БалканДописници Свет

Харадинај ги повика пратениците да бидат единствени за дијалогот како што беа за војската

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги повика денеска партиите од власта и опозицијата да бидат единствени во изготвувањето платформа за дијалогот со Србија, како што беа единствени во изгласувањето на законите за трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 31 октомври 2018 (МИА) – Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги повика денеска партиите од власта и опозицијата да бидат единствени во изготвувањето платформа за дијалогот со Србија, како што беа единствени во изгласувањето на законите за трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната собраниска седница, на која се расправа за предлогот на опозицијата за резолуција со која ќе му се забрани на претседателот Хашим Тачи да преговара со Белград за територијата на Косово, Харадинај им се обрати на пратениците со молба да дојдат до консензус за дијалогот со Србија.

Според косовскиот премиер, кој се спротивставува силно на идеите на претседателот Тачи за „корекција на границите“ со Србија, компромисот меѓу власта и опозицијата за прашањето на дијалогот со Србија, „бездруго треба да се постигне“.

– Примарно е за националниот интерес, за прашањата од општ интерес на државата, да најдеме заеднички јазик. Ние немаме друга опција и во секоја етапа треба да наоѓаме формули за прашањата од национален интерес. Мислам дека една од таквите теми за која имаме потреба да се обединиме е прашањето на дијалогот со Србија, изјави Харадинај.

Косовскиот премиер порача дека за такви прашања, за меѓународни договори, не може да одлучува никој друг освен Собранието на Косово.

– Нема дилеми дека Собранието на Република Косово е врховниот авторитет без кој ниту еден меѓународен договор не може да заживее. Единствено Собранието може да донесува такви одлуки, рече Харадинај.

Во косовското Собрание продолжува дебатата за дијалогот меѓу Косово и Србија, при што постои општ консензус меѓу пратениците од власта и опозицијата за неприфаќање на никаков договор за промени на границите.

Претседателот на Собранието Кадри Весели побара од сите пратеници, од власта и опозицијата, заеднички да изготват резолуција, заснована на онаа предложена од опозицијата, за дијалогот со Србија.

Дебатата, започната оклу 11 часот денеска со образложение на резолуцијата од страна на шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово, Авдулах Хоти, продолжува и попланево. Повремено можат да се слушнат и потешки квалификации, како и обвинуања меѓу пратениците од различни партии, и покрај декларираниот консензус околу основното прашање, а  тоа е дека никој не смее да преговара за територијата, суверенитетот и границите на Косово. иа/ми/

Back to top button
Close