0_Web_АктуелноИнтервју

Жика Живадиновиќ, претседател на здружението „Стопмобинг-Србија“

Жика Живадиновиќ е претседател на здружението „Стопмобинг-Србија“, формирано во 2009 година во Зрењанин, кое веќе девет години им нуди стручна помош на работниците изложени на мобинг и работи на издигнување на свеста за заштита од оваа појава. Во интервјуто дадено за МИА, Живадиновиќ препорачува работниците сами да не влегуваат во постапки за заштита од мобинг, туку тоа да го направат со стручни тимови од синдикатите или здруженијата што работат на оваа проблематика.

Скопје,  30 октомври 2018 (МИА) – Здружението „Стопмобинг-Србија“, формирано во 2009 година во Зрењанин, веќе девет години им нуди стручна помош на работниците изложени на мобинг и работи на издигнување на свеста за заштита од оваа појава. Нејзиниот претседател Жика Живадиновиќ во интервју за МИА на работниците им препорачува сами да не влегуваат во постапки за заштита од мобинг, туку тоа да го направат со стручни тимови од синдикатите или здруженијата што работат на оваа проблематика. Во однос на законското решение смета дека се потребни измени во делот на казнените одредби со тоа што мобингот ќе се класифицира како кривично дело, а не како прекршок.

Мобингот е појава на модерното време и сѐ почесто работниците се изложени на оваа појава од страна на своите претпоставени. Како да се препознае мобингот?

– За мобингот како недозволено однесување да се процесира и докаже на суд, потребно е да се исполнат одредени услови предвидени со закон – најпрво дека се работи за психички терор на работното место што значи дека и моберот и жртвата на мобинг се во работен однос и второ дека се работи за недозволено однесување што се повторува во подолг временски период и со зголемена зачестеност.

Ако се исполнети овие услови, жртвата на мобинг може да поведе постапка за посредување кај работодавецот или пред надлежниот суд. Во секој случај жртвата на мобинг мора многу внимателно да проучи дали се работи за мобинг или дали однесувањето на кое укажува е кршење на некои други работнички права што се штитат со одредбите од други закони, како Законот за работни односи, Кривичниот закон, Законот за забрана од дискирминација.

Синдикатот како организација со најголема доверба меѓу вработените има обврска да формира стручни и обучени тимови што ќе имаат задача да го препознаат мобингот во неговата рана фаза за да може да им се даде адекватна и ефикасна помош на вработените жртви на мобинг.

Дали заканите од типот: „Ако ти не го сработиш тоа, има кој да го сработи?“ и игнорирањето на еден работник во смисла да не му се дава работа може да се сметаат за мобинг?

– Неведените однесувања претставуваат чин на злоупотреба на работа, но заканите од овој тип и ингорирањето на одредено вработено лице се сметаат за мобинг доколку се повторуваат подолг временски период и зачестено. Само еднаш изречена закана или предупредување не претставува мобинг, туку се смета за поединечен инцидент.

Колку е тешко да се докаже мобингот на работното место?

– Мобингот секако е можно да се докаже и тоа го покажува судската практика во Србија како во постапката на посредување кај работодавецот, така и во постапката пред судот, а за тоа да се оствари и во практиката потребна е стручна помош од антимобинг-тимовите, кои ќе обезбедат соодветни, валидни докази и кои ќе им дадат помош на вработените во поднесувањето на барањето за поведување постапка. Препорака и за работниците во Србија и за работниците во Македонија е сами да не влегуваат во постапки за заштита од мобинг бидејќи, покрај недоволното познавање на правните рамки, може да направат сериозен пропуст и да ја отежнат дополнително својата позиција. Имено, оној кој ќе поведе или иницира постапка за заштита од мобинг, а тоа нема да го докаже, прави злоупотреба на правата за заштита од мобинг, што претставува потешка повреда на работните обврски и може да го доведе до отказ.

Имаме ситуации кога лицето врз кое се врши мобинг сака да поведе судска постапка и неговите колеги се сведоци дека навистина врз него се врши мобинг, но кога ќе треба да сведочат во негова корист, тие не сакаат, бидејќи се плашат за своето работно место. Како да се постапи во вакви ситуации? Дали недостигаат солидарност и колегијалност?

