МИА Радио флеш

МИА Радио Флеш

Скопје - Во Собранието на Република Македонија веќе час и половина доцни почетокот на продолжението на пленарната седница на која треба да продолжи расправата за предлогот пристапување кон уставни измени.

14:30/19 октомври/2018

Скопје – Собраниската седница на која треба да продолжи расправата за предлогот за пристапување кон уставни измени ќе продолжи во 15 часот, а причина за тоа најверојатно се разговори за обезбедување двотретинско мнозинство меѓу владејачките партии и опозицијата.

Од Собранието официјално велат дека причина за одложување на почетокот на седницата е пратениците да се соберат во салата, но не се потврдува сеуште информацијата дали се во тек разговори меѓу пратениците или станува збор за нешто друго.

Скопје – Второстепената пресуда од Апелацискиот суд за предметот „Тенк“ за Никола Груевски и Ѓоко Поповски  денеска е доставена до Кривичниот суд. – Второстепената пресуда за предметот со КОК бр. 59/17 од обвинителството означен како „Тенк“ од Апелацискиот суд – Скопје денеска беше доставена до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката, соопшти Кривичниот суд.

Криволак – Се трудиме да ги подобриме условите за работа во Армијата, рече денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која присуствуваше на вежбата „Македонски блесок 14” на армискиот полигон Криволак, заедно со началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски.

– И покрај тоа што и нашата армија се соочува со многу предизвици, реално, според оценките на сите во НАТО, ова беше делот за кој што бевме добро подготвени, за кој имавме и резултати и за што веќе сме создале доверба. Тоа е резултат на многугодишен ангажман на сите вас од Генералштабот, до сите команди, до секој војник. Така да сакам да ви честитам и да ву кажам дека се трудиме и се трудам да ги подобриме условите за работа, за вашиот ангажман, да ја започнеме реалната модернизација на армијата, да покажеме дека армијата се грижи и државата се грижи за сите припадници. Кога организирате вакви настани и кога се покажувате во најдобро светло, ми давате и мене аргументи за да барам повеќе, за да обезбедам повеќе и затоа честитки и во името на сите останати, навистина ми беше чест и задоволство да се биде со вас и така продолжете и понатаму, им се обрати таа на учесниците во вежбата.

Скопје – Апелацискиот суд Скопје ја уважил жалбата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој беше во куќен притвор за настаните во Собранието од 27 април минатата година, да се брани од слобода.

– Апелацискиот суд – Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска достави решение со кое ја важил жалбата на К.М. обвинет во предметот со КОК бр. 40/18 поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Р.М. со кое решение ја уважил жалбата на обвинетиот изјавена против решението на Кривичниот совет при овој суд и го преиначи решението на советот со што ја укина мерката куќен притвор определена со решение на Врховен суд на Р.М., продолжена со решение на кривичен совет при Основен суд Скопје 1 – Скопје, а се определуваат мерки за претпазливост – Одземање на патна исправа, односно забрана за издавање нова и Обврска обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Струга, соопшти Кривичен суд.

Охрид – Експерти од Постојната работна група на Југоисточна Европа од  Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Русија, Србија, Словенија, Турција и Македонија во Охрид одржуваат состанок посветен на проблемот со болеста јазлеста кожа кај говедата.

Станува збор за средба организирана од Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните (GF-TADs) и Агенцијата за храна и ветеринарство на Македонија, на која присуствуваа високи претставници од Европската комисија, од Генералниот директорат на ЕК за здравје и безбедност на храна, претставници од Светска организација за здравствена заштита на животните, Европска агенција за безбедност на храна, како и високи претставници од Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, EU FMD, Европската референтна лабораторија, како и претставници од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во својство на Национална референтна лабораторија за болеста на Чвореста кожа.

Велес – Градоначалникот на Велес Аце Коцевски денеска на прес-конференција информира дека  во „Паркот на пријателството – Каршијака“ во Велес наскоро ќе биде поставен споменикот на Кемал Ататур, кој пет години е во Пожарната станица.

-Споменикот е висок три метри, не е излиен во бронза и е кршлив, па затоа треба да направиме поголем и помасовен  постамент од оној што сега  е помал и направен за оваа намена пред пет години, рече Коцевски.

Скопје – Воведување нови кривични дела во Кривичниот законик како што се „Спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „Напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“ односно дополнување на постојните членови во законот кои се однесуваат на закани и физички напад вклучувајќи и убиство побара директорот на ЗНМ, Драган Секуловски.

