Дописници МКДОпштински вести

Штипскиот градоначалник реагира на неквалитетна изградба на тротоари и игралиште во штипската населба Балканска

Изведувачите на проектите во Штип ја надминуваат временската рамка и оставаат недостатоци, констатираше денеска градоначалникот, Иван Јорданов, според кого, изградените тротоарски површини и игралиштето во населба Балканска се само дел од примерите за тоа како изведувачите не работат квалитетно, на штета на граѓаните.

Штип, 25 мај 2022 (МИА) – Изведувачите на проектите во Штип ја надминуваат временската рамка и оставаат недостатоци, констатираше денеска градоначалникот, Иван Јорданов, според кого, изградените тротоарски површини и игралиштето во населба Балканска се само дел од примерите за тоа како изведувачите не работат квалитетно, на штета на граѓаните.

– За жал морам да констатирам дека последователно на неколку објекти, на неколку започнати проекти изведувачите имаат надминување на временскиот рок. Во случајот со поставувањето на тротоарските површини има надминување на предвидениот временски рок за поставување на павер елементите. Додека, пак, на други проекти коишто се завршени и финализирани, се појавува недостиг на квалитет во изработката. Очигледно е дека не се почитувале одредени правила, а законската обврска предвидува две години гаранција за квалитет, истакна Јорданов.

Откако надзорот ги констатираше недостатоците, сега изведувачите ќе ги коригираат на нивни трошок. Јорданов потенцираше дека ваквата пракса за жал продолжува да се провлекува како проблем, но за да се спречи тоа ќе се засилат контролите.

Тој најави и дека сите проекти коишто не се завршени квалитетно сега повторно ќе бидат реализирани и изведени на трошок на изведувачите.

– Морам да констатирам дека тоа ни се повторува години наназад, но како одговорна власт нема да дозволиме парите на граѓаните да се трошат нерационално и да завршуваат во неквалитетни проекти. Секој денар на граѓаните треба рационално да се користи и да биде контролиран, вели градоначалникот на Штип.

Според него, Општината нема друг механизам освен да наложи да се поправи направеното. Во иднина ќе постапува согласно со законските процеси, па ако е потребно, како што вели, ќе ја активира и банкарската гаранција, којашто ја имаат доставено изведувачите. вдј/ки/

Таг
Back to top button
Close
Close