Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Со формирање на мрежа, Северна Македонија и Бугарија заеднички и кординирано ќе се справуваат со шумски пожари

Со формирање на мрежа од пограничните региони Северна Македонија и Бугарија заеднички и кординирано ќе се справуваат со шумските пожари од двете страни на границата, но ќе се создава и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности.

Струмица, 26 ноември 2021(МИА) – Со формирање на мрежа од пограничните региони Северна Македонија и Бугарија заеднички и кординирано ќе се справуваат со шумските пожари од двете страни на границата, но ќе се создава и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности.

Ова беше истакнато на почетокот на дводневната работилница во рамки на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што се одржува во Струмица.

Според Мима Станоевска, од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со проектот е предвидена и набавка на 112 заштитни одела за сите пожарникари од овој регион.

-Тендерот за набавка веќе е објавен и трае до крајот на годината. Се надеваме дека со сите процедури од тендерската постапка би завршиле некаде до почетокот на пролетта и тогаш пожарникарите ќе ја добијат опремата со цел следното лето да бидат комплетно опремени за да можат да одговорат на предизвиците на шумските пожари, кои најмногу ги има во летниот период, рече Станоевска.

Од бугарската страна очекуваат подигнување на соработката меѓу инстуциите од двете држави, но и зајакнување на капацитетите на доброволните против пожарни друштва.

-Овој проект е одраз на реалните потреби на двете страни. Шумските пожари не знаат каде поминува државната граница. Затоа, преку оваа мрежа планираме пожарникарите и другите институции од двете држави да можат најбрзо да реагираат и да не се дозволи да има човечки жртви. Идеата не е само да контактираат против пожарните служби, туку ставаме акцент и на доброволните против пожарникарски друшта да бидат добро подготвени и опремени, изјави Љубица Томова, извршен директор на Асоцијацијата на Југозападни општини од Бугарија.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека најважно е навременото алармирање за појава на шумски пожар, без разлика дали избувнал на едната или другата страна од границата, бидејќи тој лесно се префрла.

-Доколку дојде до префрлање на пожарот потребна е координација, иако е еден пожар, но се наоѓа во две држави. Инаку, на државно ниво ние имаме соработка преку механизмот за цивилна заштита во ЕУ, каде член е и ДСЗ, но имаме и билатерални спогодби со Република Бугарија во делот на гасењето на шумски пожари и тоа ни ја олеснува работата, бидејќи контактрираме брзо и лесно и разменуваме податоци за пожарот, објасни Митко Димчев од Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарникарите се задоволни од имплементирањето на такви проекти, бидејќи им се олеснува гасењето на шумски пожари.

– Со формирањето на оваа мрежа во голема мерка ќе се олесни и комуникацијата со нашите колеги од соседна Бугарија со цел за заеднички и координаран настап на терен при појава на шумски пожари во граничниот реон, смета Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

Проектот со вредност од 395.361 евра го реализираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со учество на претставници од Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград, Република Бугарија, претставници на општините, општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји, претставници од регионалните Центри за управување со кризи и претставници на регионалните канцеларии од Дирекција за заштита и спасување. рт/цр

Таг
Back to top button
Close
Close