0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталРепортажа

Беловиште некогаш имало радиостаница и диско, а денес едвај брои 250 жители

Остар, свеж воздух. Мирис на планина. Влажно. Тивко, мирно, чисто, со понекоја празна кеса „смоки“ или пластично шише фрлено во реката. Пуст плоштад. На патеките од бекатон прошетува понекое кутре. Едвај, сосема случајно, ве пресретнува и понекој човек. 

Скопје, 30 октомври 2018 (МИА) – Остар, свеж воздух. Мирис на планина. Влажно. Тивко, мирно, чисто, со понекоја празна кеса „смоки“ или пластично шише фрлено во реката. Пуст плоштад. На патеките од бекатон прошетува понекое кутре. Едвај, сосема случајно, ве пресретнува и понекој човек.

Ваква е сликата за селото Беловиште, Тетовско, особено ако го посетите во овој период од годината.

Сместено е под Шар Планина, на околу 680 метри надморска висина, веднаш пред Вратница, по Теарце и Доброште.

Со преполовен број жители, повеќето отселени, селото денес брои околу 170 куќи. Сите се македонски. Млади многу слабо може да се забележат. Евентуално во трите ресторани што се наоѓаат во горниот дел на Беловиште. Всушност, има четири угостителски објекти, но еден од нив веќе не работи откако починал газдата.

Во Беловиште има три цркви: „Св. Богородица“, „Св. Петка“ и „Св. Јован“. Основно школо нема. Децата одат на училиште во Вратница, заедно со децата од Рогачево, Старо Село и Одри. Земјоделството е слабо развиено. Луѓето или работат приватно или по околните фабрики (оние што се останати). Од тоа живеат.

-Меѓу првите тука сме имале основно школо. Било отворено во 1835 година, но поради иселувањето се затворило во педесеттите години, раскажува Мирослав Богоевски, жител на Беловиште.

Во Беловиште во 1969 година имало диско, а од 1968 година функционирала и локална радиостаница. Радиостаницата работела до осумдетсеттите години, а диското до 1990-та.

Пола село во странство

Нема семејство кое не испратило некој од своите членови во странство, главно во Канада и САД, во Торонто, Виндзор или Детроит.

-Дедо ми уште пред 101 година бил во Детроит на печалба. Во тоа време, кога се вратил, селото броело околу 800 жители, а денес има само 250. Имало и 13 воденици, две т.н. волновлечарки и две пилани, истакнува Богоевски.

Сега, додава, од тоа нема ништо. Сите занаети се замрени, а луѓето, посебно младите, масовно се иселуваат.

-Нема работа, а со 200 евра месечно не се живее. Функционираат само рестораните, и тоа лете. Тогаш дури треба да резервирате за да најдете слободна маса. Големи се гужвите, посебно за викенд, кога доаѓаат гости од секаде, но 95 отсто се од Скопје. Годинава за Први мај Беловиште во само еден ден го посетија 4.000 луѓе. Оваа бројка секоја година се зголемува. Сезоната наесен наеднаш замира. Од 20 септември сѐ уште доаѓаат гости за викенди, посебно ако е времето убаво, но забележителен е драстичен пад на посетеноста, вели 28-годишниот Бојан Младеновиќ.

Двата водопада атракција за посетителите

Посебно привлечни за посетителите на Беловиште се двата водопада. Едниот, помалиот, т.н. Петочко водиче или Вражји вир се наоѓа веднаш над селото, а другиот т.н. Голем беловишки водопад е на 1,5 час пешки кон Шар Планина или на два-три часа за оние со послаба кондиција. Големиот водопад е познат и како Цкало, зашто е скалест, „паѓа“ надолу на три дела. Всушност, има Горно и Долно Цкало. Првото е на 1.200-1.300 метри надморска висина, а второто на над 1.600 метри.

-Тоа што рекреативците обично го посетуваат е Долно Цкало. Патеката е обележана, но ретко кој оди сам. Најчесто движењето е во група, со планинарско друштво или со некој жител од селото, нагласува Богоевски.

Името на помалиот водопад, Вражји вир, доаѓа од вировите што се дел од него и кои, според жителите, може да бидат опасни, да повлечат некој ако се капе или се мие во водата, а не е доволно внимателен.

Традицијата полека се губи

Во Беловиште се слават Митровден, Варвара, зимски Свети Никола, Водици, Света Врача (Кузман и Дамјан), Василица. Селаните ја празнуваат и Лазарица – една недела пред Велигден. Девојчињата до 15 години се подготвуваат цела недела за празникот, учат песни за светецот Лазар. На денот, одат и пеат од куќа во куќа. За секој член на семејството, како што објаснува Богоевски, има по една строфа. За бебиња се пее „го огреало с’лнченце“ или „го огреало месече“, за беќари се пее „јунак неженет“, за немажени девојчиња „црно око“, за газдата на куќата „сам се фалеше, има жена убава“, а ако некој од семејството пие „овде пијан делија“.

– За Бадник само машките деца од селото, до 15-годишна возраст, одат маскирани по куќите и собираат пари, грав, ракија, суво месо, вино, компири, кромид… Што ќе им дадат, тоа.  За Василица организираме карневал во кој учествуваат сите што сакаат. Главни маски се невеста и младоженец (двајцата се мажи, само преправени). Качени на магаре, со музика до нив, одат низ селото. Има и плашила, но маски за некој од политичариве нема. Еднаш само имаше еден Тито. По повод Водици, пак, фрламе крст во Беловишка Река. Традиционално потоа, вечерта, спроти Свети Јован Крстител, палиме оган во црква и го чуваме до осум утрото. Дотогаш има и луѓе, макар еден човек останува за да го одржи огнот. Дента, храната што е собрана претходно се носи во црквата и таму сите заедно јадеме, а со собраните пари докупуваме тоа што нема и ја дополнуваме софрата, вели Богоевски.

Беловиште порано го празнувало и Атанасов ден, со прослава сретсело. Но, денес не е така. Ако некој слави, тоа го прави дома.

Со оглед на иселувањето, начинот на живот и актуелните случувања во Македонија, и Богоевски и Младеновиќ сметаат дека за десетина година селото ќе биде празно.

Мирјана Чакарова

Close