ИнтервјуПолитика

Генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на АРМ

Високите воени претставници на Воениот Комитет на НАТО, најстарото и највисоко воено советодавно тело во Алијансата, на 6 и 7 ноември годинава за првпат ќе ја посетат Република Македонија и ќе се запознаат со плановите и развојот на способностите на АРМ, како и со состојбата и подготвеноста на дел од декларираните армиски единици, истакна началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во интервју за МИА. Посетата, според генералот, претставува уште една важна потврда дека АРМ е на вистинскиот пат во исполнувањето на потребните критериуми што се бараат од неа за членство во НАТО.

Скопје, 2 ноември 2018 (МИА) – Високите воени претставници на Воениот Комитет на НАТО, најстарото и највисоко воено советодавно тело во Алијансата, на 6 и 7 ноември годинава за првпат ќе ја посетат Република Македонија и ќе се запознаат со плановите и развојот на способностите на АРМ, како и со состојбата и подготвеноста на дел од декларираните армиски единици, истакна  началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во интервју за МИА. Посетата, според генералот, претставува уште една важна потврда дека АРМ е на вистинскиот пат во исполнувањето на потребните критериуми што се бараат од неа за членство во НАТО.

Генерале, пред околу два месеца бевте назначен за прв човек на армијата, односно за началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Во каква состојба е армијата, со оглед на тоа што  една од вашите претходни должности беше на местото прв човек на највисокото тело на АРМ, Здружената оперативна команда и на пСО?

Како што истакнав во моето обраќање по повод примањето на оваа највисока должност во Армијата на Република Македонија, како единаесетти по ред началник на Генералштабот на АРМ, ние припадниците на Армијата сме научени и воспитани како вистински професионалци да имаме разбирање за состојбите и можностите на државата. Како и досега ќе продолжиме да ги извршуваме секојдневните задачи со постоечките средства, со кои што располагаме, секако со верба и очекување на подобрување на материјалниот фактор. Извршувањето на моите претходни должности на чело на најголемите и најангажирани оперативни команди во АРМ, секако ми помага во подоброто познавање на состојбите и можностите на командите и единиците на АРМ, пред се, во капацитетот на персоналот кој е двигател на сите досегашни успеси, високото ниво на борбена подготвеност  и  достигнатата доверба во АРМ од страна на граѓаните. Со ова сознание е и мојата верба дека со секое  подобрување на материјалниот фактор ние уште подобро ќе ги извршуваме со устав и закон дадените задачи.

Министерската за одбрана најави зголемување на Буџетот на армијата. Може ли да се очекува тие средства да бидат наменети за опремување на АРМ со современи технички системи и нејзина модернизација. Што ќе биде приоритетно, односно кое вооружување и воена опрема и е неопходна на нашата војска?

Министерството за одбрана како правен субјект задолжен за буџетирањето и опремувањето на армијата и првите луѓе кои го водат ова министерство е главната сврзувачка алка со институциите во рамки на Владата, каде согласно планирањата се одобруваат средствата според приоритетите. Најавеното постепено, но постојано, зголемување на буџетот е проектирано и во стратегискиот одбранбен преглед и прифатен од сите државни структури како еден од условите за членство во Алијансата. Се разбира дека согласно проекциите на зголемување на буџетските средства за армијата, Генералштабот на АРМ ги планира и побарува приоритетно оние материјално технички средства , вооружување и опрема со кои оптимално ќе може да ги извршуваме задачите и ги обезбедиме способностите за извршување на мисиите и интероперативноста со НАТО стандардите во опремувањето. Пред се тоа се средства и опрема за нашите декларирани единици кои досега на највисок можен начин со оценувањата согласно НАТО концепот за оперативни способности ја докажуваат нашата подготвеност. Исто така би напоменал дека согласно современите текови во областа на сајбер безбедноста ќе се даде соодветен пристап во планирањето за набавки на современи комуникациски системи за подобра сајбер одбрана и информациска безбедност.