– Мобингот може да се докаже на повеќе начини – со презентирање пишани докази и приложување медицинска документација, која докажува дека работникот поради изложеност на мобинг претрпел сериозно нарушување на здравјето, така што изјавата од сведоците не е обврзувачки услов иако, се разбира, е добро да има и сведоци. Времето на транзиција, правната несигурност, лошата материјална и социјална положба придонесоа солидарноста меѓу работниците со време некаде да се изгуби и тоа, секако, претставува отежнувачки фактор во постапката за докажување на мобингот.

Како да се охрабрат работниците кои трпат мобинг да ги пријавуваат ваквите појави?

– Здружението „Стопмобинг-Србија“ на предавањата и семинарите ги охрабрува работниците врз кои е вршен мобинг да поведат постапки за своја заштита бидејќи молчењето и трпењето нема да го сопрат моберот во неговото незаконско однесување, туку напротив, ќе го поттикнат да продолжи со мобингот со уште поголем интензитет. Мобингот може да се спречи само и единствено со борба против моберот, а правната борба е потребно да ја водат стручни синдикални тимови што ќе му помогнат во стручна смисла на работникот врз кој се врши мобинг.

Лицето врз кое се врши мобинг на работното место трпи психички притисок што може да се одрази и на неговото здравје. Кои се последиците од мобингот врз работниците?

– Последиците од мобингот ги трпат најпрво вработените врз кои се врши мобингот, потоа претпријатијата и институциите каде што се случува тоа, а штетни последици од мобингот трпи и државата во поширока смисла на зборот. Поради сето тоа се донесени закони против мобинг во Македонија и во Србија. Нарушувањето на психичкото и на физичкото здравје претставува директна последица од мобингот, што доведува до намалување на работната способност на работникот врз кој се врши мобинг.

Дали има повеќе пријави за мобинг во приватниот или во јавниот сектор?

– Врз основа на анализираните 2.325 пријави за мобинг што стигнаа на адреса на здружението „Стопмобинг-Србија“ дефинитивно утврдивме дека над 80 проценти од пријавите доаѓаат од јавниот сектор, а речиси секогаш овие недозволени пријави се мотивирани од политички причини. Се малтретираат и понижуваат припадниците на спротивните политички партии на кои систематски им се нанесува штета по нивниот личен и професионален интегритет. Вработените во приватниот сектор многу поретко пријавуваат мобинг, иако е јасно дека го има и таму, а причината за тоа треба да се бара во фактот што механизмот за добивање отказ во овој сектор, за жал, е многу побрз и полесен. А и непостоењето на синдикално организирање во приватниот сектор е исто така причина зошто мобингот поретко се пријавува. Поради овој факт на работниците во приватниот сектор нема кој да им помогне.

Македонија веќе има закон за заштита од вознемирување на работното место. И во Србија е донесен ваков закон. Колку законското решение е применливо во практиката?

– Во Србија и во Македонија се донесени многу слични закони за заштита од мобинг и тоа, секако, е голем исчекор во процесирањето на мобингот. Овие закони во значајна мера го издигнаа нивото на заштита на работниците и нивото на правна сигурност на вработените. За овие закони да доведат до спречување на мобингот, по наше мислење, потребно е да се поведе постапка пред народните собранија за измена на законот во делот на казнените одредби, така што мобингот ќе се класифицира како кривично дело, а не како прекршок, како што е сега предвидено во постојните законски решенија. Дури тогаш можеме да зборуваме за ефикасна заштита од мобинг.

Дали во Србија веќе има донесено судска пресуда за мобинг?

– Во Србија, од усвојувањето на Законот за спречување на злоупотребата на работа од 2010 година, со правосилни пресуди се решени нешто повеќе од 100 случаи според податоците што ги има собрано и обработено стручната служба на здружението „Стопмобинг-Србија“. Судската практика во Србија веќе постои, а присутен е тренд на ефикасна, односно брза судска постапка, што, секако, е факт што охрабрува.

Билјана Анастасова-Костиќ

фото: Дарко Попов

Close