0_Web_АктуелноПолитика

МИОА: Од почетокот на работата на актуелната Влада во скратена постапка донесени само 17 закони

Владата денеска излезе со соопштението во кое нагласува дека поради нејзите заложби законите да ги креира инклузивно и во отворен транспарентен процес, драстично се намалени законите кои се донесени по скратена постапка.

Скопје, 27 октомври 2018 (МИА) – Владата денеска излезе со соопштението во кое нагласува дека поради нејзините заложби законите да ги креира инклузивно и во отворен транспарентен процес, драстично се намалени законите кои се донесени по скратена постапка.

-Владата на Република Македонија се обврза своите политики, стратегии, предлог закони да ги креира инклузивно и во отворен и транспарентен процес. Како резултат на таа заложба, покрај зголемувањето на бројот на закони поставени на ЕНЕР, може да се забележи драстично намалување на бројот на закони кои се носат по скратена постапка. Статистиката на Собранието на Република Македонија покажува дека од вкупниот број на закони донесени од Собранието, кои биле предлог на Владата  (без законите донесени по предлог на пратениците), процентот на закони донесени во скратена постапка од 67,9 отсто во 2016. се намалува на 19,1 отсто во 2018 година, се наведува во владиното соопштение.

Во 2016. година  вкупно 214 закони биле донесени по скратена постапка, за разлика од само 17 закони донесени од почетокот на работата на актуелната Влада.

Во соопштението се даваат и подетални статистики. Во 2014 година од 186 закони, 135 биле донесени во скратена постапка, во 2015 година од 33 закони, дури 29 биле донесени во скратена постапка, додека во 2016 година од 315 закони, во скратена постапка биле донесени 214 закони.

-Политиките за отвореност, транспарентност и отчетност што ги практикува Владата даваат резултати. Од инклузивниот процес на консултации за законските решенија, Владата го прифати предлогот и го продолжи рокот за јавна расправа и коментирање на предлог – законските решенија на ЕНЕР од 10 на 20 дена. Инклузивноста и сеопфатноста на засегнатите страни како цврста заложба во процесот на изготвување политики и во законите во редовна постапка, овозможија квалитетни законски решенија, се вели во соопштението.

Во таа насока, се додава во соопштението, и процентот на закони кои се објавуваат на Единствениот национален електронски регистар за прописи (ЕНЕР), со цел да се овозможи вклучување на сите засегнати страни при донесување на одредени законски решенија бележи огромен пораст. За разлика од 2016 година, кога на ЕНЕР биле поставени само 8,3  отсто од предложените законски решенија, во 2017 година на увид на јавноста со можност за нивно учество се ставени дури 83 проценти , а во тековната 2018 година тој процент се искачил на 93 отсто само до денеска.

-Расте и процентот на доставени предлог законски решенија со Извештај за проценка на влијание на регулатива (ПВР) кој од 53,6 отсто во 2016 година, порасна на 96 отсто во тековната 2018 година. Предлог законите доставени до МИОА на мислење исто така забележуваат пораст од 30,2 осто во 2016 година, до 84 проценти во тековната 2018 година. Квалитетот на легислативата е еден од темелите на правната држава и доброто управување. Владата на Република Македонија во своите заложби го истакна квалитетот на законските решенија и доброто управување како основна политика и свој врвен приоритет, а преку својата определба за транспарентност и инклузивност обезбеди поголемо учество на граѓаните, на граѓанските организации и на сите останати засегнати страни во подобрувањето на законските решенија во интерес на граѓаните, се додава во владиното соопштение. ац/сст/

Таг
Back to top button
Close