МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

– Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе учествуваат на 15-от Виенски економски форум.

8:30/19 ноември/2018

– Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе учествуваат на 15-от Виенски економски форум. На форумот се најавени теми за интеграцијата во ЕУ на земјите од Западен Балкан, преку дигитализација до зголемување на регионална соработка.

–  Македонска делегација, предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери, учествува на 64-тата годишна сесија на Парламентарното Собрание на НАТО, што ќе се одржи во Халифакс, Канада.

–  Конференција за вмрежување на тема: „Женското претприемништво и предизвиците за интеграција во ЕУ“ ќе се одржи денеска во Скопје на која се најавени над 200  претставници од организации, владини институции и жени претприемачи од компании од Македонија и балканските земји.Конференцијата за вмрежување ќе содржи четири панел дискусии со претставници од различни министерства, институции, организации и компании, а предвидени се и Б2б средби помеѓу жени претприемачи од регионот.

– Собраниската Комсија за здравство денеска ќе одржи седница на која ќе расправа за Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита, во прво читање.

– Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година. На минатото рочиште беа сослушани три вешти лица од МВР, кои вршеле анализи и испитувања на неколку предметни возила. За случајот „Монструм“ во претходна постапка, предмет на анализа биле возилата „опел омега”, „голф 3″, „фолксваген пасат“, „пежо 306″ и „мазда 626″.

– Под мотото „Сите сме нивни деца“ Црвениот крст на град Скопје од денеска до 25 месецов ја одбележува Неделата на грижа за стари лица. Оваа активности е традицонална и се одбележува преку социјалниот сервис „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“, поддржан од град Скопје, Албиз Фондација и Шпаркасе банка.

–   Укинати се сите забрани и ограничувања на патиштата што беа предизвикани од снежните врнежи и сообраќајот е нормализиран на сите патни правци. Врнежите од снег се престанати на секаде. Диспечерскиот центар на ЈП „Македонија пат“ утринава соопшти дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а наместа со остатоци  од кашаст снег.

–  Времето во Македонија во утринските часови ќе биде променливо облачно, во источните делови се уште со локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините со снег.  Преку денот ќе биде сончево со умерена облачност, а во вечерните часови од запад облачноста повторно ќе се зголеми и во западните делови ќе има повремен дожд. Температурата ќе се движи во интервал од -2  до 14 степени. Во Скопје од 1 до 7 степени Целзиусови.

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска во Виена органзира средба на премиерите на земјите од Запаен Балкан, на која ќе присуствуваат и еврокомесарите за проширување и за дигитално општество, Јоханес Хан и Марија Габриел. Според најавата од Кабинетот на Курц, на средбата ќе присуствуваат премиерите на Албанија, Еди Рама, на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, на Косово, Рамуш Харадинај, на Србија, Ана Брнабиќ и на Црна Гора, Душко Марковиќ.

– Ширум Бугарија продолжија протестите против превисоките цени на горивото, зголемените трошоци за живот, сиромаштијата и корупцијата.На плоштадот во центарот на Софија се собраа повеќе илјади луѓе. Демонстрантите извикуваа „оставки“ и „референдум“, носеа бугарски знамиња и транспаренти на кои пишува „Народот против партиите“ и „Мораме да ги спречиме демографскиот колапс и геноцид во Бугарија“.

– Во Тирана денеска ќе допатува делегација на Венецијанската комисија со цел да се запознае со предлогот за покренување за процес на проверка на потеклото на имотот на политичарите и за нивна евентуална вмешаност во криминални активности. Шестчлената делегација, која ќе ја предводи почесната претседателка на комисијата Хана Сухоцка, ќе има средби со политички претставници во земјата.

– Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе допатува во Турција за да учествува на церемонија по повод завршувањето на проектот за поставување на гасоводот Турски тек по морски пат, јави агенцијата Анадолија. На церемонијата ќе учествува и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– Британската премиерка Тереза ​​Меј е уверена дека ќе успее да го склучи договорот за Брегзит на претстојниот состанок на Европскиот совет. Ова стои во нејзиниот говор што ќе го одржи денеска на Годишната конференција на главната британска организација на работодавачите – Конфедерацијата на британската индустрија (ЦБИ), во кој имале увид некои светски агенции.

– Земјотрес со интензитет од 6,9 степени според Рихтерова скала е регистриран во близина на брегот на островот Фиџи, соопшти Геофизичкиот институт на САД. Епицентарот на потресот се наоѓал на 253 километри југоисточно од градот Ламбаса, во кој живеат 28.000 луѓе.

– Стотици жители на мексиканскиот град Тихуана вчера одржаа протестен митинг против ијладниците централоамерикански мигранти, кои се наоѓаат таму со надеж за нов живот во САД. Затегнатоста во градот, кој се наоѓа до границата со САД, се зголеми со пристигнувањето на околу 3.000 мигранти во последните денови. Федералната Влада смета дека нивниот број може да достигне 10 илјади.

– Јеменските шиитски бунтовници Хути синоќа објавија дека ќе прекинат со нападите врз Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и нивните сојузници во Јемен. Најавата на Хутите уследи откако претходно арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека ја запира офанзивата врз главното јеменско пристаниште Ходејда, кое е под контрола на бунтовниците.

– Поранешниот претседател на Перу, Алан Гарсија побара политички азил во Уругвај неколку часа откако властите му забранија да ја напушти земјата додека се води истрага против него за корупција.

 

Back to top button
Close