0_Web_АктуелноПолитика

Директорот на ОТА на средба со собраниската Комисија за спроведување ПИ-мерки

Директорот на новоформираната Оперативно-техничка агенција, Зоран  Ангеловски, денеска ќе има средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.

Скопје, 29 октомври 2018 (МИА) – Директорот на новоформираната Оперативно-техничка агенција, Зоран  Ангеловски, денеска ќе има средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.

Средбата се случува пред најавеното почнување со работа на ОТА, на 1 ноември, како што е предвидено со Законот за формирање на оваа агенција, која треба да биде медијатор во процесот на прислушувањето.

ОТА  е интермедијарно тело, агенцијата е медијаторот во процесот на пресретнување на комуникациите и треба да биде независна во делот на техничката улога во следењето. Со формирање на новата агенција, наредбата за прислушување од обвинителството ќе оди до ОТА. Нејзината улога ќе биде само техничка, по добивањето на наредбата таа ја вклучува мерката, што подразбира дека го пренасочува сигналот кон корисникот, односно барателот на услугите. Вработените во ОТА нема да можат да да собират податоци, да слушаат, само можат да го вклучат сигналот. Корисникот, односно барателот може само да слуша да собира податоци, нема да може да приклучува.

Целта на оваа реформа, која произлезе од забалешките на Прибе, е да се воспостави реална контролна моќ врз прислушувањето. По незаконското прислушување на над 20 илјади лица во Македонија, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ, а на почетокот на 2015 година го објави тогашниот лидер на опозицијата, а сега премиер Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија“, еден од топ-приоритетите во извештајот на Рајхард Прибе беше реформирањето на безбедносниот сектор, со посебен акцент на тајните служби и системите за следење на комуникациите.

Владата минатата недела ја формираше Комисијата за пренос на техничките уреди и документација од УБК во ОТА. Комисијата, составена од претставници од МВР, ОТА, Врховниот суд, Јавното обвинителство, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите има задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникациите, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од УБК во ОТА, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача.

На почетокот на минатиот месец Зоран Ангеловски во Собранието беше избран за прв човек на ОТА со 83 гласа „за“. Ангеловски беше избран без расправа, бидејќи политичките партии во Собранието постигнаа консензус тој да биде избран меѓу 14 кандидати за оваа функција.

Пред формирањето на ОТА, некоја од институциите што можат да побараат прислушување, испраќаше барање до обвинителството, кое проценува дали има основа за тоа. Обвинителството потоа барањето го доставуваше до судот и доколку се дадеше одобрување барањето се враќаше до УБК, а потоа во Петтата управа, каде што се наоѓа системот за прислушување и во соработка со операторите се спроведуваше прислушувањето. Со новото решение обвинителството, по одлуката на судот, одобрението го испраќа до новата агенција. Судот прави проценка дали прислушувањето може да се одобри, а агенцијата има чисто техничка улога, нејзините вработени само ќе го притискаат копчето за почеток и завршување на оваа операција.

Целта на оваа реформа е да се одземе монополот на УБК врз следењето на комуникациите.

Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.

Во контролата, во согласност со Законот за следење на комуникациите се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци. Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе врши надзор над ракувањето со класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на личните податоци врши надзор над законитоста на преземените активности при обработка на лични податоци, а Народниот правобранител врши надзор од аспект на почитување на човековите права и слободи.

Новина е Советот за граѓанска контрола, кој е составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието.  Парламентот распишува јавен оглас за назначување претседател и шест члена, од кои тројца членови се претставници од невладините организации од областа на заштитата на основните човекови права и слободи, безбедноста и одбраната. Нивниот мандат е три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот. Совет за да изврши контрола во ОТА или во операторите ќе мора претходно да се најави. ац/са/

Таг
Back to top button
Close