Оригинални текстови

Џафери: Подобрување на безбедноста на медиумските работници и овозможување на правото на слободно изразување

Обраќање на Претседателот Џафери на Регионалната конференција на тема ,,Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан” во организација на Собранието на Република Северна Македонија и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)

Скопјем 26 ноември 2021 

Обраќање на Претседателот Џафери на Регионалната конференција на тема ,,Подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан” во организација на Собранието на Република Северна Македонија и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)

26 ноември 2021 година

Почитуван Претседател на Собранието на Црна Гора, г. Бечиќ

Почитуван потпретседател на Собранието на Република Србија, г. Тврдишиќ,

Почитуван претставник на Собранието на Босна и Херцеговина, г. Продановиќ,

Почитуван претседател на Здружението на новинари на Македонија, г. Чадиковски,

Почитувани колеги пратеници,

Почитувани претставници на новинарските здруженија од соседството,

Почитувани медиуми,

Дами и господа,

Пред да започнеме со поздравиот и работниот дел, дозволете да ве замолам со едноминутно молчење да оддадеме почит на 44те граѓани на нашата земја, жртви во автобуската несреќа што се случи во соседна Република Бугарија, со надеж дека никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на ваков тажен настан.

Почитувани, чест ми е што денес сум домаќин на оваа прва од овој вид регионална конференција, која ја организираме заедно со Здружението на новинари на Македонија, и на која се поканети и присутни мои колеги од регионов и новинари од неколку соседни земји. Би сакал да беше составот навистина поширок, и верувам дека и ќе биде на идните конференции од овој формат, затоа што медиумите се присутни и неопходни во секоја земја, регион и секој дел од светот. И за медиумите важат истите правила, пред се од етички, а потоа од професионален и законски аспект, иако знаете дека од тој аспект, медиумската работа е регулирана со законите на секоја земја индивидуално. По правило, би требало примарната појдовна законска основа да биде иста во сите земји, односно, да биде во насока на подобрување на безбедноста на медиумските работници, и во исто време, овозможување на правото на слободно изразување, како основно човеково право. Токму тоа беше поводот поради кој прифатив Собранието да биде ко-организатор на овој настан заедно со Здружението на новинари на Македонија, затоа што сметам дека новинарите се наши партнери, партнери на институциите, и партнери на граѓаните во градењето на подобри општества, похумани и потолерантни општества во кои слободното изразување е императив a

тесната соработка е круцијална, и внатре во земјата и надвор од нејзините граници, односно регионално, овозможувајќи транспарентност и јавност во работењето на институциите.

Драги колеги,

Домашните новинари знаат, затоа ова го кажувам информативно за другите присутни на оваа конференција. Имено, мој личен став а и заеднички став на претседателството на Собранието од моментот кога бев избран бил секогаш да бидеме отворени и достапни за медиумите, преку медиумите до граѓаните, отворени за невладините организации и се разбира меѓународните организации. Јас имам воспоставено редовни месечни брифинзи на кои се покануваат сите акредитирани новинари и на кои седам со нив и отворено без ракавици одговарам на нивните директни прашања. Покрај тоа, секогаш сум достапен и на телефон, без протоколи, без најави. Затоа што знам, како што знаете и сите вие присутни дека информацијата е моќна алатка, не за џабе медиумите се наречени седма сила. Тој што ја има информацијата, ја има и моќта на делување. А на новинарите им е должност да ја дознаат, истражат или откријат први информацијата, а со тоа се разбира доаѓа и најголемата одговорност. Затоа е суштински битен личниот интегритет на новинарот или на медиумската куќа која ја поседува информацијата. Второ, но не помалку важно прашање е веродостојноста на информацијата. Колку е таа точна и проверена? Затоа што треба да се има јасна линија помеѓу информирањето на граѓаните и со тоа исполнувањето на должноста, и ловењето и објавувањето на лажни, непотврдени вести, само заради добивање на поголем рејтинг, читатели или слава на медиумската куќа,без притоа да се води сметка за тоа колкава штета ќе нанесе лажна, непроверена и во несоодветно време објавена таква вест.

Сега, околу подобрувањето на законското уредување на медиумските политики, знаете, во Република Северна Македонија се донесе Законот за клевета во чие изготвување беа вклучени и медиумските работници. Се разбира, има потреба од доуредување, затоа што секој закон слабостите најдобро ги демонстрира при применувањето, нели? Треба да се продолжи со подобрување на законската рамка, во која основните принципи ќе бидат слободата на изразување и безбедноста на новинарите, според препораките на УНЕСКО, ОБСЕ, Советот на Европа и Директивите на Европската комисија, имајќи на ум дека полноправното членство во Европската унија е наша одамна утврдена стратешка цел. Едно е јасно, законско уредување мора да има, законите мора да важат и да се почитуваат подеднакво од сите актери, чинители и институции, при што, професионалната соработка не смее да затаи а професионалната одговорност и совесност при објавувањето на вестите треба да биде на највисоко можно ниво, да бидат добро проверени и со сигурност потврдени. Тука, огромна улога има личниот и колективниот интегритет на новинарската фела, на уредувачите, на јавите личности, а пред сѐ и над сѐ, личната одговорност и подложноста на влијанија на новинарот, поради икс причини како финансиска немоќ, подобра позиција, унапредување или некоја друга полза. Ќе истакнам уште едно прашање, иако знам дека има уште мал милион за кои треба да се говори, меѓутоа, навистина мора да се поработи и во насока на нееднаквиот третман на новинарките, нивната поголема подложност на заплашување и закани. Професијата на треба да има родов предзнак, професионалноста треба да е единствена мерка за секоја професија.

Драги колеги,

Знам дека има уште многу да се каже и уште многу да се направи, меѓутоа, и оваа регионална конференција е добар почеток, нели? Доволно е што седнавме на една маса, законодавци и новинари од регионов, добро е што ќе имаме можност да ги искажеме и вкрстиме нашите размислувања, идеи, а уште подобро ќе биде доколку конференцијата ја заокружиме со потпишувањето на заедничката Декларација која ќе биде некој вид на катализатор за подлабока регионална соработка и чекор напред кон интеграцијата во Европската унија, со подобрување на дијалогот помеѓу парламентите и новинарските здруженија од регионов. И затоа би сакал во оваа прилика да изразам поддршка до Здружението на новинари на Македонија за покренатата иницијатива со охрабрување да продолжат и да го збогатат присуството на ваквите регионални конференции со претставници од сите земји од Западен Балкан. Собранието на Република Северна Македонија, како и секогаш, ќе биде Ваша поддршка.

Ви благодарам на вниманието и посакувам успешна работа на Конференцијата!

Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Back to top button
Close
Close