СветСвет.Портал

Песков: САД ги кршат одредбите од Договорот за уништување ракети

САД ги кршат одредбите од Договорот за уништување ракети со краток и среден дострел (ИНФ), додека Русија продолжува да го почитува документот, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Москва, 22 октомври 2018 (МИА) – САД ги кршат одредбите од Договорот за уништување ракети со краток и среден дострел (ИНФ), додека Русија продолжува да го почитува документот, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

– Рускиот претседател Владимир Путин во повеќе наврати јасно ги отфрли обвинувањата против Русија во однос на кршењето на Договорот ИНФ, рече Песков.

Тој оцени дека најавеното повлекување на САД од договорот „ќе го направи светот многу поопасен“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот со Русија за ликвидирање на ракети од среден дострел, затоа што, како што рече, Москва ја прекршува спогодбата.

– Русија го крши Договорот. Тие го кршат со години. САД нема да им дозволат и натаму да го кршат нуклеарниот договор, изјави Трамп на митинг во градот Елко во американската сојузна држава Невада, во пресрет на изборите за Конгресот на САД на 6 ноември.

Договорот е склучен во 1987 година меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, чиј правен наследник е Русија. Договорот го потпишаа тогашниот американски претседател Роналд Реган и последниот советски лидер Михаел Горбачов. Со него се предвидува забрана за производство, тестирање и распоредување на нуклеарни и конвенционални ракети со дострел од 500 до 5.500 километри што се лансираат од земја. јт/13:56

###

 

Таг
Back to top button
Close