Тема

Мал интерес за вдомување кучиња во Скопје

Скопје, 17 октомври 2018 (МИА) – Од приближно шеесет кучиња што го поминале целокупниот медицински третман во стационарот „Вардариште“, во рамки на акцијата „Вдоми – не купувај“, беа вдомени десет. Ваквиот слаб одѕив се должи на фактот дека чипирањето на домашните миленици се воведе како законска обврска за сопствениците и во моментов бесплатно се реализира преку Агенцијата за храна и ветеринарство.

На тој начин, како што изјави за МИА директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани, ќе се овозможи следење на одговорното сопствеништво врз овие животни, кои во голем број случаи се оставени на улиците токму од страна на нивните сопственици.

Абдусамед Шабани Комунална хигиена

– ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со стандардните активности за заловување и третирање на бездомните кучиња во Скопје, во рамки на стационарот „Вардариште“. Апелираме и ги повикуваме вистинските љубители на животните да го посетат стационарот и да размислат за можноста во својот дом да му понудат љубов и грижа на некое од овие бездомни кучиња што им ги отстапуваме без никаков паричен надомест, изјави Шабани.

За акцијата „Вдоми – не купувај“

Акцијата за вдомување бездомни кучиња „Вдоми – не купувај“ се реализираше во рамки на одбележувањето на Светскиот ден посветен на заштитата на животните – 4 октомври. Од 4 до 10 октомври годинава стационарот за бездомни животни „Вардариште“ беше отворен од 9 до 19 часот за сите љубители на животните што сакаат да си одберат куче за вдомување. Кучињата се прегледани од ветеринар, не се агресивни и немаат никакви заболувања. Тие се стерилизирани, прочистени од внатрешни и надворешни паразити и вакцинирани од беснило. Доколку не бидат вдомени, тие ќе бидат вратени на скопските улици.

Куче со чип

Од „Комунална хигиена“ ги повикуваат љубителите на животни што планираат да купат миленик да го посетат стационарот „Вардариште“ и да размислат за можноста во својот дом да му понудат љубов и грижа на некое од овие кучиња. На сите заинтересирани граѓани кучињата им се отстапуваат без паричен надомест.

Во соработка со Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ од 2007 година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните – ЦНР-програма (catch, neuter, release – залови, стерилизирај, пушти), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Оваа програма е поддржана од Светската здравствена организација. (WHO), а одобрена од Советот на Град Скопје.

Кучињата се заловуваат од страна на специјализирана, обучена и опремена служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот „Вардариште“, кој има капацитет за третман и сместување на околу сто животни во боксови изградени по европски стандарди.

Вардариште

Во стационарот во две смени работи ветеринарната служба што ја проценува здравствената состојба на бездомните кучиња. Во последните неколку години е воведена и постапка за испитување на евентуално присуство на болеста лајшманиоза, што се прави по пат на земање крвен примерок и десетина дена се чека на резултатите. По добивањето на резултатите, здравите единки се подложуваат на третман на стерилизација, се прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити, се вакцинираат од беснило и се задржуваат десетина дена, а доколку за тоа време не бидат вдомени, овие единки се враќаат на изворната локација. Заболените кучиња што имаат видливи повреди при што трпат болка, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња се евтаназираат.

Програмата се реализира под постојан мониторинг на стручни тимови на Британското кралско здружение. Во однос на реализацијата, односно спроведувањето на Програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Кучиња

ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје постојано работат на подобрување на третманот на кучињата скитници, како и на подобрување на условите во стационарот „Вардариште“, во секој поглед.

– Во октомври 2012 година персоналот на стационарот заврши стручна обука за постапување при заловување, транспорт, евидентирање, сместување, држење и манипулација на бездомните кучиња во објектите. Обуката ја изведе експертски тим од Факултетот за ветеринарна медицина, а е во согласност со националната законска регулатива и основните правила за благосостојба кај животните, информираат од „Комунална хигиена“.

Шилегов во Вардариште

Во текот на минатата година, извршено е реновирање на стационарот. Направени се нови 50 бокса (наменети за по едно куче), спуштен е плафонот, сменета е електричната инсталација, изведени се вентилација и изолација. Спроведено е парно греење со посебна потстаница, објектот е варосан, инсталирано е внатрешно и надворешно осветлување, поставени се пет херметички врати и пет прозорци.

Од 2007 до 2017 година низ стационарот „Вардариште“ поминале приближно 20.000 кучиња

Сите заинтересирани граѓани од вторник до сабота, од 9 до 13 часот, можат да дојдат, да одберат и да вдомат куче. Кучињата од различни раси и големини што се определени за вдомување на граѓаните им се отстапуваат истретирани и вакцинирани и без паричен надомест. Секој граѓанин што вдомува куче, мора да пополни формулар со своите податоци и се обврзува да биде одговорен сопственик почитувајќи ги постојните закони.

скопје есен пролет      .jpg

Магдалена Ристоманов 

Таг
Back to top button
Close