0_Web_Актуелно0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталБалканБалкан.ПорталМакедонија.СлајдерРепортажа

Херцеговската „Оаза во камен“ – од Мостар до Љубушки

Нашето откривање на „Оазата во камен“ го започнавме од Сараево, патувајќи кон Херцеговина долж реката Неретва за Мостар, еден од најубавите градови во Босна и Херцеговина. Мостар е и административно седиште на Херцеговско-неретванската жупанија и се наоѓа и на листата на заштитено културно наследство на УНЕСКО.

Мостар, 25 октомври 2022 (МИА) – Херцеговина е регион во рамки на државата Босна и Херцеговина, за којшто поголемиот број Македонци имаат сознание дека е каменит и пуст регион, го паметат по градот Мостар и стариот камени мост, реката Неретва, можеби и по херцеговскиот тутун и доброто вино. Сознанието на нас новинарите од сите поранешни Ју држави, дека Херцеговина, особено делот околу градовите Мостар, Чапљина и Љубушки се вистинска „оаза во каменот“, го стекнавме благодарејќи на поканата на Друштвото на туристички новинари на БиХ (ФИЏЕТ), во основање и домаќините Херцеговско-неретванската жупанија и градот Љубушки.

– Јужниот дел на Херцеговине не е добро познат, како на соседните земји, така и на Европа и пошироко. Целта ни беше да ја промениме таа слика и да покажеме, дека ова е простор кој би требало да се посети, на различни начини да се ужива, преку активен одмор со многу приступачни цени. Она што сакавме да покажеме, и во Мостар, и во Почитељ и во Љубушки, што е само дел од она што треба да се посети во Херцеговина, е дека има одлична гастрономска понуда и вина, автохтона органска храна, дека има неоткриени природни убавини и да покажеме дека овој дел има богато културно-историско наследство од римскиот период до денес. Ова подрачје на јужна и западна Херцеговина го избравме за новинарите од Словенија до Македонија, бидејќи мислиме дека е најинтересно и најблиску до овие земји и веруваме дека на овoј начин ќе придонесеме на афирмација на БиХ како туристичко одредиште, ни изјави новинарот Дејан Јазвиќ, еден од оснивачите на Фиџет БиХ.

Нашето откривање на „Оазата во камен“ го започнавме од Сараево, патувајќи кон Херцеговина долж реката Неретва за Мостар, еден од најубавите градови во Босна и Херцеговина. Мостар е и административно седиште на Херцеговско-неретванската жупанија и се наоѓа и на листата на заштитено културно наследство на УНЕСКО. Познат е по познатиот Стар мост, изграден во 16 век, кој е урнат за време на војната во 1993 година, за по војната повторно да биде изграден. Покрај овој мост и другите помали мостови, по кои го добил името, туристите од целиот свет сакаат да се фотографираат, чекајќи некој од храбрите жители, за трошка пари, да скокне во Неретва. Шетајќи низ неговиот центар, која е спој на османлиската и медитеранската културна сфера од сите страни ве опкружуваат траги од богата историја.

Позицијата на Мостар на светските туристички мапи овозможи да има бројни традиционални дуќани, занаети, ресторани, кафулиња, барови, слаткарници со баклави што придонесуваат да вибрира со животот. Понудата е навистина сеопфатна, од едноставни тематски ресторани и традиционални ресторани, до ресторани кои нудат веганска храна и на десетици видови хамбургери кои вклучуваат локални состојки. Вечерта уживавме опкружени со лозја и фонтани на ресторанот „Романтика“, а на менито беше козјо, кравјо, ливанско сирење, кајмак и херцеговски тенки уштипци и пршута. Потоа одлична телешка рагу чорба, јагнешки печења и десерти, сето тоа придружено со локални вина, од кои особено нè импресионираше Теута од сортата „трњак“.

Одејќи од Мостар на југ понатаму кон Чапљина и Јадранското море, патот не одведе во блискиот Почитељ, каде вреди да се застане. Тоа мал град-тврдина од 14 век, кој е вклучен во списокот на светското културно наследство на УНЕСКО. Почитељ интензивно се гради од втората половина на 16 век преку вкрстување на две архитектонски традиции, на ориенталната и медитеранската и неговото културно богатство е зачувано до наше време преку џамијата на Шишман Ибрахим Паша, Почитељската саат-кула, медресата, амамот, анот, куќата на Гавранкапетановиќ.

Блиску до Почитељ, на реките Неретва и Крупа е паркот на природата Хутово Блато, кој се смета за едно од најголемите места за презимување на птиците во Европа. Во него се регистрирани дури 263 видови птици и 45 видови риби, од кои 13 се ендемски. Забележана е и појавата на Рисот, кој речиси е изсчезнат на Балканот. Паркот има шест езера и означени пешачки патеки, можни се возење со бродчиња, а има и адреналински парк. Можете да преноќите во хотелот „Парк“, кој се наоѓа во паркот на природата, а меѓу многуте деликатеси што се нудат, ви ги препорачуваме брудетот од јагула и жаби и особено јагула на скара. Вреди да се вкусат и риби од Неретва и дивеч од околните шуми.

Движејќи се низ Херцеговина се упативме западно од Хутово Блато, на 20 км одалченост од Јадранското море, преку Чапљина, а блиску Меѓугорје, кон градот Љубушки.

Природните зелени оази со водопади, богатата историја која датира од античките времиња, извонредните вкусови на природно одгледана храна и вина од автентични сорти на жилавка, блатина и трница го прават Љубушки дестинација што вреди да се посети и престојува.

