Дописници МКДОпштински вести

Црни сончогледи за кочанските бели дробови – герила-акција на граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“

Граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“ попладнево организираше герила-акција во која постави уметничка инсталација со црно обоени метални сончогледи пред влезот на Општина Кочани. Со тоа го изразуваат своето незадоволство од непостапувањето на одговорните во локалната самоуправа во врска со загадувањето на воздухот во регионот.

Кочани, 22 мај 2022 (МИА) – Граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“ попладнево организираше герила-акција во која постави уметничка инсталација со црно обоени метални сончогледи пред влезот на Општина Кочани. Со тоа го изразуваат своето незадоволство од непостапувањето на одговорните во локалната самоуправа во врска со загадувањето на воздухот во регионот.

Екоактивистите од граѓанската иницијатива нагласија дека освен загадувањето од фабричкиот оџак на компанијата „Пејп мил“, во изминатите неколку недели евидентно е дека негативен придонес за аерозагадувањето имаат и комуналните депонии во Кочани и Виница кои се запалени и постојано чадат.

– Под мотото „Црни сончогледи за кочанските бели дробови“ сакаме на овој начин да им покажеме на надлежните локални и државни органи дека граѓаните не можат да го толерираат нивното рамнодушно однесување кон проблемите со нарушувањето на здравата животна средина. Тие се однесуваат на сите нас, без разлика дали сме вработени во јавните институции или во приватнот сектор, дали сме ученици или деца во градинка, здравјето ни е загрозено на сите подеднакво. Наместо одговорните во институциите да работат за подобрување на состојбата, тие покажуваат негрижа кон јавните апели, па сведоци сме дека покрај приватана фирма „Пејпр мил“, сега и јавните комунални претпријатија не преземаат никакви мерки да ги изгаснат нивните депонии за отпад, истакна Горан Лефков од граѓанската иницијатива „За чист воздух во Кочани“.

Герила-акцијата со црните сончогледи, фотографии од заболени бели дробови и изменети стихови од Рациновите „Денови“ во наредните денови ќе бидат поставени и на други локации во Кочани, за повторно да се подигне јавната свест и да им се укаже на надлежните институции да работат во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните. та/нд/

Back to top button
Close
Close