МИА Радио флеш

МИА РАДИО ФЛЕШ

Со образложение на нацрт-амандманните на Уставот од страна на премиерот Зоран Заев, попладнево продолжи собраниската Комисија за уставни прашања.

16:00/7 ноември/2018

 

– Со образложение на нацрт-амандманните на Уставот од страна на премиерот Зоран Заев, попладнево продолжи собраниската Комисија за уставни прашања. Претходно, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара седницата да се пренесува во живо. Седницата на Комисија за уставни прашања може да трае 12 дена.

– АСНОМ не се брише од Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Тој ќе се содржи двапати. Во Преамбулата ќе се додадат и зборовите Охридски рамковен договор со што ќе се потврди историското значење  за нашата држава, истакна премиерот Зоран Заев во образложението на нацрт-амандманите на Уставот на денешната седница на Комисијата за уставни прашања.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија остануваат на барањето комисиската расправа за уставните измени да биде пренесувана во живо, изјави координаторото на пратеничката грипа Никола Мицевски. Тој посочи дека во живо била пренесувана седницата на Комисијата за уставни прашања кога се утврдувал предлогот за пристапување за измена на Уставот и оти оттаму не е јасно зошто не се пренесува во живо седницата кога се дебатира за предлог-амандманите.

– Со цел да се подобри достапноста на здравствените услуги за граѓаните во општина Неготино, матичните лекари ќе бидат вклучени во дежурствата во службата на Итната медицинска помош при Здравствениот дом, соопшти Министерството за здравство.

– Албанската полиција, во два одделни случаja, уапси двајца странски државјани барани со меѓународна потерница, јави дописничката на МИА од Тирана. На меѓународниот аеродром во Тирана уапсен е италијанскиот државјанин Александро Џорџи (41) баран со меѓународна потерница распишана од Интерпол-Франција.

– По одлуката на косовската Влада да ги зголеми царините за производи од Србија и Босна и Херцеговина за десет отсто, Европската комисија денеска побара итно објаснување и повлекување на мерката, јави дописничката на МИА од Брисел.

 Летонскиот претседател Рајмондс Вејонис го номинираше денеска претседателот на „Нова конзервативна партија“ Јанис Борданс за премиер и му даде рок до 21 ноември да се обиде да состави влада. Борданс, адвокат и поранешен министер за правда, и неговата „Нова конзервативна партија“ ја фокусираа својата кампања на потребата од борба против корупцијата.

 Грешка би било да се очекува промена во политиката на американскиот претседател Доналд Трамп после изборите на половина мандат во САД, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.

– Италијанската Влада денеска доби глас на доверба во Горниот дом на Парламентот откако Сенатот  го одобри контроверзниот предлог-закон. Гласањето за предлог-законот истовремено беше и гласање за доверба на Владата. 

– Претседателот на САД Доналд Трамп денеска во 16: 30 по Гринич ќе има прес- конференција за изборите  на средина на мандат. Претходно денеска, тој објави дека Републиканската партија имала „голема победа”, иако ја загуби контролата врз Претставничкиот дом.

 Изложеноста на одреден вид загаден воздух во раното детство може значително да го зголеми ризикот од развој на симптоми поврзани со нарушувања од аутистичен спектар (АСД), се наведува во новото истражување на научници од Универзитетот Монаш, објавено во „Сајанс алерт“.

 Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ реагира на пишувањата на медиумите кои во последниот период шпекулираа со негово враќање во Европа. Ибрахимовиќ вели дека нема планови да го напушти американскиот клуб, дури ни како позајмен играч на покус период.

Back to top button
Close