0_МИА Истражува.ПорталАнализа

Меркел еден чекор поблиску до политичкa пензија

Иако и понатаму го застапувам ставот дека е храбро и добро лидерот на партијата да ја води и владата, мислам дека е време да и овозможам на својата партија да може да се подготви со ново раководство за времето по мене. Мислам дека вака се поголеми шансите отколку ризиците, наведе Меркел.

Берлин, 29 октомври 2018 (МИА) – Ангела Меркел со денешната најава дека не планира да се кандидира за претседател на Христијанско демократската унија (ЦДУ), за пратеник и за каква било функција во Европска Унија по истекот на нејзиниот мандатот во 2021 година, е еден чекор поблиску до политичка пензија.

Германската канцеларка се смета за една од најмоќните, ако не и најмоќна жена во светот. Таа е прва жена канцелар во историјата на Германија.

Дојче Веле наведе дека германската јавност долго време Меркел не ја сфаќаше сериозно, за подоцна да ја нарече „Mutti“ (мајка), додека нејзиниот претходник, обединителот на Источна и Западна Германија, Хелмут Кол беше „татко на нацијата“.

„Девојката на Кол“

Меркел за политиката се заинтересира по падот на комунистичкиот режим, а на политичката сцена првпат се појави како заменик портпарол на првата демократска влада на Источна Германија, додека до политичкиот врв „се искачи“ со помош на Кол, кој ја именува за министерка за деловни жени и млади.

Тогаш медиумите ја нарекоа „Девојката на Кол“, а кога тој ги изгуби изборите во 1998 година од Герхард Шредер од Социјадемократската партија на Германија (СПД), лидерот на ЦДУ, Волфганг Шојбле ја именува Меркел за генерален секретар на партијата.

По аферата за незаконски донации и тајно собирање на пари, со кои Кол ја финансираше партијата, во 1999 година, неговата штитеничка меѓу првите побара тој да се повлече и на 10 април 2000 година стана прва жена претседател на ЦДУ.

Две години подоцна Меркел се повлече со цел претседавачот со Христијанско социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ од Баварија, Едмунд Штојбер да се кандидира против Шредер на изборите, но Штојбер изгуби, а Меркел е означена за голем победник.

Таа  покрај лидерството во ЦДУ, го презеде и раководењето со заедничката парламентарна група ЦДУ/ЦСУ.

Нејзините ривали од партијата тогаш сфатија дека „Девојката на Кол“ е тежок противник, наведува Дојче Веле.

Прва жена канцелар на Германија

По сојузните избори во 2005 година, Меркел е именувана за канцелар на Германија, предводејќи ја големата коалиција составена од ЦДУ, ЦСУ и СПД.

На сојузните избори во 2009 година ЦДУ доби најголем дел од гласовите, а Меркел формира коалициска влада со Слободната демократска партија (ФДП).

На сојузните избори во 2013 година, ЦДУ на Меркел оствари убедлива победа со 41,5 отсто од гласовите и формираше втора голема коалиција со СПД, откако ФДП ги изгуби местата во Бундестагот.

На сојузните избори во 2017 година ЦДУ повторно стана најголема партија, а на 14-ти март 2018 година Меркел одново беше избрана на нејзиниот четврти мандат.

Меркел се повлекува од политичкиот живот, но по 2021 година

Меркел денеска на вонредна прес конференција во седиштето на ЦДУ во Берлин најави дека на изборната конференција во декември нема повторно да се кандидра за претседател на партијата, како и дека по истекот на нејзиниот мандат во 2021 година нема да се кандидира ниту за пратеник, ниту за која било функција во Европската Унија.

– Време е да соопштам важна одлука. Нема да се кандидирам за претседателка на ЦДУ на следната изборната конференција во декември. Овој четврти мандат на чело на германската Влада е последен пат да сум канцеларка. Нема да се канидидрам за канцеларка на изборите во 2021 година, а нема да се кандидирам ниту за пратеничко место во Бундестагот. Исто така не планирам да извршувам какви било други политички функции, истакна Меркел.

