БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Уапсен поранешниот директор на албанските затвори и експратеник од СП

Два месеца по разрешувањето од функцијата, попладнево е уапсен Арбен Чуко, поранешен генерален директор на албанските затвори и експратеник од редовите на владеjачката Социјалистичка партија.

Тирана, 21 октомври 2018 (МИА) – Два месеца по разрешувањето од функцијата, попладнево е уапсен Арбен Чуко, поранешен генерален директор на албанските затвори и експратеник од редовите на владеjачката Социјалистичка партија.

Уапсен е под сомнение за пасивна корупција за време на неговото директорување со затворите, поточно примање мито во пари и автомобил за трансфер на осуденик. Трансферот не успеал и корупцијата излегла на виделина.

Министерката за правда Етилда Ѓонај во официјалното соопштение за неговото разрешување тогаш напиша дека тоа е со цел зголемување на нивото на безбедност во затворите и на негово место го именуваше Стефан Чипа.

Арбен Чуко од пратеник во Парламентот, во јули минатата година, беше именуван за генерален директор на албанските затвори и на оваа функција го замени Арјан Хоџа, кој беше именуван врз основа на политичкиот договор за излез од кризата меѓу власта и опозицијата, пред ланските јунски парламентарни избори.

Чуко бил и член на парламентарната комисија за безбедносни прашања, командант во Националната гарда на Албанија, а во еден период и советник на косовски премиер за безбедност.

По апсењето на Чуко, преку својот твитер-профил реагираше премиерот Еди Рама, кој искажа жалење за Чуко, но додаде дека „два става во однос на законот нема“, туку дека пред законот се сите исти.

Според информации на агенцијата Балкан веб по апсењето на Чуко е приведен и поранешниот пратеник на СП, Арбен Ндока. вт/ссм/

Таг
Back to top button
Close