Избрано

Палау прва земја на светот која забрани кремови за сончање

Западнопацифичката нација Палау стана првата држава која забрани многу видови кремови за сончање во обид да го заштити коралниот гребен од хемикалии за кои научниците велат дека предизвикуваат голема штета.

Њујорк Тајмс – Њујорк

19 ноември 2018

Западнопацифичката нација Палау стана првата држава која забрани многу видови кремови за сончање во обид да го заштити коралниот гребен од хемикалии за кои научниците велат дека предизвикуваат голема штета.

Со забраната, која стапува во сила во 2020 година, кремовите кои се „отровни за гребенот“ затоа што имаат најмалку една од десет забранети хемикалии, можат да им бидат одземени на туристите, а продавниците кои ги продаваат можат да бидат казнети со до илјада долари.

За штетата која коралните гребени во целиот свет ја трпат од климатските промени слушнал целиот свет, но научниците сега велат дека постојат сѐ повеќе докази дека хемикалиите од кремовите за сончање кои се мијат од пливачите или во океаните стигнуваат преку канализација, предизвикуваат голема штета.

Претседателот на Палау, Томи Ременгенсау, вели дека голем поттик за усвојување на забраната бил извештајот од 2017 година во кој се наведува дека кремовите за сончање „се многу распространети“ во езерото Медуза, едно од местата од списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Се проценува дека секоја година во океанот се таложат 14 илјади тони кремови за сончање. Експертите откриле дека дури и ниска концентрација на кремови за сончање во водата може да го запре развојот на младите корали, вели доктор Селина Вард, предавач за екологија и физиологија на корален гребен на Универзитетот Квинсленд во Австралија.

Студиите покажаа и дека хемикалиите во средствата за сончање можат да доведат до избелување на коралите и да ја нарушат репродукцијата на рибите затоа што влијаат врз нивните хормонални системи, додаде Вард.

Хемикалиите во кремовите за сончање можат да бидат „поголеми од климатските промени“ кога станува збор за предизвикување штети на коралите, вели Крег Даунс, извршен директор на Херетикус лабораторијата во Вирџинија, која се занимава со проучување на природната средина.

Даунс во 2015 предводеше тим кој откри дека оксибензонот кој се користи во кремовите за сончање влијае на растот на коралите и е отровен за алгите кои живеат внатре во гребените.

Во мај, Хаваите станаа првата земја која забрани продажба на средства за сончање кои содржат оксибензон или октиноксат, друга хемикалија за која научниците исто така веруваат дека е штетна за коралите. Забраната ќе стапи во сила во јануари 2021 година.

Кремовите за сончање кои не се биоразградливи се забранети во делови од Мексико. На плажата Ксел-Ха на ривиерата Маја, посетителите можат да ги заменат своите забранети кремови со некои кои не се штетни за коралите.

Сите средства за сончање не се отровни, но некои во кои ги нема овие хемикалии се многу скапи.

– Мислам дека облеката е најдобра алтернатива за кремот за сончање. Имаме пливачки одела за жешките лета кога е премногу жешко да се носи стандардно нуркачко одело. Покријте го целото тело со ликра – тоа е многу атрактивен изглед, изјави доктор Вард.

Производителите на кремовите за сончање не се единствени кои тврдат дека комерцијалните средства за сончање повеќе помагаат отколку што предизвиккуваат шета.

– Во овој момент истражувањето за влијанието на кремовите за сончање врз коралите е ограничено, вели Хедер Вокер, претседавач со Австралискиот национален совет за борба против рак на кожата.

– Наспроти тоа, постојат многу несоборливи докази дека средствата за сончање спречуваат рак на кожата. Во тој контекст, нивната забрана е преуранета. јт/

Таг
Back to top button
Close