи со главното грчко пристаниште. Грција ги оцени предложените мерки на ЕУ за Кина како „неконструктивни и селективни“.

Србија прерасна во најблизок партнер на Кина во Средна Европа. Кина го дизајнираше и изгради првиот нов мост на реката Дунав во Белград по седум децении и помогна во модернизацијата на електричниот и телефонскиот систем во земјата.

Неодамна Србија доби систем за финансиски плаќања од компанијата „Чајна ЈунионПеј“ која е во сопственост на Владата во Пекинг. Оваа платформа, која е одговор на Пекинг на платежните картички „Виза“ и „Мастеркард“, им овозможи на Србите да користат домашни кредитни картички во странство и во исто време овозможи влез на кинескиот јуан во Европа.

– За Србија е важно што еден ваков голем меѓународен играч реши да соработува со нас, изјави Јоргованка Табаковиќ, истакната српска политичарка и гувернарка на Народната банка на Србија.

Со своето влијание во Централна и Источна Европа Кина ги зголемува инвестициите во регионот како дел од обидите за ширење низ Европа. Уште повеќе, таа го зголемува своето глобално влијание промовирајќи развој и изградба на инфраструктура ширум светот.

Пекинг обезбеди речиси 8,9 милијарди долари во форма на кредити и друг вид помош во Европа во текот на минатата година, што е значително повеќе од четирите милијарди долари во 2016 година.

Американските претставници ги предупредија државите во развој на зголемување на нивната зависност од Кина. Во говор во Вашингтон минатиот месец американскиот потпретседател Мајк Пенс  оцени дека  условите на кинеските инфраструктурни кредити не се толку позитивни и дека главната придобивка од нив е ширење на влијанието на Пекинг. Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис неодамна изнесе слична загриженост, нагласувајќи дека масовното задолжување ќе предизвика проблеми за помалите земји.

Надвор од Европа, Кина инвестираше 62 милијарди долари во инфраструктурен план во Пекинг што придонесе за значително зголемување на долгот на земјата. Новоизбраниот малезиски премиер Махатир Мохамед во август нареди замрзнување на проектот за изградба на пруга и гасовод, вреден 22 милијарди долари, што неговиот претходник го договори со Кина, оценувајќи дека тој ќе придонесе за значително задолжување на земјата.

Шри Ланка минатата година и ја предаде контролата врз најголемото пристаниште на Кина, предизвикувајќи должничка бомба. Кинеските јавни работи и нејзините големи кредити се видливи и во Ангола, Замбија и Кенија.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Канг ги отфрли американските критики околу позајмиците, нагласувајќи дека „нечул оти некоја држава западнала во должничка замка поради соработката со Кина“.

Во Европа, Црна Гора се соочува со финансиски предизвици како резултат на договорот со кинеската „Експорт импорт банка“ и компанијата „Чајна Роуд енд Бриџ“, при изградбата на нејзиниот прв автопат. Црногорската Влада изградбата на овој автопат ја нарече „најголем градежен предизвик во историјата“, имајќи го предвид планинскиот терен на земјата.

Автопатот треба да претставува врска помеѓу Централна Европа и црногорското пристаниште на Јадранското Море. Црна Гора веќе потроши 1,1 милијарди долари во досегашната изградба на делницата од 40 километри, што треба да биде завршена до средината на 2019 година. Трошоците за изградба значително пораснаа во однос на првобитните планови од стотици милиони долари.

Нема официјални податоци за улогата на овие инвестиции во економската интеграција на регионот, вклучувајќи ги и средствата од приватните инвеститори, кои се поттикнати со напорите на Пекинг за навлегување во Европа.

Нафтената компанија „ЦЕФЦ Чајна Енерџи“ е сопственик на имоти пиварница, фудбалски клуб, банка и хотел во Чешка, чија вкупна вредност изнесува 1,7 милијарди долари. Проблем настана кога пред неколку месеци кинеските власти покренаа истрага против директорот на компанијата.

Висок претставник на ЦЕФЦ во Прага изјави дека постојат планови за преземање на имотот на компанијата од страна на корпорацијата „Чајна Интернешнл Траст енд Инвестментс“, со што овој приватен имот ќе премине во сопственост на најстарата кинеска државна групација за меѓународни инвестиции.

Кина зборува за обнова на античкиот „Пат на свилата“, создавајќи нова трговска рута, што според германскиот политичар Зигмар Габриел претставува преголема амбиција. – Тоа не претставува сентиментално навраќање на Марко Поло, туку пред се обид за создавање на сеопфатен систем во согласност со кинеските интереси, изјави Габриел во февруари при повлекувањето од функцијата германски министер за надворешни работи.

Во услови на поделби во Европа по линија исток-запад, како остатоци од Студената војна и крвавиот распад на Југославија во 90-тите години на минатиот век, меѓу Србите, Словаците, Хрватите и Чесите постојат поделби на наклонетост кон САД или Русија. Кина од друга страна нема ваков историски багаж.

Брзо зајакнатите врски меѓу Кина и Србија поттикнати од безвизниот режим придонесоа за интензивирање на соработката во рударството, индустријата и развој на оружје. Србија, држава од седум милиони жители чија економија по големина е слична со онаа на американската сојузна држава Вермонт, промовира политичка неутралност. Српските претставници го нарекуваат Пекинг „четврти столб“ во нинвата надворешна политика покрај трите останати – Брисел, Вашингтон и Москва.

– Ние не веруваме дека ќе бидеме принудени да бираме меѓу Истокот и Западот, изјави српскиот министер за финансии Синиша Мали.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го опиша неговиот кинески колега Си Џинпинг како негов личен пријател, со кого се сретна петпати во последните две години. За споредба, Си се сретна со претседателот Трамп само три пати.

Речиси километар и половина долгиот Мост на кинеско-српското пријателство, отворен пред четири години, беше првиот позначаен проект на кинеските градежници во Европа. Тоа резултираше со граджни ангажмани на кинески компании и во Црна Гора и Хрватска.

Сега во тек е изградба на железничка пруга од Белград до Унгарија, во вредност од три милијарди долари. Изградбата е одложена од унгарска страна поради европските забелешки при изборот на кинескиот изведувач на работите.

Србија од друга страна нема такви проблеми и склучи договор со истата кинеска градежна фирма за изградба на пруга со голема брзина за сума од 350 милиони долари. сп/

Close