0_Македонија.ПорталАнализаПолитика

Мобингот предизвик или сериозна закана за работникот

Психичкото вознемирување на работното место (мобинг) станува појава на новиот милениум, која може да биде или предизвик и животно искуство што ќе ни помогне да одиме напред или опасност што може да биде надвор од нашата контрола и да стане сериозна закана по нашето физичко и ментално здравје и да влијае врз семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата.

Скопје, 18 октомври 2018 (МИА) – Психичкото вознемирување на работното место (мобинг) станува појава на новиот милениум, која може да биде или предизвик и животно искуство што ќе ни помогне да одиме напред или опасност што може да биде надвор од нашата контрола и да стане сериозна закана по нашето физичко и ментално здравје и да влијае врз семејната хармонија, продуктивноста и квалитетот на работата.

Мобингот како широко распространета негативна појава бара сериозен пристап од сите институции во државата, со цел да се обезбедат правни и општествени услови и претпоставки за негово намалување и спречување. Особено е значајно да се оспособат сите лица во работната средина за препознавање на облиците на вознемирување и начинот и постапката за спречување и заштита од оваа појава.

Сојузот на синдикатите на Македонија е еден од значајните субјекти што со своите стратегии за дејствување особено е заинтересиран за обезбедување здрави и безбедни услови за работа на работниците, вклучувајќи ги тука и активностите како застапник на правата и интересите на своето членство, за препознавање на мобингот и заштита од ваквото негативно однесување и преземање мерки за ублажување или избегнување на последиците по здравјето и достоинството на работниците.

За заштита од психичкото вознемирување на работното место по барање од ССМ е донесен законот во 2013 година, кој е поддржан од другите синдикати и социјални партнери по пат на социјален дијалог во Економско-социјалниот совет.

Од ССМ се задоволни од законското решение и особено од ригорозните казнени санкции, кои предвидуваат од пет до шест илјади евра за сите работодавци што не ги спроведуваат мерките поврзани со законот или до четири илјади евра за лицето што го врши мобингот, како и предвиденото надоместување штета за сите жртви на психичко, физичко или полово вознемирување.

судство мобинг.jpg

Работниците врз основа на психичко вознемирување на работното место во ССМ можат да добијат и бесплатно правно советување. ССМ одвојува финансиски средства за бесплатна телефонска линија за мобинг во канцеларијата на синдикатот. Правниците на ССМ во седиштето во Скопје и во регионалните синдикални претставништва и синдикални канцеларии ги преземаат сите законски дејства и постапки за заштита на работничките права на своето членство.

Карактеристично е тоа што, како што велат од ССМ, има голем број обраќања во врска со вознемирување на работното место, но од лица кои не се членови на Синдикатот.

Овие податоци, како што посочуваат оттаму, упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчесто се случува во средини каде што работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права.

Мобинг  .jpg

Што вели статистиката на ССМ

Во Сојузот на синдикатите на Македонија во текот на 2013 година се евидентирани осум обраќања од работници, во 2014 седум обраќања, во 2015 година имало три обраќања, а во 2016 година имало само едно обраќање врз оваа основа.

Карактеристично, според ССМ, е тоа што во 2017 година и во првата половина од 2018 година до Синдикатот немало обраќања на нивни членови врз основа на вознемирување на работното место.

Правната служба на ССМ на работниците кои им се обратиле им давала совети и упатства, во некои случаи се изготвени обраќања до работодавецот и до лицето кое е посочено како вршител на вознемирувањето, а во три случаи се изготвени тужби.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека во еден случај е водена судска постапка, која е негативно завршена. Во дел од случаите проблемите се надминати спогодбено по пат на разговор и советување со учество и посредништво и на синдикалните претставници на ССМ.

Мобинг Н.jpg

Алатка за пријавување притисок на работното место на веб-страницата на МИОА

Во текот на референдумската кампања Министерството за информатичко општество и администрација на својата веб-страница постави алатка за пријавување притисок на работното место. Целта, како што посочуваат од МИОА, е вработените во јавниот сектор да имаат можност на брз, едноставен и лесен начин да пријават притисоци со кои се соочуваат на работното место, а се во контекст на референдумот.

Во Министерството биле пристигнати три пријави, од кои две биле од образовниот сектор.

