0_Web_АктуелноДописници СветПолитика

Ципрас – Коѕијас: Ден на радост по вчерашното гласање во соседната земја (ДПЛ)

Ден на радост е денешниот за новиот, но и за стариот министер за надворешни работи на Грција, поради вчерашниот позитивен резултат од гласањето во македонското Собрание. И покрај оставката и заминувањето на Никос Коѕијас од позицијата на шеф на грчката дипломатија, и тој и Ципрас рекоа дека се среќни, иако тоа е оксиморон, како што истакнаа и двајцата.

Атина, 20 октомври 2018 (МИА) – Ден на радост е денешниот за новиот, но и за стариот министер за надворешни работи на Грција, поради вчерашниот позитивен резултат од гласањето во македонското Собрание. И покрај оставката и заминувањето на Никос Коѕијас од позицијата на шеф на грчката дипломатија, и тој и Ципрас рекоа дека се среќни, иако тоа е оксиморон, како што истакнаа и двајцата.

– Си заминуваш на еден радосен ден за нашата надворешна политика, му рече Ципрас на Коѕијас, тој пак порача дека е најсреќниот министер во оставка.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во присуство на дипломати, на замениците министри за надворешни работи и во присуство на голем број странски и грчки новинарски екипи, во грчкото МНР, на свеченоста за примо-предавање на функцијата министер за надворешни работи, Алексис Ципрас и официјално го наследи Никос Коѕијас на позицијата шеф на грчката дипломатија.

И двајцата, во нивните опширни обраќања се задржаа на грчката надворешна политика, но и на прашањето за името и Договорот од Преспа.

– Навистина, денешниот ден е симболичен и историски ден за нашата надворешна политика, по вчерашната одлука на Собранието на Скопје, која го отвора патот за да се имплементира историскиот договор, рече Ципрас кој уште еднаш повтори дека уставните измени се предуслов за интеграција на нашата земја во ЕУ и НАТО.

– Можевме и направивме еден чекор напред во скопското, во македонското прашање. И морам да ви кажам: Благодарам Заев, Димитров и за 80те пратеници кои што гласаа за договорот. И јас и вие го живееме истиот парадокс. Да си имам поднесено оставка, а да сум среќен. Среќен сујм бидејќи си одам а имаме направено еден сериозен чекор, чекор на надеж за имплементирање на Договорот за кој толку макотрпно работевме, Вие, јас, мојата дипломатска канцеларија, рече Коѕијас, видно среќен и радосен, со насмевка на лицето, а при крајот на неговото обраќање откри дека од неговите пријатели од Скопје му пратиле убави и добри смс пораки, но кога им се јавил околу 5-5.30 часот спиеле.

Пристигнувајќи во грчкото МНР кусо пред средбата со Ципрас, сега веќе поранешниот шеф на грчката дипломатија, на новинарските екипи им рече дека е “најсреќниот министер во оставка”.

Грчкиот премиер пак, во објектот на Министерството за надворешни работи на Грција пристигна од претседателската палата каде што положи граѓанска свечена заклетва пред претседателот на државата, Прокопис Павлопулос. ср/нд/

Back to top button
Close