МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

14:30/ 28 ноември 2018

Скопје –  Најголемите огласувачи во Македонија во своите адвертајзинг буџети за наредната година да го зголемат делот предвиден за огласување преку домашните веб портали, бара Борис Ефтимовсаки, претседателот на ИАБ Македонија, која е дел од интернационалната мрежа IAB Worldwide со седиште во Њујорк, која преставува најголема глобална мрежа што ги обединува медиумите, маркетинг агенциите и огласувачите со цел развој на онлајн огласувањето.

– Очекуваме од домашните компании и медиски агенции во своите буџети за наредната 2019 година да издвојат поголем дел за дигиталните издавачи и македонски веб портали, пропорционално на импактот кој тие го имаат во секојневието на македонските граѓани, вели во пишана изјава Ефтимовски.

Неверојатно, како што дополнува, звучи податокот дека третата најголема национална телевизија има поголеми приходи од водечките 30 македонски веб портали заедно. – Овој сооднос помеѓу огласувањето на двата водечки канали, телевизијата и интернетот, е неприфатлив и целосно не одговара на улогата која веб порталите ја имаат во општеството во делот на информирање, едукација, забава и во севкупното поминато време на медиско конзумирање“.

Скопје – Во Макеоднија официјално се регистрирани 650 лица, кои не се евидентирани и кои немаат лични документи, а со тоа ниту можност за остварување на нивите основни граѓански права. Оваа бројка од 650 лица „фантоми“ е добиена како резултат на заедничката работа на Министерството за труд и социјална политика, Управата за водење матични книги, МВР, други надлежни институции, ОБСЕ, УНХЦР, невладини организации.

Во април бил упатен повик сите лица кои не се евидентирани да дојдат во подрачните единици на Управата и да пополнат прашалник за причините, поради кои не можеле тоа да го направат. На терен работеле и мобилни тимови кои ги рестирирале лицата без документи, а сега тие се внесени во посебен регистер во Упрсавата за водење матични книги и имаат посебен идетификациски број.

Сепак темната бројка на лицата без документи е од 1.500 до две илјади. Проблемот со кој се соочува Макеоднија е немањето правен начин да се реши проблемот на овие лица.

Скопје – Интерпатиската парламентарна група за интеграција, реформи и помирување на денешниот прв состанок постигнала согласност за формирање три работни подгрупи и за динамиката на работата на ова тело. Копретседавачот на телото, потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски, на денешната прес-конференција по состанокот истакна дека ваквите одлуки се донесени во интерес на процесите што претстојат, а со цел промовирање атмосфера на комуникација и соработка во контекст на ЕУ интеграциите. Трите работни подгрупи се однесуваат за реформи, интеграција и помирување. Овие три работни подгрупи ќе имаат можност и право да ја консултираат стручната јавност за прашањата кои ги дебатираат со што се дава инклузивност на целиот процес.

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која е исто така копретседавач со Координативното тело за помирување, истакна дека очекува забрзување на процесот на помирување, на реформите и на интеграцијата.

Таа потврди дека не постои нацрт закон и оти процесот во моментов е во фаза на изнесување предлози и сугестии за можни решенија во однос на амнестијата. Очекува што е можно побрзо разврска за настаните од 27 април.  Следниот состанок на Координативното тело ќе се одржи во петок, а на состанокот како што кажаа пратеничките ќе биде поканет и премиерот Зоран Заев да ги образложи своите гледишта, а кој веќе изрази желба да учествува во работата на ова тело.

Ташевска Ременски упати и апел до пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во работата на ова тело.

Скопје – Македонија во целост и навреме ќе ги заврши сите обврски кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика што беше донесен во мај годинава со што целосно ќе се отстрани пречката што го имаше земјава во делот на енергетската легислатива поради ненавременото носење на законот од поранешната власт, во кој требаше да бидат инкорпорирани одредбите од Третиот енергетски пакет, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешниот состанок на Парлементарниот пленумна Енергетската заедница во Скопје.

-Како резултат на новиот Закон за енергетика имаме отворен фронт за инвестиции на повеќе дејности кои треба да се спроведат во енергетскиот сектор…. Македонија е енергетски лимитирана земја и производството на електрична енергија во иднина може да се подобри само од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Недозволиво е Македонија како земја со голема сончева радијација во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи. За да се подобри состојбата новиот Закон предвидува да се помине од фидин на премиум тарифи, рече Анѓушев.

Тој посочи дека  на тој начин со три до четири милиони евра од Буџетот, би се овозможила изградба на фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати, а тоа како што рече ќе значи и заживување на градежништвото бидејќи за нивна изградба ќе треба да се реализираат работи во висина од околу 200 милиони евра.

Скопје –  Повеќе компании денеска добија статуетки, плакати и благодарници за практикување општествена одговорност на која се повеќе се посветени и малите и средни претпријатија.  На  овогодишниот конкурес беа пријавени 15 проекти на 13 мали и средни претпријатија и 23 проекти на 12 големи претпријатија.

