0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталВидео изјаваОпштество

Царовска: Не е можна дигитална трансформација, без дигитализација на образованието и подготовка на младите за дигиталниот свет

Економски раст за регионот на Западен Балкан, но и на секоја држава одделно не е возможен со забрзан чекор без дигитална трансформација, изјави за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска учествува на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Подгорица.

Подгорица, 13 октомври 2021 (МИА) – Економски раст за регионот на Западен Балкан, но и на секоја држава одделно не е возможен со забрзан чекор без дигитална трансформација, изјави за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска учествува на Дигиталниот самит за Западен Балкан во Подгорица.

Таа посочи дека на Самитот ги споделила позитивните искуства од нашата земја, нагласувајќи дека сите говорници заклучиле оти без унапредување на образованието и без вклучување на дигитални процеси во образованието и подготовка на младите за дигиталниот свет, не е можна дигитална трансформација.

– Многу е значајно да ги поврземе сите политики и тие да бидат речиси идентични или слични за сите земји во регионот, се со цел комуникацијата и имплементацијата на тие политики да биде заедничка и да оди побрзо, за да може побрзо да фатиме чекор со развиените земји, коишто навистина се длабоко во процесот на дигитализацијата, потенцираше Царовска.

Министерката оцени дека образованието како основа веќе покажува иницијативи во Северна Македонија за дигитализацијата.

– Ги гледате и сите оние дискусии коишто ги водиме за новата концепција, за вклучување на дигитално учење или дигитална писменост во самите основни училишта, дигиталните учебници, платформите коишто ги воспоставивме и сето тоа за една година укажува дека навистина како држава се позиционираме повисоко од останатите земји и дека навистина може да споделиме позитивни искуства, посочи Царовска.

Таа, осврнувајќи се на Самитот, рече дека секоја држава која учествувала во дискусиите се соочува речиси со истите предизвици со кои се соочува Северна Македонија.

– Но, навистина беше задоволство да се види дека ние веќе ги преземаме чекорите коишто се потребни и дека побрзо или забрзано ќе фатиме чекор со развиените земји, потенцираше министерката за образование.

Околу искуствата со дигитализацијата во другите земји од регионот, Царовска посочи дека секоја држава е на различно ниво, но главно, како што рече, тие се занимаваат со истите прашања коишто ги има и во земјава – дигитализирани дневници коишто ние сега ги воведовме како единствени од оваа учебна година со податоци за ученици, наставници и училишта коишто се во дигитална верзија.

– Тоа е нешто кое што Министерството го имаше кога дојдов, сега ние го направивме функционално и да имаме навистина податок за секој ученик и секој наставник во системот, тие да имаат нивни лозинки и кориснички имиња во националната платформа која што е единствена и како таква ја користиме на ниво на целата територија, на државата, преведена на сите јазици, што не е случај во другите земји, што укажува дека навистина сме понапред. Ние успеавме да направиме посебна платформа за интерактивни учебници, коишто се функционални за четврто одделение и истите да ги пуштиме кај учениците, што е исто чекор плус од другите земји. Сите тие се соочуваат со овие предизвици и работат на овие прашања, наведе Царовска.

Министерката во однос на очекувањата за образовниот процес за тековната училишна година, со оглед на пандемијата, нагласи дека се покажало оти земјава има образование коешто брзо може да се трансформира, но, како што додаде, исто така ја искористивме ковид-состојбата за трансформација на образованието во модерно образование, кое што ќе биде и многу поотпорно на идни потреси.

– Сега искреиравме еден порезистентен систем кој што понатаму на вакви шокови ќе реагира многу пофлексибилно и многу побрзо ќе може да се адаптира, рече министерката.

Таа потсети дека во текот на минатата година беше спроведена онлајн учење за учениците од погорните одделенија,  додека за првите три одделенија се работеше со физичко присуство, во комбинирани групи и поделени.

– Оваа година заради тоа што имаме повеќе информации за пандемијата, знаеме кои беа искуствата од една година претходно, како Влада заедно со Министерството за здравство утврдивме дека е можно започнување (настава) со физичко присуство. До денеска наставата се одвива со физичко присуство. Секако имаме и ученици коишто следат онлајн настава, но тоа се оние коишто имаат здравствени причини или други причини коишто се оправдани. Сепак од највисок интерес на учениците е да останат во училницата. Затоа што  на училиште не само што се добиваат знаења, туку исто така има социјализација, се штити менталното здравје на учениците, нивната активност се подобрува и сметам дека навистина треба да продолжиме на овој начин, посочи Царовска.

Министерката за образование повтори дека сепак Министерството за образование и наука е подготвено за уште две сценарија.

–  Едното е целосно онлајн учење, платформата е подготвена и ставена во функција или комбиниран модел едни ученици во училиште, другите онлајн и промена на групите периодично. Ако се влоши состојбата со ковид, секако сме спремни за ова. Во моментов состојбата е стабилна – 0,01 до 0,03 проценти позитивни случаи на дневно ниво. Се уште не е надминат над 0,29 проценти од вкупниот број активни случаи во системот на образование. Вкупно 240.000 ученици секој ден влегуваат и излегуваат од училница, дополнително на тоа и наставниците што укажува навистина на низок број на позитивни случаи. Интерната трансмисија уште не е утврдена, но да не заборавиме дека и Министерството за здравство започнува една акција на скрининг во училиштата, во координација со Министерството за образование и наука и општините, и очекуваме тој скрининг да даде подетални информации дали состојбата е стабилна во училиштата, истакна Царовска. аа/см/

Таг
Back to top button
Close
Close