МИА Радио флеш

МИА РАДИО ФЛЕШ

09:30/30 октомври/2018

– Нацрт-амандманите за измена на Уставот на Република Македонија, согласно договорот од Преспа, што во себе ќе ги содржат и барањата на осумтемина пратеници од опозицијата, кои му дадоа поддршка на отпочнувањето на процесот за уставни измени, според најавите во Собранието треба да стигнат до крајот на неделата. Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери синоќа во интервју за Канал 5 истакна оти се надева дека Владата ќе го запази рокот и до петок до Парламентот ќе ги достави Нацрт-амандманите за тие да почнат да се разгледуваат.

 ВМРО-ДПМНЕ вчера до Собранието поднесе Предлог-закон за амнестија за лица осомничени, обвинети или осудени за собраниските настани од 27 април. Премиерот Зоран Заев вели дека Предлог-законот за амнестија е неприфалив. На иста линија со Заев е и вицепремиерот Бујар Османи, додека претседателот на Собранието Талат Џафери пак предложениот закон за амнестија  го смета за апсолутно право на пратениците, но, како што вели, дебата на крај ќе покаже која ќе биде неговата судбина.

 Собраниската матична Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се врши минимална корекција на неговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините, Фондот на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување. Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 проценти.

– Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година. Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да продолжи со прегледување на видео снимки од безбедносните камери во Собранието. Ова е второ рочиште за случајот неделава, а нови рочишта се закажани за секој ден до крајот на неделата.

 Свечена церемонија за прием на 125 професионални војници во редовите на Армијата на Република Македонија ќе се одржи денеска во касарната „Илинден“ во Скопје. На церемонијата, свое обраќање ќе има заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

– Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) во најновиот извештај за земјите од светот објави дека главните фактори за поволен економски раст на Србија се економските реформи и стратешката локација на земјата. Извештајот објавен на веб-страницата на ЦИА ја како поволни фактори ги наведува „релативно евтината и квалификувана работна сила“ и договорот за слободна трговија со ЕУ, Русија, Турција и земјите од Централноевропскиот договор за слободна трговија.

– Босна и Херцеговина се повеќе станува транзитна точка за превоз на хероин во Западна Европа, соопшти Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Во извештајот објавен на интернет страницата на ЦИА, се наведува дека БиХ е мала транзитна точка за превоз на марихуана, како и дека е „исклучително загрозена“ од активностите на перење пари „со оглед на нерегулираната економија, слаба примена на законите и случаи на корупција“.

– На денешната седница на српската Влада со претставници на Србите од Косово, на која ќе присуствува српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе биде доделен сеопфатен економски пакет помош за српските заедници, објавија белградските медиуми.

– Основачот на Викиликс Џулијан Асанж мора да се придржува кон новите правила кои му ги пропиша Амбасадата на Еквадор во Лондон, одлучи еквадорската судијка Карина Мартинез после видеоконференциско сослушување на Асанж. Мартинез ја донесе оваа одлука по повод жалбата што ја поднесе Асанж, тврдејќи дека новите правила имаат за цел да го избркаат од Амбасадата и да му го укинат азилот.

– Штрајкот на носачите на багаж од компанијата „Авиапартнер“ на бриселскиот аеродром продолжува најмалку до среда наутро, најавија синдикатите. Ова е најдолгиот штрајк во историјата на овој клучен европски аеродром, а економските штети допрва ќе се мерат. Од четвртокот, кога започна штрајкот, до сега над 700 летови се откажани и 150 илјади патници погодени.

 Досие за Доналд Трамп направила тајната полиција на Чехословачка по неговата венчавка со Чехињата Ивана Зелницкова, објави прашкиот неделник „Респект“.

– Земјотрес со интензитет од 6,1 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Северниот остров на Нов Зеланд, соопшти америкaнскиот Сеизмолошки институт. Потресот го почувствувале илјадници луѓе, но нема информации за жртви, ниту за предизвикана посериозна материјална штета.

 

Back to top button
Close