0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталМакедонија.СлајдерОпштество

Тупанчески за МИА: Просторни услови во Волковија за девојчињата има, останува да се решат кадровските

Девојчињата што издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во несоодветни услови во КПУ Идризово, ќе бидат префрлени во ВПД-Тетово по обезбедувањето на кадровските услови, изјави министерот за правда, Никола Тупанчески. Во изјава за МИА тој рече дека како резултат на забелешките на Народниот правобранител, Министерството за правда заедно со директорот на Управата за извршување на санкции, оствариле најавена посета на Казнено-поправната установа Идризово, а главниот повод, како што рече, бил во врска со девојчињата и забелешките кои се однесуваат на нивниот третман.

Скопје, 10 мај 2022 (МИА) – Девојчињата што издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во несоодветни услови во КПУ Идризово, ќе бидат префрлени во ВПД-Тетово по обезбедувањето на кадровските услови, изјави министерот за правда, Никола Тупанчески.

Во изјава за МИА тој рече дека како резултат на забелешките на Народниот правобранител, Министерството за правда заедно со директорот на Управата за извршување на санкции, оствариле најавена посета на Казнено-поправната установа Идризово, а главниот повод, како што рече, бил во врска со девојчињата и забелешките кои се однесуваат на нивниот третман.

– Разговаравме и со директорот на затворот, меѓутоа разговаравме и со штитеничките. Во таа насока се обидовме уште еднаш на лице место да констатираме каква е состојбата. Во однос на тоа каква била претходно, има подобрување. Дали е соодветна, морам да ви кажам дека треба уште да работиме на таа проблематика. И она кое што беше како заклучок или како предлог, се движиме во насока, претпоставувам дека знаете дека ќе има префрлување, да, со тоа што има една работа што прво мора да се реши. Значи, потребни се службени лица од женски пол кои што ќе се грижат за девојчињата таму. Просторни услови има. Нема вработени во моментов, меѓутоа, дефинитивно се обидуваме или да вработиме нови или да прераспределиме од оние кои што во моментов се вработени, рече тој.

Во врска со крајниот рок, Тупанчески рече дека би требало да се реализира колку што е можно поскоро и дека не сакаат проблемот да биде решен само за трите малолетнички кои ја издржуваат мерката, туку системски.

– Знаеме дека работата не дозволува многу толерирање, не дозволува многу одлагање. Разговарав со директорот и рече дека прво ќе се обиде со изнаоѓање на лица од КПУ Идризово да можат да бидат преместени во Тетово, во Волковија, потоа ќе видиме како ќе се движиме во таа насока. Со тоа што, знаете што, не го решаваме проблемот и не сакаме да го решиме само за овие тројца малолетници, туку напротив, воопшто, системски, затоа што имаме ние и други лица кои што исто така се под 18 години, а се на издржување на казната и исто би сакал и тие лица да бидат составен дел кај што ние како држава сме вложиле многу. Значи, просторни услови имаме, сега останува кадровските услови да ги обезбедиме. Знаете дека не е лесно, меѓутоа, дефинитивно работиме на таа проблематика и мислам дека ќе имаме резултати, рече тој.

Министерската посета на КПУ Идризово следува по реакциите од јавноста и институциите откако МИА направи серија стории со кои откри дека децата кои издржуваат воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово, како и во женското одделение при КПД Идризово, не посетуваат настава уште од септември 2021 година и дека девојчињата мерката ја издржуваат во несоодветни услови.

За нееднаквиот третман на девојчињата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на 17 март 2022 година донесе одлука да покрене постапка по службена должност заради постоечки индиции за дискриминација врз основа на пол, род и дискриминација во пристап до образование врз основа на личен статус.

Народниот правобранител на Република Северна Македонија, исто така, по сториите на МИА оствари вонредна посета на КПУ Идризово, адаптираната просторија наменета за издржување на мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, при што констатираше дека условите се несоодветни и образованието изостанува и повика на решавање на проблемот.

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници, исто така, неодамна апелира државата итно и неодложно да ги преземе сите мерки за образовниот процес во воспитно-поправните установи да продолжи да се спроведува во најкус можен рок како и да изнајде решение за несоодветните услови во кои девојчињата ја издржуваат мерката, со кои тие ќе бидат преместени во ВПД – Тетово, одвоено од машките лица. ар/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close