0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталДописници МакедонијаСторија

Кавадаречкиот професор Димитрија изуми паметна училишна табла

Поради револт, професор од Кавадарци произведе паметна училишна табла. Неговиот пронајдок веќе има освоено два златни медала во Македонија. Во изјава за МИА, Димитрија  Ангелков раскажа како всушност дошол на идеја да направи такво нешто.

Кавадарци, 28 октомври 2018 (МИА) – Поради револт, професор од Кавадарци произведе паметна училишна табла. Неговиот пронајдок веќе има освоено два златни медала во Македонија. Во изјава за МИА, Димитрија Ангелков раскажа како всушност дошол на идеја да направи такво нешто.

-Целата работа почна со тоа што своевремено во електротехничкото училиште во кое работам најавија дека ќе добиеме три интерактивни табли. Таблите не ги добивме никогаш. Разочаран и во знак на револт,  заедно со мојот ученик Ангел Стојанов почнавме да правиме нешто што ќе личи на интерактивна табла. Работевме напорно и со нашиот производ настапивме на државен натпревар за трудови на средни стручни училишта во 2016 година во Струмица, каде што освоивме прво место, ја почна професорот својата приказна.

Тоа, според него, бил одличен старт и повод да аплицира во Фондот за иновации, преку фирмата што веќе ја поседувал. Благодарение на фондот, од годинава користи повратен грант од Светска банка. Претходниот месец, од Асоцијацијата на иноватори на Македонија добил златен медал за овој пронајдок, напредна паметна интерактивна табла.

Два патента заштитени во Заводот за индустриска сопственост

Зборувајќи за себе, професорот во средното општинско училиште „Киро Спанџов-Брко” ни кажа дека е доктор по комјутерски науки. Има 14-годишно искуство во компјутерските науки и мултимедијата и 11 години во образованието. Има повеќе сопствени производи и два патента заштитени во Заводот за индустриска сопственост.

-Еден од пронајдоците е интерактивната табла, прв ваков производ во Македонија. Се одликува со ниска цена на чинење и е погоден за нашиот образовен систем. Уредот е досега поставен во повеќе училишта низ Македонија. Реакцијата на наставниците е позитивна и го прифаќаат производот, со кој одат и комплет бесплатни програми што се користат во наставата, по голем дел од предметите. Оваа интерактивна табла користи висока технологија, едноставна е за употреба, лесна за пренос. Ваквиот тип  табла претставува најевтино практично решение за секоја установа. Се користи за реализација на наставниот материјал, тестирање на учениците, состаноци, презентација, приказ на извештаи, воена обука, учење странски јазици, видеоконференција, медицински консултации, секаде каде што се користи проектор за приказ на видеосигнал. Се одликува со едноставна монтажа, преносливост и висок степен на прецизност. Уредот за следење на дејството на корисниците се поставува на самиот проектор и се поврзува на компјутер преку стандарден УСБ-порт. Доколку имате проектор или монитор, со нашиот уред може секоја табла да ја трансформирате во интерактивна табла. Изработуваме и табли пиши-бриши за посебен маркер, кој е направен за бели табли со мастило, што се отстранува со посебен сунѓер, ни појасни Ангелков.

Таблата е од голема корист, а чини малку

Цената на еден комплет интерактивна табла е 12.000 денари, а доколку се има бела табла, само уредот чини 6.000 денари.

-Сѐ во интерес на македонското образование, затоа што, според моите сознанија, само околу еден процент од училниците во земјава имаат интерактивна табла. Доколку училиштата имаат бела табла, тогаш го купуваат само уредот и ја користат без никаков проблем, рече професорот.

Кога станува збор за димензиите, според потребите на корисниците, таблата може да биде од 160  до 220 сантиметри во должина и од 100 до 120 сантиметри во висина.

-Како иноватор имам направено доста софтверски програми што се користат во образованието. Една од нив е програмата интерактивна математика, која во себе има 240 интерактивни содржини од поголем дел од математиката. Увозните табли што доаѓаат од Кина и од Америка не се погодни за нашиот образовен систем, бидејќи лесно се оштетуваат и на нив не може да пишувате со маркер во боја, затоа што тешко се бришат и ја црнат таблата. Исто така и цените на чинење на овие странски производи не се соодветни за буџетите на училиштата, затоа што најевтината табла е 36.000 денари, а откога ќе помине гаранцијата, сервисот е речиси невозможен, затоа што деловите на неа се скапи, кажа тој.

Таблата произведена од кавадарчанецот има двојна намена, се користи како дигитална табла и како табла пиши-бриши.

-Следно на што работам е подобрување на перформансите и користење софистицирани сензори за детекција на движењата на маркерот што се користи. Во фаза е пишување на трет патент за интерактивна табла, во кој ќе се користат последните технички достигнувања во светот, заедно со решенијата што ги поседуваме. Останати наши иновативни производи што ги пласираме се реалистичен возачки симулатор, це-ен-це машини, урбана ветерница, софтверски програми за едукација, системи за онлајн тестирање, разговорници за мобилен телефон, апликации за мобилни, интерактивни видеоигри, софтвер за такси-компании, уреди за дигитално училишно ѕвонче, програми за играње и учење шах, интерактивни веб-страници и останати проекти поврзани со образованието, додаде Ангелков.

Има само еден мал проблем, се согласивме двајцата на крајот од разговорот. Паметната табла не значи дека покрај неа учениците всушност не треба да учат. Напротив, таа треба да придонесе кон тоа тие колку што е можно повеќе да се свртат кон учењето, па еден ден да бидат успешни како својот професор.

Светлана Дарудова

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Close