Дописници МКДОпштински вести

Штипските пожарникари добија ново возило од Дирекцијата за заштита и спасување

Ново теренско возило, кое ќе придонесе за побрза интервенција и навремена реакција, доби Територијалната противпожарна единица Штип. Вредната донација со капацитет од 400 литри вода и можност за 400 литри пенило,  вчера ја примија градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев.

Штип, 1 октомври 2022 (МИА)Ново теренско возило, кое ќе придонесе за побрза интервенција и навремена реакција, доби Територијалната противпожарна единица Штип. Вредната донација со капацитет од 400 литри вода и можност за 400 литри пенило,  вчера ја примија градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и командирот на ТППЕ-Штип, Дарко Коцев. 

На прес-конференција денеска истакнаа дека новото возило е наменето за пожари на отворено и, пред се, за нискостеблеста шума.

-Со ова возило ќе се стигне брзо и навремено додека пожарот е во рана фаза за да се изгаси и да не дојдеме до пожари од поголем размер. Исто така, возилото е наменето за тешко пристапни терени, каде што пожарникарите тешко може да стигнат, рече Коцев.

Според градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, изминатиот период единицата се снабди со нова опрема и возила, коишто помогнаа да се зголемат можностите и потенцијалот. Дополнително, останува уште да се работи на самиот објект на ТППЕ Штип.

-Морам да напоменам дека во изминатиот период го зголемивме потенцијалот на ТППЕ Штип со набавка на возило за шумски пожари, со набавка на опремата за шумски пожари и за урбани средини. Мислам, дека генерално со сето она коешто го добија оваа година, ТППЕ го зголеми својот потенцијал и капацитет, останува уште инфраструктурно внатрешните делови да ги реконструираме и сметам дека, како што доликува на една општина, којашто е центар на источна Македонија, ги прибилижуваме стандардите на нашата Единица до европските стандарди. Сакам да се заблагодарам на ДЗС и се надевам дека ќе има помалку потреба од интервенции, истакна Јорданов.

Новото теренско возило е донација од Дирекцијата за заштита и спасување. Во набавката, вредна 42,5 милиони денари, вклучени се 14 нови возила кои денес беа доставени до противпожарните единици во 14 градови низ државата. вдј/хс/

Таг
Back to top button
Close
Close