Дописници МКДОпштински вести

Ѓурѓај донираше примероци од весникот „Илинден” и други изданија за библиотеката на албанскиот Парламент

Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај донираше комплет изданија од весникот „Илинден“ во библиотеката на Собранието на Република Албанија.

Тирана, 19 мај 2022( МИА) – Претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај донираше комплет изданија од весникот „Илинден“ во библиотеката на Собранието на Република Албанија.

– Ми претставуваше чест и задоволство во Собранието на Република Албанија да се сретнам со Лидра Бушати, директор на издавачката служба и собраниската библиотека. Донирав комплет од македонскиот весник „Илинден“ и други изданија на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, изјави Ѓурѓај.

Верувам, додава тој, дека тие ќе ја збогатат збирката на литература и периодика за националните малцинства во библиотеката на Собранието на Република Албанија.

– Посебна благодарност искажувам до Линдита Никола, претседател на Собранието на Република Албанија која го прифати барањето за донација на македонскиот весник „Илинден“ и другите изданија на здружението, за библиотеката на Собранието на Република Албанија. Се надевам дека и во иднина ќе имаме свои изданија, со кои ќе ги збогатиме фондовите наменети за малцинствата, нагласи тој.

Тој посочи дека во донацијата се сите 50 печатени изданија на весникот, потоа брошурите „Резолуции на МД „Илинден” изгласани од ФУЕН и „Македонците во Република Албанија“ и МД „Илинден” отпечатени на македонски, албански и англиски јазик.

Во донацијата се и примероци од разгледницата со народни носии на етничките Македонци во Албанија на која се поставени 10 фотографии со Македонци облечени во народни носии, шест од Голо Брдо, две од Гора и по една од Врбник и Мала Преспа, со пригоден текст на македонски и албански јазик. вт/фф/

Таг
Back to top button
Close
Close