Според Дојче Веле тивкото незадоволство од Меркел во ЦДУ се јави во текот на грчката должничка криза, што почна во 2008 година, но благодарение на авторитетот на тогашниот министер за финансии Волфганг Шојбле, мнозинството демохристијани ја поддржаа програмата за помош на Грција со наметнување на мерки за штедење. Отворено незадоволство во ЦДУ од Меркел се појави за време на бегалската криза во 2015 година. Меркел е посочена како главен виновник за јакнењето на десничарската Алтернатива за Германија (АфД), бидејќи ЦДУ под нејзино водство свртела премногу лево.

Изборите во Хесен причина за повлекувањето на Меркел

Резултатите од вчерашните избори за покраинскиот Парламент во Хесен ја поттикнаа најмоќната жена во светот да се откаже од нова кандидатура за претседателка на ЦДУ. Нејзината партија изгуби десетина отсто од поддршката и стигна до 27 отсто.

Значителниот пораст на Зелените овозможи црно-зелената коалиција да го задржи мнозинството од еден пратеник. Фијаско во покраината доживеаја социјадемократите со 19,8 отсто (исто колку и Зелените), додека АфД со 13,1 проценти, влезе и во Парламентот на Хесен, каде досега немаше претставници, истакнува Дојче Веле.

Германскиот јавен сервис посочува дека ЦДУ полошо котира на сојузно ниво.

Анкетите покажуваат дека ЦДУ и нејзината сестринска баварска партија ЦСУ имаат поддршка од 24 до 26 отсто од граѓаните, а СПД има рејтинг од околу 15 проценти. Поддршката за Зелените е во постојан раст, која достигнува до 20 отсто, додека АфД може да смета на поддршка од околу 15 проценти. Во Бундестагот би останале и либералите и Левица, кои имаат рејтинг од десетина отсто.

Ангела Меркел

Меркел образлагајќи го повлекувањето од политичкиот живот истакна дека тоа е и за доброто на партијата.

– Иако и понатаму го застапувам ставот дека е храбро и добро лидерот на партијата да ја води и Владата, мислам дека е време да и овозможам на својата партија да може да се подготви со ново раководство за времето по мене. Мислам дека вака се поголеми шансите отколку ризиците, наведе Меркел.

Заменик претседателот на ЦДУ и премиер на покраината Хесен, Фолкер Буфије одлуката на Меркел за повлекување од политичкиот живот ја оцени како многу важна и исправна.

– Таквата одлука и овозможува на ЦДУ нови шанси кои содржајно и со нов стил паметно ќе ја искористиме, наведе Буфије.

За разлика од Буфије, сојузникот на Меркел и министер за внатрешни работи Хорст Зехофер е незадоволен од нејзиното повлекување и го оцени како „срамота“, додавајќи оти нивниот однос е обележан со „меѓусебно почитување“.

И покрај тоа што Меркел планира да остане канцеларка до истекот на мандатот односно до 2021 година, сега се поставува прашањето за иднината на Зехофер со оглед на лошите резултати што неговата ЦСУ на изборите во Баварија.

Откако медиумите објавија дека Меркел планира повлекување од челната позиција на ЦДУ, тројца нејзини сопартијци изјавија дека се подготвени да се кандидираат за претседател на партијата.

Поранешниот лидер на парламентарната група ЦДУ и нејзината баварска партија ЦСУ, Фридрих Мерц, актуелниот министер за здравство Јенс Шпан и актуелната генерална секретарка на партијата Анегрет Крам Каренбауер денеска изјавија дека се подготвени да се кандидираат за претседател на ЦДУ.

Претходно, аспирации за претседателското место на ЦДУ покажаа и бизнисменот Андреас Риценхоф, професорот по меѓународно право Матијас Хердеген, незавршениот студент Јан-Филип Кноп, како и премиерот на најголемата германска покраина Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет.

Марина Илиевска

###

Таг
Back to top button
Close