0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталMakedonija.SlajderПолитикаРепортажа

Шест месеци живот под строгите правила на воените бази

На нешто помалку од две илјади метри надморска височина во тесната долина меѓу планинскиот венец Хиндукуш се наоѓа Кабул. Се смета за еден од највисоките главни градови во светот. МИА имаше можност да престојува во базата на аеродромот Хамид Карази во Кабул, каде е сместена Командата за обука, советување и асистенција –Главен Град (КОСА-ГГ) .

Скопје, 25 ноември 2018 (МИА) – На нешто помалку од две илјади метри надморска височина во тесната долина меѓу планинскиот венец Хиндукуш се наоѓа Кабул. Се смета за еден од највисоките главни градови во светот. МИА имаше можност да престојува во базата на аеродромот Хамид Карази во Кабул, каде е сместена Командата за обука, советување и асистенција –Главен Град (КОСА-ГГ) .

Во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, Македонија учествува со 49 припадници на АРМ, а како што МИА веќе објави во првиот дел од репортажата тие се распоредени на три локации, во КОСА-ГГ, во Командата на мисијата во Кабул и во КОСА-Север.

Војнички живот во Авганистан: Педестина припадници на АРМ во придонес кон мирот

Зад границите на базата на подножјето на околната планина се гледаат згради некои изградени, некои во изградба, но сите напуштени, по наредба секако од безбедносни причини, таму да не се населува локалното население.

Базата наликува на мини град, а оние кои служат во неа наликуваат на едно семејство составено од различни нации, кои секојдневно ги делат обврските, но и се дружат во слободното време. Движењето во неа е строго регулирано, за оние кои доаѓаат однадвор, не смеат да се движат без придружба од една до друга локација, во спротивно следи интервенција на воената полиција и сместување зад решетки.

Секојдневие за жителите на базата е звукот на надлетувањето на хеликоптери, вклучување на сирените со кои се најавува некоја воена вежба, а понекогаш и по некоја експлозија, но сепак, како што велат припадници на македонскиот контингент во разговор за МИА, тие се чувствуваат безбедно.

Безбедноста подобрена, но ризикот се уште присутен

Ситуацијата во Авганистан генерално е подобрена, но сепак е далеку од мирна. Додека македонската делегација беше во посета на македонските мировници, во близина на базата на аеродромот во Кабул се случи самоубиствен бомбашки напад,  во кој загинаа 55 лица, а над 70 беа повредени.

Додека МИА престојуваше во КОСА-ГГ во базата пристигнаа и припадниците од КОСА – Север, регионална команда на „Одлучна поддршка“, сместена во Мазар и Шариф.  Во КОСА – Север се распоредени шестмина припадници на АРМ – штабни офицери. РМ во поддршка на парламентарните избори во Авганистан, кои се одражаа минатиот месец дополнително упати уште три офицери од август до декември, кои помагаа за успешно реализирање на изборниот процес. Носечка нација таму е Германија под команда на бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус.

Еден од нив, полковник Петре Кочов, во разговор за МИА вели, дека условите во КОСА-ГГ во Кабул се многу подобри, тие во Мазар и Шариф се сместени во порурална средина со многу попримитивни услови во секојдневнието. Но сепак искуството што го добиваат со шестмесечното учеството во мисијата, колку што трае една ротација, го оцени како непроценливо.

Авганистанците кон крајот на минатиот месец гласаа на парламентарни избори по речиси осум години, со надеж дека ќе внесат промени во Владата која загуби речиси половина од државата од талибанците. Изборите беа проследени со хаотична организација, обвинувања за корупција и насилства поради што изборите во стратешки важната покраина Кандахар беа одложени.

Талибанците и терористичката „Исламска држава“ се заканија на секој кој ќе одлучи да оди на гласање. Талибанците сметаат дека Владата е нефункционална. Ги отфрлаат меѓународни повици за разговори со Владата во Кабул, наведувајќи дека ќе преговараат само со САД, кои ги сметаат за окупациска сила.

