Дописници МКДОпштински вести

Стагнира бројот на жртви на семејно насилство во Кочани, јакне свеста за пријавување на случаите

Стагнира бројот на жртви на семејно насилство во Кочани, но јакне свеста за пријавување на случаите кај стручните служби во меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Кочани.

Кочани, 10 декември 2021 (МИА) – Стагнира бројот на жртви на семејно насилство во Кочани, но јакне свеста за пријавување на случаите кај стручните служби во меѓуопштинскиот Центар за социјални работи во Кочани.

Во текот на оваа година пријавени се вкупно 25 случаи, во кои најчести жртви биле жени, а два случаја се однесуваат за насилничко однесување врз деца.

-Според статистичките податоци од нашите социјални служби, во споредба со минатата година, бројот на жртвите на семејно насилство не расте, но јакне свеста за пријавување на насилството. Покрај жените, како најчести жртви на насилство, службите регистрираат и пријави за насилство врз деца, како индиректни, но и како директни жртви. Веќе трета година во нашата институција работи 24-часовна телефонска линија за помош на жртвите, што придонесува за навремено детектирање на девијантните однесувања и насилства од каков било вид. Со проектни и редовни активности за социјална поддршка на одредени целни групи, се откриваат проблеми поврзани со насилството врз жени и девојчиња, што помага тие да проговорат за случаите, истакна Кирил Ковачев, директор на Центарот за социјални работи – Кочани.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на човековите права, локалната самоуправа на Кочани се вклучува во кампањата за нулта толеранција и спречување на насилството, при што в недела напладне во Градскиот парк ќе се одржи настан со кој ќе се даде поддршка на жртвите на семејно насилство. Кампањата е по иницијатива на Билјана Ангелова, сопруга на амбасадорот на Република Бугарија, а целта е да се поддржат жртвите, да им се објаснат нивните права и да се едуцираат каде да побараат помош, доколку им е потребна.

Со соодветните програмски активности за наредната година, Општина Кочани планира едукативни активности за осознавање и јакнење на свеста за нетолеранција на насилството во семејствата, училиштата, институциите, на работните места, на интернет, во медиумите и на јавните простори. та/ац/

Таг
Back to top button
Close
Close