Дописници МКДОпштински вести

Средношколци ќе учат како се прави традиционално сирење

Учениците да се запознаат со традиционалниот начин на правање сирења, е целта на проектот што го реализира Ветеринарната станица „Здравје“ во Делчево како дел од Еразмус плус програмата во партнерство со средното земјоделско училиште од Крижевци, Хрватска и Клубот на дегустатори од Епир, Грција.

Делчево, 20 септември 2021 (МИА) – Учениците да се запознаат со традиционалниот начин на правање сирења, е целта на проектот што го реализира Ветеринарната станица „Здравје“ во Делчево како дел од Еразмус плус програмата во партнерство со средното земјоделско училиште од Крижевци, Хрватска и Клубот на дегустатори од Епир, Грција.

Проектот „Избери сирење“ почна денеска, со работилница на која ученици од средните земјоделски школи од Кавадарци, Скопје и Крижевци, имаа можност да видат како се прави сирење во Пијанец.

-На денешната работилница сакавме да дадеме акцент на тој стар начин на производство на сирење во нашата општина и да се даде предност на тие мини млекари и домашен бизнис при производството на млечни производи. Во таа насока ја посетивме млекарата и фармата за крави на Рудине, додека во наредните денови ќе имаме посета и на две места во Берово, две мини млекари и на тој начин ќе видиме како се прави сирење на традиционален начин, рече претседателот на Ветеринарната станица „Здравје“, Слободан Димитровски.

Според Панче Николов кој е вклучен во проектот, идејата е да се даде поттик на традиционалното производство на сирење со што ќе се помогне во пласманот преку вклучување на некои традиционални специјалитети во секојдневната гастрономска понуда која е атрактивна во денешно време и се бара во туристички и угостителски објекти и насекаде.

То дополни дека по серијата тренинг обуки во Северна Македонија, Хрватска и Грција, ќе биде изготвен прирачник за гастрономија „Готвење со сирење“ кој ќе се користи како гастрономска понуда на сирењето и неговите производи во угостителството и туризмот.

-Сметаме дека со овој проект ќе ја подигнеме и свеста за квалитетот и вредноста на традиционалните производи, кои ги има во изобилство во нашата земја, но се уште се блокирани и анонимни. Тоа е најчесто поради некои законски прописи, но и неможноста најкавлитетното да се покаже на трпезата за понудата да биде достапна на повеќе потрошувачи во државата, рече Николов.

Како што беше кажано на денешната работилница, се помалку луѓе се занимаваат со одгледување добиток и поради тоа, во рамки на проектот, предвидени се посети на места каде се уште се негува традиционалниот начин на чување стока и производство на сирење. Планирана е и посета на етно хотел и запознавање со гастрономската понуда на сирењето.

Организаторите на настанот напоменаа дека во иднина ќе инсистираат сирењето да биде вклучено во една повисока фаза на гастрономска понуда, како специјалитет кој ќе ги задоволи вкусовите на бројните потрошувачи, не само во земјата, туку и во странство. вс/мч/

Back to top button
Close
Close