0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталВидео изјаваДописници СветМИА ИстражуваПолитикаТема

Џафери за МИА: Тасулас изрази подготвеност да се вложи себеси во напорите за отворање на преговорите со ЕУ (видео)

За средбата со претседателот на Парламентот на Грција, за отворената покана за посета на Тасулас во Скопје и за неговиот одговор, за парламентарните групи за пријателство меѓу двете земји, но и за ратификацијата на трите Меморандуми во грчкиот Парламент, говори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери во интервју за МИА, по средбата со неговиот грчки колега Константинос Тасулас во Атина.

Атина, 23 октомври 2021 (МИА) – За средбата со претседателот на Парламентот на Грција, за отворената покана за посета на Тасулас во Скопје и за неговиот одговор, за парламентарните групи за пријателство меѓу двете земји, но и за ратификацијата на трите Меморандуми во грчкиот Парламент, говори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери за МИА, по средбата со неговиот грчки колега Константинос Тасулас во Атина.

Претседателот на Собранието коментира дека средбата е „во доменот на историска средба“, имајќи предвид дека во претходните три децении „на ниво на Парламенти немало никаква официјална комуникација во смисла на она што е соработка меѓу двата Парламента“.

– Претседателот на Парламентот изрази задоволство од начинот на кој што соработуваме и начинот на кој што настојуваме таа соработка да се продлабочи, а подготвеноста е да ја добиеме сета поддршка, како што впрочем и ја добиваме и во контекст на Европската Унија. И во тој контекст претседателот изрази подготвеност да се вложи себе си во тие напори во Европската Унија за да можат да се отворат пристапните преговори, открива Џафери.

Во изјавата за МИА, вели дека на средбата со неговиот грчки колега, уште еднаш ја повторил отворената покана за Тасулас да оствари официјална посета на нашата земја, додавајќи дека подготвеност од Атина постои, но сè ќе зависи од обврските.

-Секако дека подготвеноста е позитивна. Секако, како што ќе дозволат ангажманот и обврските на Парламентите и тоа ќе биде особена важност претседателот на Парламентот да ја посети Северна Македонија и да има можност и директно да се обрати во Парламентот и да го добие чувството на она што подразбира воспоставувањето односи онака како што ги предвидуваат правилата на дипломатијата и на кореспонденцијата меѓу институциите, рече Џафери.Да се активираат пратеничките групи за пријателство Северна Македонија – Грција

Претседателот на Собранието објаснува дека по Преспанскиот Договор, „Парламентот на Северна Македонија ги реализираше првичните предуслови кои произлегоа од Договорот и фактички е започната втора фаза на имплементација на договорот во нашата земја“.

-Како резултат на тоа, воспоставена е директна соработка меѓу институциите, и на владино и на претседателско ниво и во сите сегменти на соработката со различен интензитет во комуникацијата. Првично на ниво на Парламентите, иако во последните мандати и кај нас и овде се воспоставени групите за пријателство, но за жал не се реализирани директни средби меѓу нив. Првично овде се смени претседателот на групата за пријателство, па потоа пандемијата и одново нов претседател, рече Џафери.

На групата за пријателство се осврна и претседателот на грчкиот Парламент во изјавата за медиумите, по билатералната средба со Џафери, велејќи дека „анализирале начини на кои би можеле двата Парламенти да соработуваат преку парламентарните групи за пријателство“.

Во март минатата година, во грчкиот Парламент беше формирана групата за пријателство Северна Македонија – Грција, а иста таква постои и во нашето Собрание.

Грчката група брои 22 членови, од кои еден претседател, еден потпретседател и секретар.

Претседател е пратеничката од Нова демократија Мариета Јанаку, која дојде на местото на Јоргос Влахос, откако беа направени промени на претседателската позиција во групата. Потпретседател е Никос Папас од СИРИЗА, а секретар пратеникот од Комунистичката партија Јоанис Делис.

Останатите 19 членови се 15 пратеници од СИРИЗА и четири од Нова демократија.

 

Позитивен ставот на Тасулас за ратификација на трите Меморандуми со Северна Македонија

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на Собранието открива дека на средбата со Тасулас го покренал и прашањето за ратификација на трите Меморандуми за соработка потпишани меѓу двете земји, а кои произлегуваат од Договорот од Преспа.

-Претседателот се изјасни позитивно во однос на тоа, повикувајќи се на процедурите кои што се разбирливи во Парламентите и секако во скоро време очекуваме и тој дел од формалниот аспект на она што е договорено да се спроведе и да можат и практично да се спроведува, иако дел од тие договори се спроведува обострано, но би требало да добие и формалната форма низ процедура во Парламентот за да ја добијат целата форма на она што е меѓународен акт што треба да се спроведе и да биде во сила. Јас сум убеден дека тоа ќе се случи имајќи ги предвид дека и заложбите и гаранциите што ги дава претседателот, ќе се остварат, објасни Џафери.

Трите Меморандуми, во септември минатата година беа донесени во Парламентот, а согласно процедурите, следниот чекор е да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на Парламентот.

Станува збор за Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје што произлегуваат од Договорот од Преспа.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија вчера и завчера во Атина учествуваше на дводневната Конференција на претседателите на Парламентите на земјите – членки на Советот на Европа.

Вчера, во неговото излагање на тема „Заедничката иднина на сите европски граѓани“,  рече дека „ние, како земја кандидат за членство во ЕУ и останатите земји од Западниот Балкан сме вклучени во дебатата за иднината на Европа, со цел да ги потврдиме нашите аспирации за членство, да дадеме придонес за унапредување на европскиот проект и да докажеме дека нашето членство дополнително би ја зајакнало Унијата“.

Сања Ристовска

Фото/видео: МИА

 

Таг
Back to top button
Close
Close