Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Струшката болница ќе добие современ ехографски апарат донација од јапонската Амбасада

Гинеколошкото одделение при струшката Општа болница ќе добие современ ехографски апарат, донација од Амбасадата на Јапонија во земјава, во вредност од 50.822 евра, преку програмата за мали грантови на основни потреби и човекова безбедност GGP.

Струга, 6 декември 2021 (МИА) – Гинеколошкото одделение при струшката Општа болница ќе добие современ ехографски апарат, донација од Амбасадата на Јапонија во земјава, во вредност од 50.822 евра, преку програмата за мали грантови на основни потреби и човекова безбедност GGP.

Договорот за донацијата денеска во Струга го потпишаа јапонскиот амбасадор Хиронори Савада, директорот на Општа болница Арменд Арслани и претседателот на Советот на Општина Струга Арбреша Влаши.

Заблагодарувајќи се за донацијата, директорот Арслани појасни дека се работи за модерен ехографски апарат во боја, со фул HD колор доплер, од новата генрација ултразвучни системи, со отворена и флексибилна платформа, со иновативна и смарт архитектура, која, како што рече, ќе им помогне на здравствените работници во рано дијагностицирање, но и зголемување на здравствените услуги на пациентите.

– Живеејќи во ерата на техниологијата, секој ден се повеќе треба да работиме во зајакнување на нашите услуги со технолошка опрема. Помошта од програмата за мали грантови на основни потреби и човекова безбедност GGP, донација од Јапонската амбасада, на софистициран, модерен ехографски апарат, чија вредност достигнува над три милиони денари, но не заобиколувајќи и многу други соработки, кои сме ги имале во минатото влијаат на зајакнување на нашата врска. Оваа валоризација на нашите напори е силен мотив да бидеме подобри во иднина и со наши максимални напори да постигнеме што подобро да го користиме нашиот потенцијал, истакна Арслани.

Овој апарат, според амбасадорот Савада, ќе и помогне на Болницата да обезбеди, безбедни и навремени услуги за сите жени во општината и ќе го зголеми капацитетот за навремено реагирање на нивните гинеколошки проблеми.

– Во рамки на иницијативата Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјално и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во Европската унија. Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност – GGP е еден од столбовите на нашата стратегија за соработка во Северна Македонија, рече Савада.

Соработката со Јапонската амбасада, како што нагласи претседателката на Советот Влаши, е многу значајна за општината.

– Грантот од 50.822 евра за набавка на модерен ултразвучен систем за подобрување на медицинските услуги, ќе го подобри квалитетот на здравствената нега и ќе го скрати времето за преглед на близу 200.000 пациенти од Југозападниот регион, рече Влаши.

Ова е трет грант за општина Струга, преку GGP програмата, реализирани се проекти за рехабилитација на основните училишта „Браќа Миладиновци“ во Струга и „Свети Климент Охридски“ во селото Драслајца.

Од 1996 година Јапонија со вкупно 7,8 милиони евра поддржала 158 GGP проекти во секторите здравство, образование и животна средина во Северна Македонија. Во рамки на оваа програма предвидено е потпишување договори со Јапонската амбасада во земјава за пет проекти во текот на овој месец. сс/цр

Таг
Back to top button
Close
Close