За категоријата животна средина беа доделени четири статуетки  за проектите „Биди супер херој“ на   „Елкоелект“, „Хокус покус-рециклирањето е во фокус“ на „Пакомак“,  како и „Најголемата внатрешна градина во Европа“ на Адора инженеринг“ и проектот „За чист град пазари со нашата Мастеркард“ на „Охридска банка“.  Во категоријата однос кон вработените  со статуетка е наградена ЕВН Македнија за проектот „ЕВН Волонтира“, „Шпаркасе банка “ во категоријата односи на пазарот, а за вложување во заедницата добитници се проектите „Хуманитарна акција на уметнички дела“ на Универзитетот американ колеџ Скопје,  „Чист воздух – здрави деца во Битола“ на „Интервеоркс“ ДООЕЛ Битола и „Пријателство со специјална олимпијада Макеоднија“ на НЛБ Банка.

Признание за најинвентивна практика доби  ЕВН Македонија со проектот „ЕВН волонтира“

Според министерот за економија Крешник Бектеши, деловната заедница во Македонија станува комплетно свесна дека секоја водечка компнија треба да биде општестевно одговорна.

Скопје – Предлог-буџетот за 2019 година од денеска е на расправа пред  матичната Комисија за финансирање и буџет, која според Деловникот може да трае 10 работни денови.  Предлогот пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Вкупните приходи во државната каса, според предлогот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

Министерот потенцира дека Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

Скопје – На планинскиот превој Стража и во Маврово провејува слаб снег, но тој, како што информира Авто Мото Сојузот на Македонија, не се задржува на коловозот.

На планинскиот превој Плетвар, пак, поради магла има намалена видливост до 50 метри.

Од АМСМ апелираат до возачите внимателно да возат и да ја прилагодат брзината кон условите на патот.

Скопје – Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска на годишната конференција за европска економска интеграција во Виена порача дека долгорочен економски раст може да има само со здрави структурни политики.

– И покрај изразено приспособливата политика во посткризниот период, реалната конвергенција во земјите од регионот на Централна и Југоисточна Европа е забавена, што упатува дека монетарната политика не може да биде супститут за здрави структурни политики коишто се неопходни за зголемување на потенцијалот за долгорочен раст на економиите, истакна Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата за улогата на монетарната политика во процесот на реална конвергенција на економиите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) кон оние од еврозоната.

Во своето излагање, гувернерката на НБРМ истакна дека улогата на монетарната политика, првенствено треба да се однесува на превенција од ранливости во економијата и одржување на ценовната и финансиската стабилност, како неопходни предуслови за побрз раст.

Скопје – Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на наелението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ, се приоритетите за наредната година што се потврдени во Предлог-буџетот на РМ за 2019 година.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдоски денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за 2019 година пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет, додавајќи дека буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда, но и определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 17,7 милијарди денари во апсолутен износ, односно 2,5 отсто од БДП, што е во согласност со Фискалната стратегија на РМ за 2019-2021 година. Ова според министерот, претставува намалување на дефицитот за половина милијарда денари, односно од 2,7 отсто од БДП во 2018 година.

Приштина – Жители од српска националност од северно Косово започнаа денеска во северна Митровица нов протест против таксата од 100 отсто што ја воведе Владата во Приштина на увозот на производи од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова е трет протест од воведувањето на таксата, а косовските Срби велат дека ќе продолжат да протестираат се додека Владата на Рамуш Харадинај не ја повлече одлуката.

На денешниот протест, како што јавуваат медиумите, се приклучија и студенти и рудари од Трепча.

Приштина – Градоначалниците на шест општини со мнозинско српско население, што се наоѓаат јужно од реката Ибар, им изразија поддршка на четворицата колеги од северно Косово кои вчера поднесоа оставки, но порачаа дека нема да го следат нивниот пример, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението кое го пренесе Радио Слободна Европа, шестемината градоначалници велат дека решиле да не ги напуштат функциите поради „различните околности“ во нивните општини.

– Иако нема да ги преземеме истите мерки поради различните околности во кои живееме, ние солидарно ќе се бориме за да престане дискриминацијата и кршењето на човековите права на нашиот народ поради воведувањето на таксата од 100 отсто на производите кои се увезуваат од Србија, се вели во соопштението на Српската листа, партијата од чии редови доаѓаат градоначалниците.

Москва – Руската полиција претпладнево евекуираше неколку илјади лица од 10 трговски центри во Москва, поради добиени закани за поставени бомби во нив.

– Оперативните служби добија сигнали за бомбашка закана во 10 трговски центри. Од објектите се евакуирани неколку илјади лица, соопшти претставник на руската полиција.

Како што јави ТАСС, во моментов реоните околу трговските центри се блокирани од полицијата, чии припадници ги проверуваат објектите.

Меѓу евакуираните трговски центри се и „Цветној“, „Атриум“, „Магаполис“, „Капитолиј“, „Хорошо“ и „Горбушкин Двор“.

Мадрид – Кина ќе им дозволи на странските инвеститори пристап до кинескиот пазар и ќе ја засили заштитата на интелектуалната сопственост, најави во Мадрид кинескиот претседател Си Џинпинг.

Во обраќање пред членовите на Горниот дом на шпанскиот Парламент, Си посочи дека Кина планира во следните пет години да увезе стоки во вредност од 10 трилиони американски долари.

– Кина ќе вложи напори уште повеќе да ги отври своите врати кон надворешниот свет и ќе се обиде да го рационализира пристапот до нејзиниот пазар во области како што се инвестициите и ззаштитата на интелектуалната сопственост, нагласи кинескиот претседател.

Back to top button
Close