Балкан

Црна Гора забрани влез на неколкумина српски интелектуалци (ДПЛ)

Црногорската полициска дирекција донесе одлука со која на српски интелектуалци, меѓу кои е и писателот Матија Беќковиќ, им се забранува да влезат во државата.

Подгорица, 1 ноември 2018 (МИА)Црногорската полициска дирекција донесе одлука со која на српски интелектуалци, меѓу кои е и писателот Матија Беќковиќ, им се забранува да влезат во државата.

– Преминувањето на државната граница, освен на Беќковиќ, им е ускратено и на историчарите Чедомир Антиќ и Александар Раковиќ, како и на српскиот политичар и адвокат Дејан Мировиќ, изјавија од Граничната полиција.

На полициските службеници на сите гранични премини им е доставен список на луѓе на кои не им е дозволено ниту случајно да влезат во земјата, бидејќи тие ја загрозуваат националната безбедност на Црна Гора, објави весникот „Дан“.

Српските интелектуалци на кои им е забранет влезот беа најавени како говорници на манифестацијата по повод прославата на
Подгоричкото собрание и Денот на обединувањето на Црна Гора со Србија на 1 декември 1918 година во Подгорица.

Како причина на забраната наведени се нивните поранешни изјави, кои според проценката на црногорските безбедоносни служби преставуваат опасност по безбедноста на државата.

– Јас прво не знам дали ова е вистина и дали тоа се однесува на мене жив или на мене мртов, бидејќи планирав да бидам во Црна Гора кога ќе умрам. Се чудам за историчарите, но не се чудам за мене, вели Беќковиќ.

Запрашан зошто не е изненаден за себе, Беќковиќ вели: „Тоа е судбината на поетот“.

Поради антицрногорските изјави, пред десетина дена во медиумите и во двете држави се појавија шпекулации за постоењето на „црна листа“ за забрана за влез во Црна Гора и за српскиот патријарх Иринеј, што во неговиот случај не беше точно.

Со реакција се огласија и српскиот претседател Александар Вучиќ и десничарските опозицијски партии Двери и Демократската партија на Србија (ДСС).

Вучиќ најави дека ќе разговара со црногорскиот преседател Мило Ѓукановиќ со цел да „го замоли за поинаква реакција“.

– Србија мора да регира. Ова е нешто од што бев шокиран. Ние им забранивме влез во земјата на црногорските криминалци од кавачкиот и шкаљарскиот клан, а тие воведоа вербален деликт и деликт на мислењето, изјави Вучиќ за ТВ Прва.

ДСС порача дека „ваквиот апсурден чин на режимот на Мило Ѓукановиќ зборува за кревкоста и несоодветноста на новиот и вештачки идентитет кој Црна Гора сака да го наметне, базирајќи се на негирање на сопствената историја, јазик и писмо“.

Двери, пак, го повикаа српското Министерство за надворешни работи да реагира на забраната за влез на четворицата Срби во Црна Гора и „да ги преземе сите неопходни мерки за заштита на сите Срби што живеат во таа земја“.

Подгоричкото собрание е конституирано по завршувањето на Првата светска војна и негова најпозната одлука е соборувањето на црногорскиот крал Никола Петровиќ и династијата Петровиќ-Његош во корист на династијата Караѓорѓевиќ, како и присоединување на Црна Гора кон Кралството Србија, односно обединувањето на сите Срби, Хрвати и Словенци во една југословенска држава.

Во Подгоричкото собрание партиципираа само петмина од вкупно 56-те избрани претставници во последното црногорско Национално собрание во 1914 година.

Одлуките на Собранието различно се толкуваат и тие оставија трајни последици и отворени прашања меѓу Црна Гора и Србија. об/сп/14:20

###

Таг
Back to top button
Close