0_Македонија.ПорталБизнисБизнис.ПорталБизнис.СлајдерДописници МКДЕкономијаОпштински вести

Стартуваше изградбата на топловодна мрежа од РЕК Битола до Битола

Министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска во РЕК Битола го означија почетокот за изградба на топловодна мрежа од комбинатот за општините Новаци, Могила и Битола.

Битола, 6 декември 2021 (МИА) – Министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски денеска во РЕК Битола го означија почетокот за изградба на топловодна мрежа од комбинатот за општините Новаци, Могила и Битола.

На свеченоста во РЕК Битола министерот Бектеши посочи дека Владата е посветена на реализација на проекти кои ќе значат намалување на загадувањето, намалување на потрошувачката на електрична енергија и зголемување на енергетската ефикасност и секако зголемување на безбедноста и сигурноста на дистрибутивната мрежа на електрична енергија.

-Владата усвои амбициозна стратегија и презема конкретни мерки и активности за реализација на стратешките определби кон зелена економија и воведување почисти енергенси во економијата и домаќинствата. Енергетските трендови во развиениот свет ја нагласуваат поамбициозната транзиција кон нискојаглеродна економија, при што, обновливите извори на енергија  и енергетската ефикасност  се меѓу најважните фактори што ја овозможуваат транзицијата Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година се потпира на рамката од пет димензии на енергетската унија на ЕУ, земајќи ги предвид спецификите на земјата, со следнава визија, до 2040 година за сигурен, ефикасен, еколошки и конкурентен енергетски систем што е способен да го поддржи одржливиот економски раст на земјата. Фактот што половина од вкупната побарувачка на енергија на ЕУ е наменета за греење и ладење укажува на тоа дека во овој сектор потребни се значителни промени, посочи Бектеши.

Министерот Бектеши нагласи дека предизвик во грејниот сектор е постојано да се прават промени со веќе достапните технологии, и особено е важно да се испланираат локациите за инсталирање на нови и проширувања на постојната дистрибутивна мрежа.

-Важноста и потребата од вакви мапи се потпираат на три основни аспекти, промовирање на грејниот сектор, можноста за користење енергетски ефикасни технологии и обновливи извори на енергија и интеграција во секторот. Затоа сакам да кажам дека реализацијата на овој проект за изградба на топлификациска мрежа во Битола, Новаци и Могила ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина, а од друга страна ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање, односно ќе има поконкурентни цени од другите енергенти кои се користат, што е наш најголем приоритет, рече Бектеши.

Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, после 40 години постоење на РЕК Битола и децениско размислување за реализирање на топлификација за Битола, проектот кој беше во подолг застој поради големи претходни пропусти во планирањето, за само две години актуелното водство на компанијата овозможи услови за изградба на терен.

-Почетокот на ископот на трасата што ќе води до градот Битола и официјално стартува и јас, како битолчанец, сум многу среќен што сум сведок на реализацијата на една идеја за која во Битола и околината со години се зборуваше. За топлификацијата се користи кредит од германската KFW банка во вредност од над 40 милиони евра, а дополнително ние како компанија ќе инвестираме 7 милиони евра сопствени средства. Изведувачот има рок од две години за изведување на првата фаза од проектот за која е потпишан договорот, а тоа е ископ за трасирање на топловодот и поставување на топловодните цевки од РЕК Битола до градот Битола, како и секундарна, односно дистрибутивна мрежа во градот, по што следува втората фаза во која ќе бидат поставени потстаници кои ќе го поврзат цевководот со РЕК Битола и цевководот со разгранетата дистрибутивна мрежа низ градот Битола. Во третата фаза ќе бидат поставени потстаници на институциите кои ќе бидат приклучени на парното греење, истакна Ковачевски.

Според утврдениот план, во мрежата со топлификација на почетокот ќе се приклучат 35 државни  и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила.

-Еколошките придобивки од Топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. На тој начин, создаваме долгорочно и одржливо решение за намалување на загадувањето во Битола и околината, но и големи агро придобивки за општините Новаци и Могила. Во таа смисла, рече Ковачевски, очекувам соработка со новоизбраните градоначалници и искрено жалам што тие денес иако уредно поканети не присуствуваа на свечениот момент бидејќи успешната реализација на проектот е поврзана со поддршката на трите локални самоуправи кои немаат финансиски обврски туку само обезбедување на техничка поддршка тогаш кога ќе е потребна, нагласи Ковачевски.мт/лв/

Back to top button
Close
Close