0_Македонија.ПорталДописници МакедонијаСторија

Потребата ги спои, пријателството сами го создадоа

Ведра, насмеана, позитивна, 45-годишната Фатмире Даути од струшко Теферич, лице со инвалидитет, е една од седумте корисници на персонален асистент, дел од пилот-проектот на Министерството за труд и социјална политика „Персонална асистенција на лица со попреченост“.

Струга, 2 декември 2018 (МИА) – Ведра, насмеана, позитивна, 45-годишната Фатмире Даути од струшко Теферич, лице со инвалидитет, е една од седумте корисници на персонален асистент, дел од пилот-проектот на Министерството за труд и социјална политика „Персонална асистенција на лица со попреченост“. Фатмире има вроден инвалидитет. Животот го поминува во инвалидска количка. До 12-тата година се движела, одела со помош на други лица. Посетувала и редовно училиште до петто одделение, но, како што ни раскажа, состојбата постепено ѝ се влошувала и морала да го прекине образованието, бидејќи немала услови за продолжување.

-Да имаше услови и пристапност до училиштето, ќе учев, бидејќи сакам да учам. Jас многу учев. Во Струга немаше такво училиште, имаше само во Струмица, но семејството не се согласи на тоа, се сеќава Фатмире, која во слободно време чита книги и гледа филмови, а најмногу сака да шета.

Сака да работи. Вели, рацете ми работат. Нејзина желба е да стане адвокат. Иако не е многу зборлеста, сепак, е многу паметна, интелигентна и надарена личност.

По некоја случајност за нејзина асистентка е одбрана Соња Кочоска, волонтерка на општинската организација на Црвен крст Струга.

Се познаваат само три месеци, а веќе се добри пријателки

До пред неполни три месеци, колку што трае проектот, тие две не се ни познавале, а сега се добри пријателки. Велат имаат чуство како цел живот да го поминале заедно. Покрај четирите часа, кои се предвидени со проектот, тие поминуваат поголем дел од денот заедно. Соња оди кај Фатмире дома по претходно подготвен неделен план за кој однапред се договараат. Ѝ помага во домашните обврски, излегуваат да завршат некои работи надвор, а остатокот од времето го поминуваат во прошетки и дружење со пријателите.

-Освен во планираните термини, кога имам потреба ја викам и Соња е секогаш тука за мене. Одговара на моите повици и надвор од планираното. Најчесто Соња доаѓа дома кај мене, ми помага во домашните обврски, потоа ме носи во град. Често шетаме низ Струга, одиме на кафе, се дружиме со пријатели, некогаш со мои, некогаш со на Соња. Се дружиме и приватно повеќе од предвиденото време, истакна Даути.

Покрај нивната дружба, тие веќе се зближиле и со семејствата, а неодамна Соња ѝ приреди изненадување – роденденска забава.

– Соња го запозна моето семејството и јас нејзиното. Се дружам со нив, со сопругот и децата. Освен што е моја асистентка, Соња стана и дел од мојот живот, раскажува Фатмире.

И Соња вели дека Фатмире е одлично прифатена во нејзиното семејство и дека нејзината ќерка ја обожава.

– Многу убаво се согласуваме. Коректна е. Тоа што ѝ е неопходно и не може да го заврши со друг заедно го правиме. Мојата ќерка ја прифати Фатмире, ја обожава. Ја зема со количката да ја вози. Понекогаш морам да ја лажам дека не сум со Фатмире за да можам да излезам да не доаѓа со нас. Фатмире стана како дел од семејството, истакна Соња, нагласувајќи дека нивното дружење ќе продолжи и по завршувањето на проектот.

Пристапноста проблем за лицата во количка

Соња, корисничката ја опиша како позитивна личност, без посебни барања, која времето со придружба најчесто сака да го помине надвор, да шета и да се дружи. И двете се пожалија на пристапноста до институциите, немањето пристапни рампи, но и несовесноста на граѓаните.

-Градот не ни нуди големи можности заради пристапноста, но сепак шетаме. Бевме во посета на Природонаучниот музеј, еден викенд бевме во Поградец, а планираме и низ други градови да шетаме. Бидејќи е во количка, потребно ни е и специјално возило, вели Соња.