Претставници на ЗНМ учествуваа на работната група за измени и дополнувања на Кривичниот законик, каде беа разгледани препораките на Здружението за измена на Кривичниот законик во делот на заштита на новинарите и медиумските работници при вршење на нивната професионална должност.

Скопје – Обвинителството до Кривичниот суд доставило мислење дека делумно треба да се одмрзнат сметките на „Секјуриком“ за да може да им се исплатат плати на вработените.
– Постапувајќи по барањето на полномошникот на правните лица – Друштво за обезбедување и услуги „Секјуриком Мултисервис Интернационал“ ДООЕЛ Скопје, Трговско друштво „Секјуриком Сервис“ и Трговско друштво „АПС“ ДООЕЛ Скопје чии сметки се предмет на привремена мерка, надлежниот  јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, достави мислење за делумно ослободување на парични средства од замрзнати трансакциски сметки, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска ја презентираше реформата во социјалната и детската заштита во Македонија. Потребата од реформата како и очекуваните ефекти од нејзината примена која треба да стартува од идната година ,Царовска ја образложи пред експерти од 42 земји члнки на АД ХОК Комитетот за Роми.

– Со реформата воведуваме програма за гарантиран минимален приход, што ќе овозможи финансиска поддршка за сите лица што живеат под линијата на сиромаштија. Целта на овој приход е да им обезбедиме доволно средства за подостоинствен живот, да ги вклучиме во општеството, но и да работиме на нивно оспособување за трајно вработување. Се бориме и против детската сиромаштија, бидејќи секое дете ни е важно. Воведуваме детски и образовен додаток, а право на овие надоместоци освен корисниците на гарантираниот минимален приход ќе имаат и домаќинствата со минимални приходи, рече министерката Царовска.

Скопје – Според вештачењата на крим-техниката од МВР, како што беше кажано на денешното рочиште за случајот „Монструм“, кај Смилковско езеро било пукало со две пушки „калашников“ и еден пиштол.

Вештаците Неџат Муриќ и Златко Скулиќ, вработени во МВР во крим техника, не биле повикани на местото на настанот, туку материјалот бил доставен по регуларен пат за анализа во лабараториски услови.

Белград –  „Оние кои ја заведуваат  македонската јавност говорејќи дека можат да обезбедат европска иднина за своите деца без компромисите кои преспанскиот договор ги бара, не и прават услуга на својата земја“, рече заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Метју Палмер на денешниот Белградски безбедоносен форум.

Својот говор на темата „Зајакнување на замаецот на Балканот“ Палмер го почна со состојбата во Македонија и значењето на членството во НАТО.

-Како и ЕУ и НАТО е организација во која мора одредени стандарди да се исполнат. Црна Гора го потврди фактот дека со политичка желба, кога некој тоа го сака, може да влезе во една таква организација. Се надеваме дека тоа ќе биде случај и со Македонија следната година. НАТО веќе ја повика Северна Македонија да се зачлени во НАТО и преговорите ќе започнат наредната година, рече Палмер.

Тирана – Албанското Министерство за одбрана објави тендер за продажба на стари авиони, бродови и блиндирани возила за старо железо.

Тие се поделени во четири категории а почетната цена со која тие излегуваат на продажба е околу 166 милиони леки или нешто повеќе од 1,5 милиони евра.

Тирана – Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, ги негираше тврдењата дека на министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, му дал аудиоснимки околу случајот Кашоги.

– Турција не му даде никаква аудиоснимка на Помпео или на кој било американски претставник, нагласи Чавушоглу и вели дека се води транспарентна истрага за тој случај.

Тирана – Официјална Тирана го честиташе усвојувањето на законите во косовскиот законодавен дом за трансформација на Безбедносните сили на Косово(ФСК) во војска на Косово,искажувајќи поддршка во тој правец.

Премиерот Еди Рама на својот фејсбук профил упати честитка до Косво за формирањето на војска на Косово.

Атина – Грчката опозициска партија Нова демократија, преку портпаролката и европратеничката, Мариа Спираки, бара од владата да ја објави оставката на Коѕијас за „сите Грци да се информираат што точно се случило“.

-Господинот Ѕанакопулос ја карактеризираше оставката на господинот Коѕијас како несфатлива. Господинот Коѕијас од негова страна, вели дека има причини. Владата треба итно, сега, да го објави писмото со оставката на господинот Коѕијас за сите Грци да се информираат што точно се случило, вели Спираки.

 

 

Back to top button
Close