Со какви човечки ресурси располага армијата? Во последните години имаше голем одлив од војската, а немаше ниту, пак, поголем интерес за нови вработување. Имате ли стратегија како да се привлечат младите да конкурираат за професионални војници?

Како што напоменав претходно Армијата на Република Македонија може да се гордее со своите припадници, кои го претставуваат најголемиот потенцијал од формирањето на АРМ до денес, и кои со посветеноста, ентузијазмот и мотивираноста ја прават Армијата да биде со најголема доверба кај граѓаните. Затоа е потребно и постојано да се вложува во персоналниот менаџмент. Министерството за одбрана како одговорно за персоналниот менаџмент и привлекување на младата популација работи во координација со ГШ на АРМ и во моментов вторпат годинава се врши популаризација на воената професија низ средните училишта низ републиката. Во однос на одливот на припадниците на АРМ по сите основи тој во досегашниот период од оваа година изнесува 197 припадници на АРМ во сите категории (офицери, подофицери и професионални војници) и по сите основи (пензионирање, по сопствено барање, смртни случаи, по основа на неоправдано отсуство, истекување на договор на професионални војници и други). Тој тренд на одлив е рефлексија на состојбата во овој домен и во стопанството и државните институции. Притоа да напоменам дека во текот на 2018 година се изврши прием на 250 професионални војници и 26 офицери, а се очекува да се распише конкурс за прием на уште 125 професионални војници. Во иднина согласно долгорочните определби до 2028 година се стреми кон поефикасно менаџирање со персоналот со поголема ефективност на помала бројна состојба. Преку поедноставување на системот на плати и надоместоци и секако најавеното континуирано подобрување на финансирањето на одбраната до достигнување на проектираните два проценти од БДП ќе се придонесе за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ, а со тоа и ќе ја направи оваа благородна професија попривлечна за младата популација во Република Македонија.

Македонија од 2002 година учествува во мисии. Ќе продолжи ли АРМ активно да учествува?

Армијата на Република Македонија првото учество во мировните мисии го започна во 2002 година со испраќање на свои припадници во мировната мисија „ИСАФ“ во Авганистан, во која се до нејзиното завршување на крајот на 2014 година учествуваа речиси 3.000 припадници, при што во одредени периоди како 2010 година нашето учество споредбено по глава на жител беше меѓу најголемите придонесувачи во мисијата. Во овој момент имаме 55 припадници на АРМ кои извршуваат должности во мисите „Одлучна Поддршка“ во Авганистан, АЛТЕА во Босна и Херцеговина и „Унифил“ во Либан. Веднаш би сакал да напоменам во контекст на вашето прашање дека деновиве го зголемивме нашето учество за уште два припадника на АРМ во мировната мисија на обединетите нации „Унифил“, како и дека оваа година за 20 отсто го зголемивме учеството во мисијата „Одлучна поддршка“, што значи дека не само што продолжуваме да учествуваме во мировните мисии туку плановите се да во наредниот период го зголемиме учеството за уште 25 проценти. Покрај тоа го збогатуваме нашето учество во силите на НАТО за Косово (КФОР) со еден наш припадник која мисија ја поддржуваме и со Координативниот центар за поддршка на земја-домаќин.

На местото НГШ дојдовте од функцијата постојан воен претставник на АРМ во седиштето на НАТО. Македонија очекува да стане 30 членка на Алијансата. Спремна ли е АРМ да застане рамо до рамо со најголемите светски сили? Која држава, според вас, ќе биде 31 членка на Алијансата?