При посетата на Музејот се соочиле со несовесноста на граѓаните и блокирање на пристапната патека со автомобили, но со помош на вработени ја качиле количката на тротоар.

Фатмире раскажа дека кога вози сама со електричната количка, се движи по улица, бидејќи на тротоар е непристапно.

– Постојано има паркирани возила. Се плашам заради безбедноста, но за да излезам да прошетам мора така, посочува Фатмире.

Единствена слободна зона за шетање им се шеталиштата покрај Охридското Езеро и покрај реката Црн Дрим, бидејќи таму нема паркирани автомобили, па може слободно да се движат.

Предностите од персонален асистент

Доаѓањето на асистент во домот на Фатмире има големи предности за неа и нејзиното семејство.

– Наместо сестра ми да одвои од своето време и да ми помага, сега сите активности ги завршувам со Соња, вели Фатмире.

Одлуката за пристапување во проектот и прифаќање асистент била на Фатмире.

– Моето семејство беше многу отворено и ме остави сама да одлучам дали да прифатам личен асистент, некој што ќе стане дел од моето секојдневие.

Етничката и верската припадност не биле пречка за нивната соработка. Иако Фатмире била прашана за тоа од која националност сака асистент. Тоа не ѝ пречи ниту на Соња, која вели дека не ни помислила за националноста на корисникот.

Ја прашав Фатмире дали би ја заменила Соња доколку би имала можност да избира друг асистент, Фатмире во еден здив рече „не, никако“.

Двете се согласни дека проектот има големо значење за лицата со попреченост и сметаат дека треба да продолжи и во иднина.

На Струга ѝ треба место за лицата со попреченост

Есента ја поминале шетајќи покрај плажите и во кафулињата, но двете се загрижени за студените зимски денови и како ќе го поминуваат слободното време. Сметаат дека на Струга ѝ треба место, објект каде што ќе се собираат лицата со инвалидитет и нивните асистенти да се дружат.

Секретарот на општинската организација на Црвен крст Струга, Адуриме Даути, истакна дека еднаш месечно организира средба со сите корисници и асистенти, со цел да се дружат меѓусебно, но и да ги воочат проблемите со кои се соочуваат. Според неа, асистентите се соодветно обучени и знаат како да се справат со своите корисници.

-Асистентите претходно поминаа соодветна обука. Имаа  два месеци теоретска и практична настава во дом за стари лица и се стекнаа со сертификат, посочи Даути, нагласувајќи дека има интерес за проектот и оти бил одлично прифатен и од асистентите и од корисниците.

Целта на проектот, според координаторката Татјана Стојанческа, е да не се затворат корисниците во своите домови, туку да комуницираат, да се социјализираат и тие да се еднакви со останатите во општеството. Тројца корисници се со оштетен вид, а четворица со телесен инвалидитет. Сите, посочува Стојанческа, сакаат да излегуваат, да шетаат покрај езеро, но и на места каде што немале можност да отидат сами.

Пилот-проектот, кој сега се реализира во седум општини, меѓу кои е и Струга, предвидено е да трае до крајот на годината, но од Министерството за труд и социјална политика најавија негово продолжување и проширување на територијата на цела Македонија, што е предвидено со законското решение за социјална заштита, кое е во владина процедура.

-Пилот-проектот за персонална асистенција е поточно Програма за персонална асистенција усвоена од Владата на Република Македонија и успешно се спроведува во Скопје, Битола, Струмица, Гостивар, Струга, Неготино и во Куманово. Нема да престане во 2019 година, туку станува дел од новиот Закон за социјална заштита, како услуга од персонална асистенција. Времето од 80 часа месечно останува како и досега за испорака на услугата, кое може да се распредели согласно дневните потреби на корисниците, соопшти ресорното министерство.

Програмата, според Министерството, ги исполнува очекувањата и во наредниот период ќе се унапредува согласно искуствата од нејзината практична примена. Таа овозможува независен живот за лицата со попреченост, поддршка во спроведување на нивните секојдневни активности, но и можност за членовите на семејствата да се вклучат на пазарот на трудот или да имаат време за одмор, вклучување во културни, спортски и други секојдневни активности.

Слаѓана Стојкова Костоски

Close