МИА Флеш

МИА ФЛЕШ

10:00/13 ноември/2018

Скопје – Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

По тој повод, градоначалникот Петре Шилегов ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Скопје – Предлог-буџетот за 2019 година што ќе тежи 3,7 милијарди евра предвидува пари за повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството.

Со Предлог-буџетот, што вчера го презентираше Министерството за финансии пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, предвидени се повисоки плати за 10 проценти за лекарите специјалисти од јануари следната година и уште пет проценти во септември за сите лекари. Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници и вработените во администрацијата, но не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор.

Скопје – Во рамките на соработката со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за унапредување на податоците за населението, вклучувајќи го и Пописот на населението, Државниот завод за статистика денеска организира средба со уредниците на медиумите во Македонија.

На средбата, меѓународниот експерт за пописи, Вернер Хауг, ќе ги презентира меѓународните стандарди за спроведување на попис на населението, а директорот на Државниот завод за статистика ќе ги претстави активностите што ги презема Заводот во врска со подготовките за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите во РМ. бк/сд/

Скопје – Поранешниот премиер Никола Груевски и натаму е недостапен за полицијата која трага по него за да го спроведе на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.

Засега нема информации дали МВР го лицирало Груевски. Од МВР велат дека полицијата продолжува да постапува по распишаната потерница и дека ќе ја информираат јавноста штом ќе имаат конкретни сознанија.

Скопје – Во Кривичниот суд за денеска закажани се нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Титаник 2“, „Титаник 3“ и „Тарифа“.

Судијата Огнен Ставрев на последното рочиште за „Титаник 2“  најави дека денеска ќе бидат разгледани новите докази што ги достави обвинетиот Бедредин Ибраими во случајот „Титаник 2“, а кои се однесуваат на исказите што ги дал во ОЈО кога предметот бил во тоа обвинителство.

Скопје – Регионална конференција на тема  „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на еврејските заедници“ ќе се одржи денеска во Скопје во коорганизирана од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР, Еврејската заедница во Република Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Како што соопштија од МНР, на отворањето на конференцијата свое обраќање ќе имаат: министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо-Николиќ, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Клеменс Која и проектниот менаџер во ОДИХР, Илан Кохн.

Скопје – По повод 74 години од ослободувањето на Скопје, „Арс Либрис“ вечер од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ ќе ја промовира монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ од Ерина Богоева која содржи 80-ина фотографии.

Во фокусот на авторката се 30 објекти од јавен и резиденцијален карактер, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово.

Скопје – Во пресрет на донесувањето на буџетот на Република Македонија за 2019 година, Стопанската комора на Македонија ја продолжува практиката за запознавање на стопанствениците со предвидувањата за макроекономската политика за наредната година.

По тој повод, Стопанската комора на Македонија денеска ја организира Втората годишна конференција, на која министерот за финансии Драган Тевдовски, со претставници од Министерството за финансии ќе ги презентираат проекциите во Буџетот на Република Македонија за 2019 година и планираните макроекономски остварувања.

Велес – Со презентација на реализирани активности и остварени цели Здружението на лица заболени од дијабетес „Шеќерче – Lollipop“ од Велес ќе го одбележи Свесткиот ден за борба против дијабетесот 14 Ноември.

Во рамки на одбележувањето ќе се одржи дебата на тема  „Семејството има дијабетес или Дијабетесот има семејство“, а ќе бидат додели призананија за сите активни партнери, соработници и донатори на Здружението.

Скопје – Во Скопје денеска во организација на Министерството за информатичко општество и администрација ќе се одржи Првата годишна конференција на Мрежата за управување со човечки ресурси.

Конференцијата, како што е најавено, ќе ја отворат министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн и државниот секретар на МИОА, Јахи Јахија.

Скопје – Регионална конференција „Справување со антисемитизмот и адресирање на безбедносните потреби на еврејските заедници“ ќе се одржи денеска во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.

Како што соопшти МНР, на конференцијата ќе се обратат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, претседателката на Еврејската заедница во Република Македонија, Берта Романо-Николиќ, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која и проектниот менаџер во ОДИХР Илан Кохн.