-Љубушкиот регион изобилува со природни убавини, особено со водопади, од кои најпознати се Коќуша и Кравица на реката Требижат. Покрај природните убавини има и богато културно и историско наследство, од кои се музејот и галеријата „Мајка“ во рамките на фрањевскиот манастир на Хумац, тврдината на Херцег Стјепан, римскиот воен логор Бигеште, стеќците и многу други интересни работите, ни истакна директорот на Туристичката заедница на Љубушки, Младен Бебек.

Водопадите во Кравица се вистинска природна оаза, бајковита локација проткаена со убавина и можност за активен туризам. Високи се 27 метри, со воден амфитеатар под слаповите широки 120 метри. До нив можете да допливате, да довеслате или да допловите на некој од чамците што циркулираат по реката Требижат. И на крај да уживате во амбиентот, сфаќајќи од каде доаѓа крилатицата Оаза во Каменот.

На околу 20 километри од нив, од другата страна на Љубушки, се наоѓаат водопадите Коќуша. Со поглед кон нив е ресторанот Коќуша, во природен амбиент, што нуди можност за спој на хедонистичко и гастрономско ужување во амбиентот.

Реката Требижат ги поврзува двата водопади и е единствената понорница во Европа, која исчезнува девет пати и повторно извира. Можете да ја гледате и од ресторанот Мост, познат по домашните специјалитети, уштипци, сирење, херцеговската пршута, јагнешко приготвено на најразлични начини, а уживавме и во заборавеното јадење – раштики (дива зелка) со суво месо.

По должината на Камените оази околу водопадот, се менуваат визурите на херцеговскиот крш со поглед на големите маслинови градини и лозја.

Автохтони херцеговски сорти на грозје и вина се белото Жилавка и црното Блатина, за кои локалните винари имаат освоено бројни меѓународни награди за квалитет. На подрачјето на Западна Херцеговина и Имотска Краина се повеќе се произведуваат и вина со врвен квалитет од сортата Трњак, кои исто освојуваат светски награди. Ние уживавме во одлични херцеговски вина, посетувајќи ја семејната винарија Сушац, чии сопственици произведуваат цела палета на локални производи, секако Жилавката, Блатината и Трњак.

-Жилавка е автохтона сорта од Херцеговина, од поднебјето на Љубушки и Читлук. Инаку во 80-ите години од минатиот век, овдека дојдоа луѓе од Македонија, земаа садници на Жилавка од тука и се обидоа, а богами и чув дека успешно тоа го направија, да сега и кај вас во Македонија успева сортата Жилавка, изјави Јуре Сушац, сопственикот на винаријата Сушац.

Херцеговина е позната и по одгледувањето тутун, а музејот Табак во Љубушки е посветен на него. Заедно со приказната за херцеговската традиција на одгледување тутун поткрепена со бројни документи, богатата колекција на експонати и фотографии, музејот ја раскажува приказната за светските трендови и брендови на тутунот. Во него можете на мир да запалите, да „диваните“ и херцеговска шкија.

Не знаеме кога жителите на Херцеговина почнале да одгледуваат тутун, но дознаме дека на тој простор се живеело, работело и се создавало уште од праисторијата. Меѓу експонатите складирани во најстариот музеј во Босна и Херцеговина – музејот Хумац, кој се наоѓа во рамките на фрањевскиот манастир Св. Анте Падовански, може да се видат траги од камено и бакарно време, антиката и средниот век.

Во музејот се наоѓа и реткиот музејски експонат -Хумачката плочата, напишана на мешавина од глаголицата и старохрватска кирилица – босанчица. Во непосредна близина на музејот се наоѓа галеријата Мајка со околу 250 уметнички дела на постојана изложба, од кои речиси 140 се скулптури.

Над градот Љубушки доминира замок-Кулата на Херцег Стјепан и остатоците од стариот град Љубушки од 15 век. На Љубушки му припаѓа и Хумац, кој бил римски воен логор во време на Цезар, за чие истражување и конзервација ЕУ има доделено 600.000 евра, додека за тврдината на Херцег Стјепан 1.200.000 евра.

Во околината на Љубушки се регистрирани и 214 средновековни надгробни споменици или како во БиХ ги нарекуваат – стеќци.

-Ниту еден момент не се двоумев да ја прифатам поканата да бидам домаќин на оваа група угледни новинари од повеќе земји од Источна и Југоисточна Европа кои не почестија со нивната посета и своевидно „оценување“ на Херцеговина со цел да ги пренесат нивните впечатоци многу подалеку од границите на БиХ и овој регион. Тие во Херцеговина, на локации околу Мостар, Чапљина и Љубушки, посетија голем број наши природни, историски, археолошки и гастрономски бисери, а ќе известуваат за престижни списанија, телевизиски и радио емисии за убавините, гастрономската и енолошката понуда и особеностите на нашиот регион. Ќе има за што да пишуваат! Не ја кријам гордоста што ја почувствував додека ги слушав, на последниот ден од нивната турнеја во Херцеговина, ентузијастички зборувајќи за нашата богата традиција, истакна премиерот на Херцеговско-неретванската жупанија, Невенко Херцег, кој додаде дека како поранешен федерален министер за туризам, тој е длабоко свесен за неизмерната вредност на ваквите посети и ваквиот публицитет за препознавање и развој на туристичката понуда.

Од наша страна благодарност, што и ние од Северна Македонија ја откривме „Оазата во камен“ во Херцеговина.

Оливер Бранковиќ

Таг
Back to top button
Close
Close