Избрано

Дали воената неутралност ја води Србија во самоизолација?

Во 2007 година, Србија прогласи воена неутралност, која досега се почитува во меѓународните политички односи, но тој статус не е признаен во онаа смисла што подразбира исполнување на некои сериозни чекори во меѓународната политика, кои би резултирале со целосно препознавање и признавање на неутралноста.

Гласот на Америка – Вашингтон

6 ноември 2018

Во 2007 година, Србија прогласи воена неутралност, која досега се почитува во меѓународните политички односи, но тој статус не е признаен во онаа смисла што подразбира исполнување на некои сериозни чекори во меѓународната политика, кои би резултирале со целосно препознавање и признавање на неутралноста.

Освен тоа, ни самата Србија во своите закони или Уставот јасно не ја дефинирала воената неутралност, освен во два документи, што не ги спречува српските политичари да продолжат да го држат овој статус како еден од основните во односите, како надворешни така и внатрешни.

Додека другите земји во регионот, поранешните републики на СФРЈ, со исклучок на Босна и Херцеговина и Македонија, ја одредија својата позиција во воено-безбедносните структури, на Србија ѝ се наметнуваат две сложени прашања кога во фокусот е воената определба – дали Србија ќе побара меѓународно признавање дека е воено неутрална и дали овој концепт можеби е застарен?

– Многу поважно е прашањето дали воопшто постојат неутрални земји во ерата на глобализација и асиметрични закани? Овој концепт е прегазен од времето и никој сериозно не би го сфатил барањето на некоја држава да се признае нејзината неутралност. Овој концепт го напуштаат сите држави што традиционално беа неутрални, па дури и Швајцарија по 500 години. Денес, не се неутрални ниту оние земји на кои овој статус одамна им е признат, вели доктор Орхан Драгаш, директор на Меѓународниот институт за безбедност.

Воена неутралност – концепт што не постои

Историчарот Бојан Димитријевиќ вели дека поимот на воена неутралност бил повеќе поврзан со Студената војна, кога воената неутралност значела непристапување ниту кон Варшавскиот ниту кон Северноатлантскиот сојуз и дека во денешно време „е тешко да се дефинира поимот за воена неутралност“.

Томислав Ѓурин, пензиониран полковник на воената разузнавачка служба, објаснува дека традиционалната неутралност во денешно време е речиси исклучена.

– Земјите што сакаат да станат модерни членки на ЕУ, како што е Србија, мора да бидат подготвени за соработка и солидарност, а не за неутралност и оддалечување од заедничките проблеми, затоа што таа речиси се совпаѓа со самоизолација, вели Ѓурин за Гласот на Америка.

Српските политичари се залагаат за неутралност, но не се јасни дали овој статус треба да биде официјализиран со посебен закон или со Уставот. Засега единствен документ што постои е Резолуцијата на Народното собрание за заштита на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Република Србија, т.н. Декларација за Косово, во која дури во шестата точка се вели дека Собранието прогласува воена неутралност на Србија. Воената неутралност на земјата се споменува и во новата Нацрт-стратегија за национална безбедност.

Неутралност за внатрешна употреба

Ѓурин предупредува дека поради сето ова, тоа на внатрешен план е лесно менлива категорија, бидејќи ја нема ниту во Уставот ниту во законите и оти на тој начин зависи од „актуелната политичка сцена во земјата, од воено-политичката ситуација на глобално и регионално ниво, како и од актуелната власт“.

Драгаш се согласува дека неутралноста е исклучиво приказна за внатрешнополитичка употреба и не верува дека политичарите во Србија сериозно ќе работат на меѓународно признавање.

Тој напоменува дека Декларацијата што Народното собрание ја донесе за Косово и Метохија и во која се наведува дека Србија нема да се приклучи кон постојните воени сојузи, не е прогласување неутралност.

– На крајот, стратешката политика на Владата на Србија и претседателот Вучиќ е членство во ЕУ, а познато е дека ЕУ се потпира на НАТО како безбедносни сили, затоа што ЕУ нема свои безбедносни сили. Не гледам ниту една земја подготвена да ни го признае овој статус. Политиката на воена неутралност е нешто друго, тоа е унилатерален израз на политичката волја на нашата влада. Не гледам ниту подготвеност на нашата влада да побара признавање на овој статус, бидејќи тоа однапред ќе биде осудено на неуспех, вели Драгаш.

Ѓурин не се согласува со таквата оцена и вели дека постојат земји што би можеле да бидат гарант за српската воена неутралност:

– Проблемот е во тоа што некои моќни земји на ЕУ, зад официјалната, јавна политика на Балканот, спроведуваат и заткулисни акции во сопствен интерес, чии цели само се наѕираат, а не придонесуваат за отстранување на безбедносните закани. Од друга страна, Руската Федерација и Кина најверојатно би прифатиле улога на гарант за неутралноста на Србија со цел, во нивни интерес, да ги намалат или да ги елиминираат амбициите и влијанието на САД во регионот, наведува Ѓурин.

Воената неутралност – нарушена во практиката

Тој вели и дека Србија одамна прекршила некои од основните претпоставки за традиционалниот облик на признавање на државната, а посебно на воената неутралност. Како примери ги наведува потпишувањето на договорот СОФА, со кој се исклучува некористењето на нејзината територија и инфраструктура од страна на НАТО во случај на воен конфликт со трета земја, а исто така се определи за Заедничка безбедносна и одбранбена политика со ЕУ како наднационална организација. Во практиката има уште примери.

Соговорниците на Гласот на Америка на оваа тема се согласуваат дека воената неутралност е тешко одржлива и од гледна точка на определбата на Србија да стане членка на ЕУ. Дали во тој контекст случаите на Австрија и Шведска се добри примери?

– Мислам дека нашата воена неутралност денес стана изговор за некакво недејствување во сферата на меѓународните безбедносни интеграции. Мислам дека интензивната соработка или делумната интензивна соработка, која нашето Министерство за одбрана и војската ја имаат со партнерите во Европа, во суштина ја доведуваат во сомневање оваа прокламирана воена неутралност и ми се чини дека странските партнери не обрнуваат многу внимание на тоа, со оглед на тоа што никој не ја вика Србија во НАТО, така што оваа воена неутралност служи само за домашна употреба, вели историчарот Димитријевиќ.

Аналитичарите се согласуваат дека САД и земјите од ЕУ можат да направат многу на тој план и со нејзина побрза интеграција, односно прием во ЕУ трајно да се стабилизира Балканот. Затоа што Србија одлучи да влезе во ЕУ, а во ЕУ има примери на воена неутралност, но во реалноста сите тие земји го прифатија концептот и соработуваат со НАТО.

Мислењето на мнозинството тука е дека поради бомбардирањето во 1999 година, Србија не може или не треба да биде членка на НАТО, но притоа се заборават примери од историјата, како што се Франција и Германија, кои, по бројните војни што ги водеа низ историјата, на крајот се најдоа во истата воена алијанса, со што на крајот се смирија односите на овие две земји.

Дали тоа е рецепт за Србија? јт/сп/

Таг
Close