Скопје –  Втор есенскиот базар на домашни ракотворби ќе се одржи денеска во општина Бутел по повод ослободувањето на Скопје.

На базарот, како што информираат од општината, ќе учествуваат повеќе од 20 ракотворци од Македонија, Србија, Турција, Босна и Херцеговина, Албанија и од Косово.

Скопје – Црвен крст на Град Скопје, со поддршка на Општинската организација на Црвен крст Карпош, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје организира крводарителска акција.

Акцијата ќе се реализира во просториите на Дневниот центар за дарување крв на Црвен крст на Град Скопје во ДХО Даре Џамбаз во периодот од 9:00-17:00 часот.

Скопје – Договорите со Грција и со Бугарија се голем напредок, но очекуваме такви чекори и со другите реформи, особено во судството, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар.

Жбогар во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат оцени дека има одредени поместувања во состојбата на службите за разузнавање, особено со ставање во употреба на агенцијата за следење на комуникациите, како и по најавите за реформи во самата УБК.

Скопје  – Еден пешак и еден патник во автобус се здобиле со тешки телесни повреди, а осум лица се здобиле со полесни повреди во 14 сообраќајни незгоди што се случиле изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје. Во шест сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.

Според полицискиот извештај  53 возачи се движеле со поголема брзина од дозволеното, еден возач возел под дејство на алкохол, 10  возачи возеле пред да се стекнат со правото за управување на моторно возило, а од сообраќај бил исклучен и еден возач почетник.

Скопје – Најстудено утрово е во Берово каде е измерена температура од -4 степени, а најтопло е во Дојран, 8 степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Во Скопје-Петровец измерени се  -3 степени, -2 се бележат во Струмица, -1  во Тетово и Демир Капија, нула во Прилеп, Куманово и Маврово, 1 во Скопје-Зајчев Рид, Гевгелија, Дебар и Крива Паланка, 2 во Штип, Лазарополе и Претор, 3 во Охрид и Крушево, 4 во Пожаране, 5 во Тополчани и Виница, а 6 степени во Ѓуриште.

Скопје – Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.

Случајот се наоѓа во доказна постапка.

Скопје – Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ нема да ги поскапи билетите за градски превоз, независно од порастот на цената на нафтените деривати.

– Пласираните информации во одредени медиуми дека поскапуваат билетите ги оценуваме како неосновани и паушални. Ниту сме побарале, ниту планираме да побараме корекција, односно зголемување на цената за користење на јавниот превоз, изјави за МИА директорот на ЈСП „Скопје“, Кристијан Чушков.

Атина –„ПЈРМ: Се бара Н. Груевски – потерница за поранешниот премиер“; „Потерница за Груевски во ПЈРМ“; „Исчезнат“ поранешниот премиер на Скопје“; „Никола Груевски недостапен за органите на прогонот“; „Потерница по Никола Груевски“, се дел од насловите во електронските изданија на грчките медиуими за издадената национална потерница за пораншениот македонски премиер Никола Груевски, јави дописничката на МИА од Атина.

Речиси сите онлајн медиуми во Грција ја пренесоа веста објавена од грчката новинска агенција АНА-МПА.

Скопје – Времето во Македонија ќе биде сончево. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува ветер од источен правец. Утринската температура ќе се движи од минус пет до два, а дневната од 13 до 21 степен.

Во Скопје сончево, со слаб ветер од источен правец. Утринската температура ќе се спушти до минус еден, а дневната ќе достигне до 17 степени.

Приштина – Лидерот на Движењето Самоопределување Албин Курти му порача на претседателот на Косово Хашим Тачи дека со неговиот руски колега Владимир Путин може да договара само за да добие политички азил во Русија, јави дописникот на МИА од Приштина.

– По многуте отстапки што ги направи кон српскиот претседател, Александар Вучиќ, Тачи се слика со Путин. Тој може да се договара со него само за неговото лично барање за политички азил во Русија, напиша Курти на својата страница на Фејсбук.

Брисел – Европската комисија денеска ќе ги претстави извештаите за напредокот на Бугарија и Романија според Механизмот за верификација и соработка.