– Трите пристигнати пријави се доставени до Државниот инспекторат за труд и Државниот просветен инспекторат. Во согласност со надлежностите овие институции соодветно ќе постапат, велат од МИОА.

Алатката, како што посочуваат од Министерството, ја гарантира приватноста на сите што пријавуваат притисок на работното место и во тој контекст овозможува пријавите да бидат анонимни, односно се бара само да се наведе конкретно институцијата во која се случува притисокот и евентуално лицето кое го врши притисокот.

За вознемирување на работното место годинава биле доставени и пет претставки до канцеларијата на народниот правобранител.

Мобинг 4.jpg

Во Граѓанскиот суд Скопје за шест години евидентирани 52 предмети за мобинг

Во Основниот суд Скопје 2 изминативе шест години се евидентирани вкупно 52 предмети со основа психичко вознемирување на работното место, што покажува дека работниците почнуваат да ги препознаваат облиците на оваа негативна појава и се охрабруваат да ги добијат своите права.

Во согласност со податоците на оперативниот систем АКМИС во овој суд во текот на минатата година се евидентирани 16 предмети за психичко вознемирување на работното место. Од нив, за 11 се донесени одлуки, за четири предмети тужбеното барање на тужителот се одбива, додека во два предмети тужбеното барање на тужителот се усвојува. Останатите одлуки се решенија со кои тужбата на тужителот се смета за повлечена или е отфрлена.

Изминатата година од 16-те предмети со основа психичко вознемирување на работното место, како што посочуваат од Судот, најмногу како тужители се јавиле жени, и тоа 12, а само четири пријави биле од мажи.

Оваа година, според податоците од Граѓанскиот суд во Скопје, намален е бројот на предмети за мобинг. Од петте евидентирани предмети годинава само за еден е донесена пресуда со која тужбеното барање на тужителот се одбива, додека останатите предмети се се уште во работа. За разлика од 2017 година, оваа година како подносители на тужби во Судот се јавуваат мажи. Од петте предмети за мобинг, три се од мажи кои биле подлежни на мобинг, а два се од жени.

Мобинг 1.jpg

Во Македонија првата пресуда за мобинг е донесена во 2016 година

Првата пресуда за мобинг во Македонија е донесена во 2016 година. Тужителот е лице вработено во институција од јавниот сектор, каде што бил подложен на психолошко вознемирување – мобинг. Судот наложува тужените да престанат со психичкото вознемирување на работното место на тужителот и да овозможат соодветно вреднување на неговата работа, велат од Македонското задружение на млади правници.

Тужителот бил жртва на мобинг правен со повеќе дејства и од страна на повеќе лица. Мобингот му бил правен така што не му бил даван годишен одмор и, за разлика од другите работници, тој не можел да го оствари тоа право. Бил ставен во изолација, не му биле давани работни задачи, а еден период не му бил даван ниту електронски пристап до информации ниту, пак, бил испраќан на обуки. Сите овие факти биле докажани во постапката, која резултираше со првостепена пресуда во корист на тужителот.

Минатата година во Основниот суд Скопје 2 беше донесена и првата пресуда за мобинг против судија, односно претседател на суд кај нас. Имено, Граѓанскиот суд одлучи дека поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, вршел мобинг врз вработениот во човечки ресурси Горан Стаменковски.

Мобинг 3.jpg

Во Европа највисока отштета за мобинг – 800 илјади фунти

Највисоката отштета за мобинг исплатена во Европа изнесува неверојатни 800 илјади фунти. Имено, извесна Хелен Грин од Велика Британија ја тужела „Дојче банка“ бидејќи на работното место четири години преживувала мобинг од нејзиниот претпоставен Ричард Елистон и уште од четири нејзини колешки. Високиот суд во Лондон пресудил дека таа претрпела малтретирање на работното место, па затоа фирмата во која работела треба да ја обесштети за 800.000 фунти. Судот одлучил дека банката не презела ништо за да се спречи психичкото вознемирување на вработениот, па затоа целиот товар паѓа на компанијата заедно со сите судски трошоци. Веднаш по пресудата, од банката се изјасниле дека ќе ја почитуваат судската одлука и ќе и ја исплатат отштетата на Грин. Таа останала и понатаму на своето работно место во Секретаријатот за поделба на работата, во седиштето на „Дојче банка“ во Лондон.

Даниела Маркоска Алексовска

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close