За време на моето двегодишно службување како највисок воен претставник на Република Македонија во НАТО во Брисел, имав прилика одблиску да го следам и процесот на приближување до полноправно членство, но и размислувањата на највисоките воени претставници на воената команда на НАТО за овој наш процес. Притоа можам да кажам дека Република Македонија ги исполнува партнерските цели со планираната динамика. Очекувањето да станеме полноправна 30. членка на НАТО е во потполност оправдано, бидејќи од страна на нашите партнери постојано се истакнува дека АРМ и досега рамноправно учествува во обуката, вежбите и операциите со НАТО-партнерите. Дополнително со замена на партнерските цели со цели за развој на способности, со развивање на одбранбените способности и синхронизација на одбранбеното планирање со одбранбеното планирање на НАТО, за кратко време ќе ни овозможи да бидеме рамноправни со најголемите светски воени сили во Алијансата. Во однос на валоризирањето и постигнатите резултати на Армијата на Република Македонија во нашиот процес на пристапување во НАТО Алијансата, да ја напоменам и претстојната посета на воените претставници на Воениот Комитет на НАТО која ќе се реализира на 6 и 7 ноември, која за нас е многу значајна бидејќи е прва посета на ова високо воено тело на НАТО на Република Македонија од нејзиното осамостојување. Таа претставува уште една важна потврда дека АРМ е на вистинскиот пат во исполнувањето на потребните критериуми кои се бараат од неа за членство во НАТО. За време на посетата на Армијата на Република Македонија високите воени претставници на Воениот Комитет на НАТО кое е најстаро и највисоко воено советодавно тело во НАТО ќе се запознаат со плановите и развојот на способностите на Армијата на Република Македонија, како и со состојбата и подготвеноста на дел од декларираните единици на АРМ, во вториот ден од посетата.

Каква е состојбата со резервниот состав и дали има воспоставена релација со активниот состав на вооружените сили? Може ли Македонија да смета на резервниот состав како на вооружена компонента, слична на активниот состав?

Пред неколку години од страна на Министерството за одбрана беше усвоен концепт на резервните сили, што го најде своето место и во законските одредби. Во делот на своите надлежности во оваа област АРМ обезбеди соодветна командна структура која е инкорпорирана во командата на резервни сили. Министерството за одбрана како надлежно за оваа област го има претставено планот во новиот стратегиски одбранбен преглед со кој се предвидува развивање на нов концепт за резервни сили и иницирање пилот-проект како дел од создавањето на мала, активна резерва кој ќе биде во согласност и ќе ги следи истите насоки за развој и кои ќе работат според стандардите кои се предвидени и за активниот состав.

Кој е најголемиот предизвик во моментов на нашата војска. Дали е тоа мигрантската криза, случувањата кај нашите северни соседи или пак мисиите во кои учествуваме со партнерите?

Армијата на Република Македонија заедно со сите надлежни институции за одбраната и досега докажа дека е спремна за секој вид на очекувани, но и на не толку предвидливи ситуации, како мигрантската криза и природните непогоди, што значи дека во нашите планови и анализи на постоечките ризици секогаш сме спремни во најкраток можен рок да ги исполниме обврските кои од нас го очекуваат државното, военото раководство и граѓаните на Република Македонија.  Така ќе остане и во иднина и АРМ подготвено ќе ги дочека сите  предизвици кои ќе се исправат пред нас без оглед од каков облик тие ќе бидат.

 Кој се вашите идни планови?

Секој од моите претходници со извршување на задачите и обврските кои ги носи должноста началник на Генералштабот на АРМ го поплочуваа патот кон исполнување на долгоочекуваното полноправно членство во НАТО,што е наш национален интерес. За мене како актуелен НГШ на АРМ останува обврската не само да го означам крајот на тој пат, туку со помош на целокупниот персонал на АРМ и непосредна координација и соработка со сите надлежни субјекти да го продолжам со други достигнувања кои АРМ ќе ги има како рамноправен партнер на големите светски армии и ќе продолжи да биде уште поголем афирматор на националните интереси во странство. Припадниците на Армијата на Република Македонија секогаш се раководат од темелните морални принципи притоа постојано афирмирајќи ги вредностите, професионалните и човечки квалитети, почитувајќи ги високите норми на однесување. Токму затоа постојано ќе се залагам и тоа е моја определба сите припадници  на АРМ да го имаат заслуженото место во нашето општество, пропорционално на нивните залагања, макотрпна работа и одрекувања кои ги имаат во нивниот личен и семеен живот.

Борис Куноски

фото – Дарко Попов

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close