0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталПолитика

Превирања во опозицијата, исклучените ги отфрлаат обвиненијата

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Денот на македонската револуционерна борба - 23 Октомври го пречека со чистка во своите редови.

Скопје, 24 октомври 2018 (МИА) – Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври го пречека со чистка во своите редови.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од синоќешната партиска свеченост по повод одбележувањето на 23 Октомври, а во врска со новонастанатата ситуација во партијата, рече дека минатиот петок бил „црн петок“, а пратениците кои гласале спротивно на партискиот став, како што рече, ја предале партијата и државата и се воделе од личен интерес. Побара да се донесе закон за амнестија за учесниците во настаните од 27 април во Собранието, оти, според него, така ќе има неселективна правда и слобода за сите.

-Во целиот овој период се држев до две работи – до вистината и до народот. И колку и да се шират дезинформации и колку некои да ме прават одлепен од реалноста, вистината е дека имаше притисоци врз пратеници и тие беа од власта. И дел од платениците влегоа со лични аранжмани со власта, надевајќи се на својата слобода, но разочарувајќи го народот. Дел од нив тоа и лично го признаа, рече Мицкоски во 40-минутното обраќање пред членови и симпатизери на партијата.

Според него, тие не се раководеле од лични убедувања, туку од нивниот личен интерес и, рече, тој и ВМРО-ДПМНЕ не може да дозволат тоа да се случува.

-Немојте да ја замајувате јавноста со некакви комисии и форуми, кои наводно треба да донесат правда за дополнително да се заташка работата. Власта сака низ тој процес да донесе некаква неселективна правда, која во основа е неправда. Затоа е потребна слобода и правда за сите. Ајде донесете закон за амнестија кој го предлагаме за сите учесници од 27 април за да има и неселективна правда и слобода за сите, истакна Мицкоски на свеченоста во Македонскиот народен театар, на која не присуствуваше неговиот претходник и почесен претседател на партијата Никола Груевски. Мицкоски оцени дека поддршката за пристапување кон промена на Уставот од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му овозможила на премиерот Зоран Заев да си ја продолжи политичката кариера. Требало само малку, како што рече,  за да се одржат нови избори и ВМРО-ДПМНЕ да победи.

Инаку, Централниот комитет на партијата на завечерашната седница донесе одлука за разрешување на потпретседателот на партијата Митко Јанчев и членот на ИК Константин Богданов, побара и дисциплинска постапка за исклучување на Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Од пратениците, пак, кои гласаа за уставните измени побара да ги вратат мандатите со забелешка дека работат спротивно на волјата на граѓаните.

– Заради дејствување спротивно на интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија, заради силна сорабока со Зоран Заев, како и организирање група за притисоци, уцени, закани и поткуп на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, со цел да гласаат за уставни измени, ЦК го разреши потпретседателот на партијата Митко Јанчев и тоа го направи со тајно гласање, при што резултатот беше едногласен, изјави Александар Николовски, потпретседател на ВМРО–ДПМНЕ, по завршување на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од партијата беа исклучени и седумте пратеници кои им дадоа поддршка на уставните измени. На предлог на Мицкоски беа исклучени Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канческа-Милевска, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајлоска-Старова и Емилија Александрова.

Практиката на елиминирање со неистомислениците почна пред десетина дена, кога од ИК беше разрешен дотогашниот заменик-генерален сектетар на партијата Петар Богојевски, кој исто така беше зафатен од серијата исклучувања.

Следуваа реакции од разрешениот Митко Јанчев, како и од Тодоров  и Мијалков.

Сменетиот од функцијата Јанчев во своите реакции на одлуката на ЦК побара јавно извинување од Мицкоски и Николоски за изнесените обвинувања, во спротивно, најави приватни тужби.

– На вчерашната прес-конференција од Александар Николовски кон мене беа упатени ниски и агресивни обвинувања за закани, поткуп и криминал, рамо до рамо со Сашо Мијалков. Поради ваквите неосновани и крајно непрофесионални навреди од страна на Христијан Мицкоски и Александар Николовски, кои се обидуваат да го нарушат мојот авторитет, барам јавно извинување и од Христијан Мицкоски и од Александар Николовски. Во спротивно, кон нив двајцата ќе поднесам приватни тужби за клевета и навреда на мојата личност, стои во јавното писмено барање за извинување упатено вчера од Јанчев.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски, вчера во изјава за новинарите пред прославата на 23 Октомври се обиде да ретерира од првичната изјава и рече дека Централниот комитет го разрешил Јанчев поради несогласување со политиките и ставовите на партијата и нивно неследење. За жал, рече тој, можеби поради тоа  што лошо се изразил или лошо била пренесена изјавата добила друг контекст, односно се поврзува со обвинувања за поткуп. Тој притоа не прецизираше дали е тоа јавно извинување кон Јанчев и додаде дека тоа не се негови лични ставови, туку заклучоци на Централниот комитет што тој имал задача да ги пренесе.

Сашо Мијалков одлуката за поведување постапка за негово исклучување ја нарече погрешна и како долгогодишен член и функционер ѝ порача на партијата дека во моментов ѝ е потребна инклузивност, а не исклучувачки политики.

-Во моментов на партијата ѝ е потребно обединување и водење со разум, а не емоции. Во моментов на партијата не ѝ е потребно креирање лажен наратив и непостоечки околности со коишто се оддалечуваме од стратешките определби и влегуваме во изолација. Дали актуелното раководство ќе ги прими овие добронамерни совети или ќе продолжи да продуцира невистини и да бара непријатели таму каде што ги нема е нивна одговорност. Мое е да потсетам дека партијата не е сопственост на актуелното раководство како што не беше сопственост на претходното или тоа пред него. Јас сум убеден дека синоќешната одлука не е исправна, но тоа нема да ме поколеба во мојата определба за натамошна поддршка на модерно, десноориентирано ВМРО-ДПМНЕ, кое заедно со сите сестрински партии ќе ги брани интересите на Република Македонија во Европската Унија, вели Мијалков, кого експресно синоќа и официјално од Општинскиот комитет Центар го разрешија од членство во ВМРО-ДПМНЕ.

Тодоров, пак, рече дека одлуката ја доживува како исклучување од антизападна, антинато, антимакедонска фракција на ВМРО во која се трансформирала партијата, а не од неговата ВМРО-ДПМНЕ, која е европска, модерна и централнодесничарска партија.

– Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во антизападна, анти ЕУ и анти НАТО-фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури, кои сѐ уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција, пишува Тодоров на неговиот фејсбук-профил. вг/са/

.

 

 

 

 

Таг
Back to top button
Close