Дописници МКДОпштество

УКЛО-Битола одржа е-форум на тема „Универзитет без корупција“

Меѓународниот ден на борба против корупцијата, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“-Битола го одбележа со е-Форум на тема „Универзитет без корупција“.

Битола, 9 декември 2021 (МИА) – Меѓународниот ден на борба против корупцијата, Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“-Битола го одбележа со е-Форум на тема „Универзитет без корупција“.

Форумот беше во функција на зајакнување на јавната свест за спречување на корупцијата во високото образование преку засилување на капацитетите на универзитетите и студентски тела на УКЛО за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите.

На Формот говореа ректорот на Универзитетот Сашо Коруновски, проректорот Марјан Ѓуровски, овластеното лице на УКЛО за прием на пријави за корупција проф. д-р Валентина Гулевска, проф. д-р Ице Илијевски од  Правен факултет-Кичево, членот на Државната комисија за борба против корупција и судир на интереси Горан Трпеноски и в.д. студентскиот правобранител на УКЛО  Емилија Баткоска.

-Од денешниот Форум  сакаме да ја потенцираме заложбата за Универзитет без корупција како наша заедничка задача за спречување на корупцијата во високото образование преку засилување на капацитетите на Универзитетот и студентските тела за имплементирање на Законот за заштита на укажувачите, истакна ректорот Коруновски.

Според Трпеноски од ДКС, корупцијата во образованието малку е третирана во релевантните извештаи за корупција, меѓутоа овој сектор често се посочува од граѓаните во разни анкети за нивната перцепција или искуството во однос на коруптивните дејства.

-Корупцијата има свои различни облици и ризици согласно степенот на образованието. Детектирано е дека во високото образование е евидентна високата корупција каде има случаи на започнати, но, недовршени постапки за корупција, истакна Трпеноски.

На Форумот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ беше нагласено дека друг сегмент каде е детектиран висок ризик од корупција е поврзан со акредитацијата на високообразовни инстутуции, научни установи и студиски програми за која е неопходно да се обезбеди повисока транспарентност на процесот на воспоставување и работа на соодветните надлежни тела. мт/вг/

Таг
Back to top button
Close
Close