Дописници МКДОпштински вести

Стево Карапанџа меѓу врвните готвачи кои во Крушево им откриваа мали тајни на младите готвачи

Седум врвни готвачи од поранешните југословенски републики денеска во Крушево, во гимназијата „Наум Наумоски Борче“, на учениците, идни готвачи, им одржаа предавање за кулинарското мајсторство.

Крушево, 5 октомври 2022 (МИА) – Седум врвни готвачи од поранешните југословенски републики денеска во Крушево, во гимназијата „Наум Наумоски Борче“, на учениците, идни готвачи, им одржаа предавање за кулинарското мајсторство.

Како што истакнаа, за туризмот клучни се кулинарството и врвните угостителски услуги, но и вложувањето во угостителските училишта, опремата и наставниот кадар.

Според врвниот мајстор на кујната Стево Карапанџа, ако сакаме врвни готвачи, треба да се вложува во училиштата, опремата, едукацијата на новите млади кадри, а мајсторите на кујната, смета Карапанџа, не ги кријат тајните и разменуваат рецепти.

– Мислам дека сите врвни готвачи немаат страв да дадат некој рецепт, да подучуваат. На младите, идни готвачи им велам, дека ако го сакаат кулинарството, имаат голема можност да го видат светот, атрактивно е и е добро платено занимање. Според мене, во државите многу малку се вложува, а очекуваме врвни готвачи. Училиштата немаат кабинети, добра опрема. Не може ниту да го развиваме туризмот. Овде поднебјето дава убави вина, но кому да се продадат. Тоа може да се направи со добра кујна. Малку се вложува во создавањето нови кадри. А секој со својот талент ќе направи одлично јадење, рече Карапанџа.

Драгица Лукин, слаткар од Хрватска, истакна дека угостителите се амбасадори на своите земји, а младите треба да бидат доволно платени.

-Денеска сите мора да порачаме дека на младите луѓе мора да им дадеме повеќе едукација и многу повеќе да се вложува во опрема, во наставниците и образовниот процес. Ако имате добар ментор, ќе бидете сигурно, добар готвач или слаткар. А и треба да бидат и платени. Угостителите сме амбасадори на своите земји, изјави Лукан.

Според Ѓорѓе Костиќ, почесен претседател на Асоцијацијата на готвачи на Србија, туризмот не може без гостопримство, сервис и добра кујна.

-Јас сум за тоа повеќе да се базираме на изворните рецепти на националните кујни и да направиме бренд, препознатлив во светот. Интернетот е добар за да нѐ рекламира за да развиваме туризам. Првпат сум во Крушево и сум импресиониран од градот. Има специфични колачи и локум. Туризмот не може без гостопримство, сервис и добра кујна. А за да дојдат туристите во Крушево, треба да се запрашаме што ни треба – затоа е тука интернетот за рекламирање. Затоа сме денеска овде. Со размена на искуства со своите колеги да си помогнеме, но државата треба да вложува во училиштата, во новиот кадар, објасни Костиќ.

Томаш Возељ, претседател на Здружението на готвачи на Словенија, даде рецепт за добар готвач.

-За да се биде готвач, треба да се има љубов спрема професијата, многу тестирање, едукација, едноставно треба да се работи во кујната, да се испробуват рецептите за да дојдеш до тоа што ги спојува состојките, рече Возељ.

Вук Митровиќ, претседател на Здружението на готвачи на Црна Гора, смета дека интернетот отвора можности, но се е, како што нагласи, во талентираноста и надградувањето.

– Секоја четврта година трендовите се менуваат. На конгреси, светски и европски, многу зборуваме за трендовите и секогаш се создаваат добри работи. Младите денеска се во многу подобра ситуација, благодарение на интернетот. Мислам дека вашата држава, и сите поранешни на ЈУ просторите имаат тренд на развој на кулинарството и талентирани готвачи, рече Митровиќ.

Исток Легат од Порторож, Словенија раскажа дека кога пред 35 години служел војска во Прилеп, научил да готви војнички грав, а  Жељко Невен Бренец од Хрватска, организатор на „Бисери с мора“, рече дека гостите ќе го јадат она што ќе им го препорачате.

-Луѓето сакаат да дојдат и да го пробаат она што ќе им го препорачате. Не мора да е скапо јадењето, но вие мора да верувате во тоа што сте го зготвиле. Мора да биде направено со душа и срце. Но, и услугата е битна, оцени Бренац.

На Давид Наумоски, ученик во крушевската гимназија „Наум Наумоски Борче“, многу му значи едукацијата на врвните готвачи за да ја развива професијата.

– Почестениу сме што добивме незаменливи совети од врвните готвачи. Сакам да се надградувам во професијата. Секако очекувам повеќе да биде ценета и платена, изјави Наумоски.

Посетата на врвните готвачи ја организира Националната асоцијација на готвачи „Гастро мак“. Според претседателката на Асоцијацијата, Андријана Алачки, целта е исполнета.

– Целта е подигнување на гастрономската свест и едукација на идните, млади, готвачи, рече Алачки.

Во крушевската гимназија 52 ученика се во угостителско-туристичката струка. ем/мч/

Back to top button
Close
Close