МИА Општински пул

МИА ОПШТИНСКИ ПУЛ

МИА ОПШТИНСКИ ПУЛ

14:30/2 ноември 2018

Струга – Во Полициската станица во Струга било пријавено дека две лица  на улицата „Партизанска“, вршат испукување со пушка према езерото. СВР Охрид денеска соопшти дека известувањето стигнало на 31 октомври оваа година, во 15 часот и 10 минути.

Скопје – Реконструиран е делот за јасли во градинката „Ташко Караџа“ во Општина Бутел. Комплетно е заменета бетонската плоча со површина од 800 квадратни метри, со што е решен проблемот со тонењето на старата плоча. Од општината информираат дека е сменет и мебелот, односно сменети се креветчињата и тоалетите, а ставени се и ПВЦ-прозори.

Богданци – Од гевгелиската подружница на ЕВН Македонија денеска соопштија дека утре од 7 до 17 часот прекин во снабдувањето со струја ќе имаат домаќинствата и сите стопански објекти во Богданци и населените места Стојаково и Селемлија поради итни интервенции кои треба да се извршат на високонапонските водови. Екипите на ЕВН кои ќе работат на терен соопштија дека нормално снабдување со електрична енергија во општина Богданци утре ќе имаат само жителите на селото Ѓавото и стопанските објекти лоцирани на излезот од Богданци кон Гевгелија.

Виница – Општинската библиотека „Ванчо Прке“ од Виница ја организираше промоцијата „Блаже Конески во творештвото на Стојчевска-Антиќ“ на која беше претставена книгата “Мојот професор, пророк“ од универзитетската професорка Вера Стојчевска-Антиќ. Настанот се одржа во рамки на одбележувањето на Месецот на книгата, а за едно од најпромовираните дела на Стојчевска-Антиќ зборуваше професорката по македонски јазик и литература, Тања Анакиева Давитковска.

Штип – Штипскиот регионален училишен центар СОУ „Коле Нехтенин“ се подготвува да биде домаќин на државниот натпревар „Лидер на струка“, во кој ќе учествуваат учениците од сите угостителски струки во земјава. Наставникот, Горан Антониевски на денешната прес-конференција истакна дека натпреварот е во организација на Министерството за образование, а ќе се одржи по петти пат во декември. Во меѓувреме учениците од струката готвачи од два меѓународни натревари, што се одржаа во Босна и Херцеговина и во Струмица се вратија со бронзени и златни медалји.

Струмица – Неизвесно е дали осум ученици распоредени во три тимови и двајца нивни ментори од струмичката гимназија „Јане Сандански“ ќе учествуваат на Светскиот шампионат по англиски јазик, што треба да се одржи на престижниот американски универзитет Јеил во Њу Хевн од 13 од 22 овој месец, беше соопштено на денешната прес конференција. Причина за тоа е што на десет дена пред заминувањето тие ги немаат обезбедени потребните 14 илјади долари.

Кичево – Кичевското ЈП „Комуналец“ годината ќе ја заврши во позитива. Во првите девет месеци, како што информира раководителот на финансискиот сектор на претпријатието Ардит Рамадани, во изминатите девет месеци има позитивни финансиски резултати со добивка од околу седум милиони денари. На седницата на Советот на општина Кичево, каде на дневен ред беше третиот квартален извештај на претпријатието, тој додаде дека до крајот на годината ќе варира добивката бидејќи претпријатието има некои неподмирени обврски.

Ресен –  Општина Ресен денеска почна со исплатата на штети настанати од земјотресот минатата година. Општинската прес-служба во изјава за МИА потврди дека ќе бидат обесштетени сите 114 подносители на барања за штетата направена од земјотресот во 2017 година.

Македонска Каменица – Денеска во дворот на гимназијата Миле Јаневски – Џингар во Македонска Каменица  беше пуштен во употреба спортски терен со тартан подлога кој е прв од ваков вид во Источна Македонија. Изградбата на теренот се реализираше на иницијатива на општина Македонска Каменица преку заеднички проект со Рудник САСА.

 

 

Back to top button
Close