МИА Флеш

МИА ФЛЕШ

Скопје – Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, каде меѓу обвинетите е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија каде што побарал политички азил.

10:00/14 ноември/2018

Скопје – Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство, каде меѓу обвинетите е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија каде што побарал политички азил.

Одржувањето на денешното рочиште е неизвесно бидејќи Груевски неколку дена е недостапен за полицијата, а од понеделникот попладне тој се бара и со потерница заради издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“.

Скопје– Сојузот на Здруженијата на дијабетичари на Македонија денеска под мотото „семејството и дијабетесот“, ќе го одбележи Светскиот ден на дијабетесот.

На настанот, што ќе се одржи во НЛБ Банка – Галерија, најавено е обраќање на министерот за здравство Венко Филипче.

Скопје – Откако полицијата распиша национална потерница и почна да спроведува акции за пронаоѓање на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, тој се огласи на својот Фејсбук профил во кој вели дека е во Унгарија, каде што побарал политички азил од тамошните власти и истакна дека секогаш ќе остане верен на каузата на Македонија.

Информацијата дека Груевски е во Будимпешта вчеравечер ја потврдија министерствата за внатрешни и за надворешни работи, а МВР распиша и меѓународна потерница.

Скопје –  Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов денеска ќе извршат увид во реконструкцијата на автопатската делница Велес – Градско.

Предвидена е реконструкција на делницата Велес-Градско и обратно, во должина од 20,2 километра.

Скопје – Делегација на Република Малта предводена од премиерот Џозеф Мускат денеска ќе престојува во официјална посета на Република Македонија.

Делегацијата, со највисоки државни и воени почести, ќе биде пречекана на платото пред македонската Влада од страна на премиерот Зоран Заев.

Скопје – Во Универзалната сала денеска ќе се одржи конференција, каде граѓаните и професионалната јавност ќе бидат информирани за значењето на титулата Европски град на културата, начинот и процесите до поднесување на апликацијата за таа престижна европска титула.

Настанот ќе се одржи по повод интересот на Град Скопје да се кандидира за Европска престолнина на културата во 2028 година.

Скопје – Во Кривичниот суд треба да се одржи рочиште за случајот „Тревник“, каде обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Велес – Велешкиот народен  театар „Јордан Х К Џинот“ денеска со три претстави од претставата за  деца „Заспаниот супер херој“, по текст и режија на Младен Крстевски, ќе гостува  во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш.
„Заспаниот супер-херој“ е театарска продукција на Велешкиот театар наменета за најмладата публика која театарот ја реализира од сопствени средства. Претставата на атрактивен и интерактивен начин ја следи приказната за Ицо и Гицо кои со помош на нивниот супер-херој и волшебникот ја спасуваат својата другарка Пинипу од рацете на лошиот вештер,појаснува Крстевски.

 

Скопје – Минус пет степени изутринава се измерени во Берово, минус два во Скопје и Битола, а минус еден во Тетово. Во другите населени места утринската температура е над нулата, а максимални осум степени се измерени во Дојран.

Утрово времето во Македонија е ведро, тивко и релативно студено. Во струмичката котлина има појава на  магла но небото е видливо, а во битолската  и скопската котлина има појава на  слаба магла. Појава на магла има и во Берово.

Скопје – Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, ноќеска се приведени и пренесени во затворот „Шутка“.

Одлуката за приведување ја донел Кривичниот суд на барање на Специјалното јавно обвинителство.

Охрид – Спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ“ доби сертификат со три ѕвездички од Европската атлетска федерација, за квалитет на трка и организација на настан.

Рангирањето со три ѕвезди претставува успех за организаторот и атлетскиот настан, уште повеќе што тоа е стекнато веќе со второто издание на овој сега најмасовен спортско-рекреативен настан во Охрид.

Скопје – Мерка притвор од 30 дена им е определен на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, соопшти утринава Основниот суд Скопје 1.

– Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителствот за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за определување мерки за обезбедување присуство против М.Ј. и К.Б. опфатени во предметот со КОК бр. 7/18 од обвинителството означен како „Титаник“, по ценење на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 точка 1. од ЗКП односно „ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство, се наведува во соопштението.

Кичево – Во НУЦК „Кочо Рацин” во Кичево синоќа се одржа хуманитарна претстава во организација на градскиот Црвен крст на Кичево и гимназијата „Дрита”, а средствата ќе бидат наменети за помош на социјално ранливи семејства.
– Целта беше да помогнеме и поради тоа ја оганизиравме оваа претстава во соработка со Црвениот крст. Средствата од продадените карти, кои беа со симболична цена, ќе бидат наменети за помош на оние семејства кои имаат потреба, вели кординаторот на оваа вечер Валдете Адили.

 

Куманово – Интезивно миење на улиците во централното градско подрачје во Куманово почна од синоќа, како дел од мерките што ги преземаат општинските власти за намалување на загадувањето.

-Со две цистерни ги миеме улиците и булеварите, согласно насоките од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово кои произлегуваат од истражувањата за нивото за загаденост во градот, извршени во пролетните месеци. По кој знае кој пат ја исчистивме и депонијата пред влезот на населбата „Перо Чичо“, бидејќи имаше критики од јавноста дека сметот го палат несовесни граѓани. Повторно презедовме акција за расчистување, иако пред само еден месец депонијата беше исчистена, изјави директорот на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.

Скопје – Шест лица се здобиле со лесни телесни повреди во шест сообраќајни незгоди што се случиле изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје. Во една сообраќајна незгода е причинета материјална штета.

