Свет

Лондон го поддржува американскиот план за Јемен, а Шведска е подготвена да биде домаќин на мировните преговори

Лондон, 31 октомври 2018 (МИА) – Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј го поддржа предлогот на САД за деескалација на непријателските дејтвија во Јемен.
– Со сигурност го поддржуваме предлогот на САД за деескалација во Јемен. Примирјето ќе има резултат на терен, само ако е поддржано од политички договор помеѓу страните во конфликтот, изјави денеска Меј пред британскиот Парламент.

Шефицата на шведската дипломатија Маргот Валстром изјави дека Шведска би можела да биде домаќин на преговорите помеѓу завојуваните страни во Јемен, откако специјалниот пратеник на Обединети нации Мартин Грифитс не успеа да ги седне на преговарачка маса.

– САД прашаа дали Шведска може да биде местото каде специјалниот пратеник на ОН може да ги собере страните во конфликтот – меѓународно признаената Влада на Јемен, поддржана од коалицијата предводена од САД и шиитските бунтовници Хути, кои имаат поддршка од Иран, посочи Валстром.

Таа додаде дека Шведска „ќе се радува“ ако биде домаќин на мировните преговори за Јемен, но оти се уште ништо не е утврдено.

Грифитс ги поздрави апелите за брзо воспоставување на мировен процес и за мерките за прекин на борбите во Јемен.
Конфликтот во Јемен, најсиромашната арапска држава, почна во 2014 година кога главниот град Сана беше заземен од Хутите, кои ја соборија меѓународно признаената влада. Од 2015 година Хутите војуваат со коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која е сојузник на јеменската Влада.

Таг
Back to top button
Close