Веднаш по приемот во Европската унија на 1 јануари 2007 година на Бугарија и Романија беше воспоставен Механизмот за верификација и соработка, со чија помош се оценува како тие две земји ги исполнуваат своите обврски во областите на правосудството и борба против корупцијата. Во рамките на овој механизмот Европската комисија редовно објавува извештаи.

Атина – Непознати лица рано утрово поставиле бомба пред домот на грчки јавен обвинител, а експлозивниот механизам најверојатно поради грешка на сторителите, не експлодирал, јави дописничката на МИА од Атина.

Околу четири часот утрово, преку анонимен телефонски повик во информативниот портал „Зугла“ и весникот „Ефимерида тон синдактон“, непознато лица информирало за точната адреса каде што била поставена бомбата и рекло дека за 20 минути ќе експлодира.

Анкара – Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник од редовите на владејачката Партија на правда и развој Ахмет Демирџан во турскиот Парламент поднесе предлог-закон со кој треба да се стави крај на илегалната трговија со органи.

Турскиот парламент неделава ќе расправа за предлог-законот, со кој ќе се дефинираат условите за донирање и примање органи за трансплантација. Потребата од тој закон произлегува по се позачестените извештаи во медиумите за Турци кои продаваат бубрег на црниот пазар.

Приштина – Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го предупреди претседателот на државата Хашим Тачи дека може да биде разрешен и да одговара за кршење на Уставот и законите доколку во дијалогот со Србија потпише договор со кој ќе се повреди територијата на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај во интервју за телвизијата Т7 синоќа изјави дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), без двоумење ќе гласа за разрешување на Тачи доколку се согласи за промена на границата или размена на територии со Србија и дека истото ќе го сторат и другите парламентарни партии.

Лондон – Британската премиерка Тереза Меј изјави синоќа дека преговорите за излез на нејзината земја од ЕУ, кои се водат меѓу Лондон и Брисел, се „исклучително тешки“, но оти „ сега се во финишот“.

-Тоа нема да биде договор по секоја цена, нагласи Меј, во обраќањето пред претставниците на власта на градот Лондон на годишниот прием на градоначалникот.

Москва – Рускиот опозиционер Алексеј Навални тврди дека му е забрането да ја напушти Русија.

-Дојдов на аеродром. Летам да ја слушнам одлуката на Европскиот суд за правда, меѓутоа ми го земаа пасошот за да извршат посебни проверки, напиша Навални на Твитер, додавајќи дека од полицијата му соопштиле оти не може да ја напушти Русија.

Парадаjз – Бројот на загинати во пожарот во северна Калифорнија се зголеми на 42 лица, со што стана најсмртоносниот во историјата на Калифорнија, изјави вчера шерифот на округот Бут.

Последните податоци беа објавени откако властите ги открија останките на уште 13 жртви на огнената стихија.

Вашингтон – Северна Кореја поседува најмалку 13 тајни бази со балистички ракети, способни да носат нуклеарно оружје, се наведува во вчера објавениот извештај на вашингтонскиот тинк-тенк Центар за стратешки и меѓународни студии.

Авторите на извештајот се повикуваат на извори од разузнавачките служби на неколку држави, тврдења на севернокорејски бегалци, јавни информации и сателитски снимки.

Брисел – Обединетите нации, Европската унија и Русија ги повикаа Палестинците и Израелците да ја запрат брзата ескалација на насилства во Газа во последните 24 часа.

– Нова војна во Газа би била неверојатна трагедија. Мораме да ја избегнеме по секоја цена, изјави синожа во Париз генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Лима – Поранешниот претседател на Перу Алберто Фуџимори и тројца министри за здравство од неговата администрација обвинети се за присилна стерилизација на 2.116 луѓе, соопшти здружение за правата на жените.

Дуџимори, кој издржува 25-годишна затворска казна, е обвинет дека во периодот од 1996 до 2000 година, биле стерилизирани 272.028 жени и 22.004 мажи, од кои во 2.166 случаи постапката е извршена без согласност на оштетените или без да им бидат дадени соодветни информации. Станува збор за припадници на сиромашната заедница Кечуа.

 

Back to top button
Close