Дописници МКДОпштински вести

Јуниорскиот шампионски тим на КК Крива Паланка на прием кај градоначалникот Митовски

Шампионскиот тим на Кошаркарски клуб Крива Паланка кој синоќа ја освои титулата во државната лига за девојки до 18 години при Кошаркарска федерација на Република Северна Македонија, заедно со стручниот штаб беа на прием кај градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.

Крива Паланка, 25 мај 2022 (МИА) – Шампионскиот тим на Кошаркарски клуб Крива Паланка кој синоќа ја освои титулата во државната лига за девојки до 18 години при Кошаркарска федерација на Република Северна Македонија, заедно со стручниот штаб беа на прием кај градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.

Кошаркарките на КК Крива Паланка се закитија со шампионска титула во јуниорска конкуренција откако синоќа во финалето лесно го совладаа тимот на врсничките од ЖКК Баскет Кам, Македонска Каменица, со резултат 101:51.

На приемот беше поканет и сениорскиот репрезентативец и спортски амбасадор на родниот град Крива Паланка, но и на државата Андреј Јакимовски.

Градоначалникот Митовски рече дека синоќа му се исполнило срцето по триумфот на тимот златни девојки кои се гордост на целиот град.

– Вашиот успех ја прави горд цела КК Крива Паланка, а посебна чест ми е денес да ве имам за гости вас, шампионките во јуниорската државна лига КК Крива Паланка, заедно со нашиот кошаркарски бисер, Aндреј Јакимовски. Мојата поддршка како и досега и во иднина ќе биде насочена кон овие златни млади луѓе и целиот стручен тим, зашто се мотив и поттик за уште поголеми нови вложувања во спортот. Моето мото и девиза се дека спортот обединува и дека луѓето треба да се занимаваат со спорт, но и да се вложува во спортот како неутрално поле за раст и развој на младите личности,кои покрај успесите на спортски план, стануваат и лидери, млади успешни, упорни и посветени луѓе. Овие млади луѓе се амбасадори на градот, гордост на семејствата и клубот, вредни личности со храбро срце. Вашите успеси се историја. Испишувате нови позлатени страници во спортската историја на градот и државата. Продолжете со победите и успесите, општината и јас сме секогаш тука за вас, рече Митовски.

Тој им приреди и мало изненадување за дружба и забава на сите кошаркарки.

– За достигнување на вакви успеси потребни се многу труд, енергија, вложувања,  многу одрекувања. Но она што е значајно е дека сте повеќе мотивирани кога знаете дека не сте сами, кога ја имаме поддршката и вложувањето во спортот, како оние од ваша страна. Овие девојки се златна генерација што донесе клупска титула до 14 години, државни прваци беа во основно училиште, за ООУ Јоаким Крчовски, неодамна се закитија со шампионска титула на државно ниво во конкуренција на средни училишта со тимот на СОУ Ѓорче Петров, а сега се клупски државни прваци до 18 години. Што да кажам, освен дека треба да го продолжат зацртаниот пат што им носи успеси, изјави тренерот Мирослав Ивановски.

Претседателот на клубот Ведран Белешковски, рече дека потенцијалот што го имаат, она што им се овозможува како услови од клубот треба да им биде поттик за нови уште поголеми резултати,а нивниот талент допрва ќе се етаблира во кошаркарската јавност.

Андреј Јакимовски им честиташе и посака да продолжат со нивната упорна работа и труд,кои секако, ќе им донесат многу бенефити.

Порача дека срцето секогаш му е на место кога е во родната Крива Паланка и дружбата со другарите оттука му е најмила. Рече, секогаш е тука за сѐ што е потребно за помош од поддршка на кошаркарите и клубот од кој потекнува, КК Крива Паланка. ид/мс/

 

 

 

Back to top button
Close
Close