Живот под строги војнички правила, љубовта се остава зад портите

Под строгите правила на НАТО, со ред и дисциплина, припадниците на македонскиот контингент ги поминуваат деновите работно, но секако наоѓаат време и за дружење и слободни активности. За авганистанското локално население велат дека е мирно, понизно, со некој чуден страв во себе, можеби од годините поминати во пустош, кој се одвива во нивната земја. Со Авганистанците и нивниот начин на живот најмногу се запознаваат преку оние локални жители кои работат во базите и тоа најчесто како хигиеничари, преведувачи…

Во базите важат строги правила, нема мешање меѓу мажите и жените. Не смеат да имаат блиски односи, доколку тоа се случи можат да бидат исклучени од мисијата. Важат и строги правила за сексуално злоставување во кое спаѓаат недолично однесување, префрлување, недолични зборови, но и недолични погледи, кои траат повеќе од пет секудни.

Во разговор за МИА македонските припадници велат дека досега не биле сведоци на доброволни љубовни врски. Жените во базата на аеродромот во Кабул се сметени во една барака, додека во Централната команда во три. Во тие згради смее да влегува исклучиво женски персонал, влезот за мажите е забранети. Правилото важи и во обратна насока.

-Тоа е строго забрането и има постојани контроли од воената полиција, строго е забрането да се воспоставуваат љубовни врски тука, доколку ве фатат во таква ситуација има процедура во која е одредена саатнината, во рок од 48 часа треба да ги депортираат во нивната земја, со тоа што дополнитлено се доставуваат извештаи и се води постапка против лицата вклучени во случајот, велат припадниците на македонскиот контингент.

Алхоколот е строго забранет. Во базата на аеродромот може да се најде исклучиво безалкохолно пиво и тоа се служи само во одреден ден од неделата. Контроли за алкохол и дрога се праваат мошне често и тоа со кучиња трагачи.

Слободното време македонските припадници, а секако и оние од другите нации го користат за дружење во неколкуте кафулиња кои функционираат во базите и секако во спортување во теретаните, џогирање, возење велосипед, но и шопинг во Пи-Екс продавниците, како и на авганистанските базари, каде локално авганистанско население ги нуди своите производи.

Со подофицер Даниела Муакетова, која служи во КОСА-ГГ разговаравме за нејзиното искуство во мисијата, за нејзините задачи, за нејзиниот впечаток за локалното население.

Македонските мировници со највисоки оценки за својот придонес

Најмногуброен во мисијата Одлучна поддршка е контингентот на САД, кој учествува со 8.475 војници, по него е германскиот со 1.300 војници, Турција учествува со 506 војници. Силите на Одлучна поддршка од оваа година поради заострување на безбедносната состојба се зголемија на 16.229 илјади, претходно беа 13 илјади.

Одлучна поддршка е неборбена НАТО мисија посветена на обука, советување и помош на авганистанските национални сили за одбрана и безбедност. Во Мисијата во моментов учествуваат 41 земја-членка и партнерка на НАТО. Централната командата е во Кабул, додека четирите регионални се во во Мазар-е-Шариф на север, Херат на запад, Кандахар на југ и Лагман на исток.

Целта е да им помогне на авганистанските безбедносни сили, но и на институциите во земјата во која 17 години се води во развивање на капацитетите на одбраната и способноста да ги заштитат своите граѓани на одржлив начин. Се фокусира првенствено на активности за обука, совети и помош во министерствата поврзани со безбедноста, во институциите на земјата и меѓу високите редови на армијата и полицијата.

Македонија оваа година го зголеми бројот на учесниците во мисијата за 20 отсто, а за следната година во дел од буџетот е предвидено плус 25 процентно зголемување на учеството.

И како што посочи министерката Шекеринска, која е прв министер во изминатите пет години што ги посетува македонските мировници, во претпристапните разговори со НАТО Македонија некаде била послаба, некаде подобра, но за позициите на македонските мировници во мисиите на Алијансата е дадена чиста петка.

Таа од Кабул порача дека кога некаде во првата половина од следната година ќе почнеме дефакто да функционираме како земја-членка на НАТО тоа најмногу тоа ќе биде заслуга на македонските мировници.

Ана Цветковска

 

Таг
Close