Дописници МКДЛокални избори 2021Политички партии

Теута Арифи ги образложи петте програмски заложби на ДУИ во однос на Тетово

Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат Теута Арифи на прес-конференција во седиштето на ДУИ ги претстави петте заложби на партијата кои се однесуваат на Тетово.

Тетово, 11 октомври 2021 (МИА) – Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат Теута Арифи на прес-конференција во седиштето на ДУИ ги претстави петте заложби на партијата кои се однесуваат на Тетово.

Таа посочи дека дека главна заложба во работењето ќе биде зелената агенда со ефикасно управување со отпадот, завршување на канализационите мрежи и чиста вода за пиење, гасификација, паркинзи, олеснет сообраќај, повеќе зеленило, повеќе паркови.

– За ДУИ, оваа визија за Тетово е процес што ќе го реализираме заедно со реални и остварливи проекти преку кои ќе го подобриме квалитетот на животот на граѓаните. Дел од проектите на Зелената агенда за Тетово се: поставување полу-подземни контејнери – проект кој претставува понатамошен чекор за подобрување на капацитетот на јавното претпријатие и обезбедување подобри услуги од ова претпријатие. Набавка на инвертори и прочистувачи на воздух за сите училишта. Нови зелени површини во градот, уредување на Кејот на река Пена, проширен јавен превоз. Густиот сообраќај произлегува и од недостатокот на јавни паркинг места. Затоа, неопходна е интервенција на главниот градски плоштад. Во новиот мандат, наша примарна цел ќе биде да му дадеме на Тетово урбан и модерен јавен плоштад, кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните, посочи Арифи на прес-конфренцијата.

Вториот фокус, како што рече, е дигитална агенда, односно електронска администрација како клуч за ефикасна јавна услуга и транспарентност.

– Проектот „Иновативни решенија за општински услуги во општина Тетово“ што ќе започне со имплементација во декември 2021 година, ќе овозможи дигитализација на повеќето општински услуги, обука на администрацијата и граѓаните, бизнисите, за користење на овие услуги. Со имплементацијата на дигиталната гео-информативна платформа ИКТ, наша цел е да ги интегрираме сите општински процедури во дигитална форма. Инспекциските служби ќе ја забрзаат подготовката на извештаите за инспекција на лице место; издавање извадоци од урбанистички планови во автоматизирана форма; обезбедување податоци за планирање на домот; јавна презентација на подготвени урбанистички планови; обработка на барања и издавање потврди на граѓани и компании, наплата на даноци и други општински услуги, рече Арифи.

Агенда за отворени врати е третата заложба на Теута Арифи и ДУИ, која ќе значи можност сите граѓани да имаат целосен пристап до нивниот градоначалник.

– Граѓаните имаа можност секоја втора недела да се сретнат со градоначалникот. Оваа отворена врата ќе продолжи и ние ќе го пречекаме секој граѓанин, не само во општината, туку и во канцелариите за јавни услуги кои ќе се отворат и во селата. Дневната политика подразбира донесување чести и важни одлуки кои влијаат на секојдневниот живот на граѓаните и нивната иднина. Вклучувањето на граѓаните во донесувањето одлуки подразбира носење на големи и важни одлуки не од тесното раководство на општината, туку од граѓаните, рече Арифи.

Четвртата заложба за Општина Тетово, додаде, ќе значи имплементација на модерни модели на демократско учество за сите проекти на јавни површини, каде што граѓаните ќе бидат интегрирани од самиот почеток во развојот на проектот, а како пример се посочуваат форумите на заедниците.

Општина Тетово според зборовите на Арифи, ќе се придржува и до петтата заложба за нулта толеранција односно нулта злоупотреба, нулта лошо управување, нулта корупција, нулта кучиња скитници, нулта дивоградби, нулта запоставени граѓани. ас/мс/

Таг
Back to top button
Close
Close