Според полицискиот извештај, 33 возачи се движеле со поголема брзина од дозволеното, еден возач бил  под дејство на алкохол, шест возачи пред да се стекнат со правото за управување на моторно возило, а од сообраќај бил исклучен и еден почетник.

Скопје –  „Воведување на корпоративните иновации во Македонија“ е темата на панел дискусијата која ќе се одржи денеска во Скопје како дел од Светската недела на претприемништво.

Целта e поврзување на најразвиените компании од областа на информатичките технологии, fin-tech и BigData со најуспешните старатапи во Македонија и соседните земји, преку кое ќе можат да разменат искуства и мислења и да создадат потенцијали за идна соработка.

Делчево– Изготвена е приоритетна листа на одржување локални патишта во зимски услови, беше речено на координативниот состанок што го организираа Регионалниот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување со одговорните од општините Делчево и Македонска Каменица, јавните комунални претпријатија, Полициската станица Делчево и одговорно лице од ЈП „Македонија пат“ .
Според Николина Петровска-Мавродиева од Општина Делчево, листата предвидува одржување патишта со асфалтен коловоз од 82,5 километри, патишта со коловоз макадам од 42 километра и улици со асфалтен коловоз во должина од 38,5 километри, а надзор на работите ќе врши Одделението за инспекциски надзор при Општината.

 

Скопје – Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска изјави дека не очекува мерките за претпазливост што и ги изрече судот да бидат преиначени во притвор.

– Јас имам определено мерки за претпазливост, ги почитувам и не постои никаква причина да бидат преиначени, рече Јанкулоска пред денешното рочиште за предметот „Титаник“, одговорајќи на новинарско прашање дали очекува да и биде изречена мерка притвор како на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

 

Атина – Синдикатот на вработените во јавниот сектор во Грција (АДЕДИ) за денеска закажа 24-часовен штрајк, во кој учествуваат и лекарите и болничарите од државните болници, наставниците и воспитувачите и вработените во општините.

Поголеми плати и пензии, укинување на воведениот данок на сопственост, постепено враќање на 13-та и 14-та плата, намалување на ДДВ-то, запирање на приватизација на државни организации, се дел од барањата на синдикатот, јави дописничката на МИА од Атина.

Лондон – Британската премиерка Тереза Меј денеска ќе ја предупреди Владата дека Обединетото кралство ќе треба да се подготвува за Брегзит и без договор доколку до 1 декември не биде постигната согласност со ЕУ, објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на владин претставник.

Се очекува Меј да им порача на министрите дека доколку не го поддржат нејзиниот предлог за Брегзит нема да се случи планираната средба на лидерите на ЕУ на која треба да се одобри договорот за излегувањето на земјата од Унијата.

Москва – Полицијата во Москва е во загуба поради над пет милиони неплатени сообраќајни казни, откако поради технолошки проблеми се загубени имињата и адресите на возачите.

До ненадејниот колапс на системот веројатно дошло по неодамнешниот потег на Русија да воведе сообраќајна полиција во сите региони.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел изрази загриженост поради се поприсутните аспирации за вртење грб на мултилатерализмот и насочување кон сопствената земја, додавајќи дека предизвиците на денешницата државите не можат да ги совладаат поединечно.

Меркел, во своето синоќешно обраќање на свечената вечера во организација на весникот „Зидојче цајтунг“, истакна дека сега го одбележуваме завршувањето на Првата светска војна, по која многу брзо следеше и Втората, а, како што рече, знаевме што ќе се случи оти луѓето не се почитуваа, туку понижуваа, треба да се види дали нешто сме научиле од страшното минато.

Рејкјавик – Властите на Исланд соопштија дека е сè поголем бројот на малолетни лица во таа земја кои влегле на пазарот на труд.

Според тамошните медиуми, во 2011 година платена работа извршувале 56 отсто од лицата на возраст од 17 години, а во 2018 година нивниот број се искачи на 68 проценти.

КоломбоПарламентот на Шри Ланка изгласа недоверба на Владата, предводена од Махинда Раџапакса, поранешен авторитарен лидер, кој минатиот месец положи заклетва како премиер.

Резултатот од гласањето, предложено од опозицијата, може да значи дека Раџапакса треба да поднесе оставка.

Женева – Епидемијата на колера во Конго ќе трае уште најмалку шест месеци, изјави епидемиологот Питер Салама, заменик генерален директор на Светската здравствена организација.

Тој вели дека импровизираните здравствени објекти, кои нудат и традиционални и современи методи на лекување, станале главен извор за пренесување на болеста.

ЊујоркСоветот за безбедност на ОН синоќа на затворена седница разговараше за растечкото насилство во Газа, но не постигна согласност како да се реши ситуацијата.

Палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур, по 50-минутната седница, изјави дека Советот е „парализиран и не успеал да ја преземе одговорноста” за да стави крај на насилството.

Вашингтон – Првата дама на САД Меланија Трамп побара Белата куќа да ја прекине соработката со заменичката советник за национална безбедност Мира Рикардел, изјави портпаролката на Канцеларијата на сопругата на американскиот претседател Стефани Гришам.

Рикардел, којa беше ангажиранa во април од страна на советникот за национална безбедност Џон Болтон, наводно се судрила со членовите на персоналот на првата дама околу седиште во авионот при неодамнешната посета на Меланија Трамп во Африка.

Вашингтон – Претседателот Доналд Трамп го номинира за американски амбасадор во Саудиска Арабија генералот од резерва Џон Абизејд, поранешен командант на Централната команда на САД.

Местото е испразнето од јануари 2017 година.

 

Back to top button
Close