Дописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Со концерт КУЗ „Карпош” – Крива Паланка прослави 50 години постоење

Со концертна програма и свечености во чест на јубилејот, синоќа на плоштадот во Крива Паланка културно - уметничкото здружение „Карпош" одбележа пет децении постоење.

Крива Паланка, 7 август 2022 (МИА) – Со концертна програма и свечености во чест на јубилејот, синоќа на плоштадот во Крива Паланка културно – уметничкото здружение „Карпош” одбележа пет децении постоење.

На концертот се претставија сите ансамбли од здружението, а пред паланчани настапија и нивните долгогодишни соработници и пријатели од КУД „Ефрем Каранов” од Кратово, КУД „ФРА” од Чачак, Република Србија, ТА „Пауталија” од Ќустендил, Република Бугарија.

– Нека е честит јубилејот половина век постоење, години во кои неуморно се негуваат и промовираат фолклорот и традицијата од нашата држава, се пренесувале и пренесуваат на идните генерации, а се претставуваат ширум Европа и светот. Нека пред нас бидат уште многу децении иста таква посветена работа во ритамот на фолклорната музика кои ќе ги продолжат традицијата на нашиот бит и култура, истакна претседателот на КУЗ „Карпош” Оливер Станоевски.

На јубилејниот концерт на преполниот градски плоштад со гордост играорците и играорките од „Карпош” претставија дел од богатата фолклорна ризница, со „Македонско девојче”, „Паланечка тројка”, „Калајџиско”.

На почетокот на концертот посебно внимание и чест им беше укажано на првиот раководен состав на друштвото, од основањето во 1972 година, првиот оркестар и членовите на првиот ансамбл од пред половина век.

На настанот беа доделени благодарници на поддржувачите, како и плакети за долгогодишна успешна соработка и поддршка, афирмација на друштвото на: соработници, институции, компании и поединци.

КУЗ „Карпош” денес брои повеќе од 300 членови, кои ги негуваат трдициите на фолклорните игри, песни, стари обичаи и соодветните носии од Кривопаланечкиот крај. Културното уметничко здружение има богат и атрактивен репертоар кој содржи игри и песни, не само од Кривопаланечко, туку и од останатите региони на државата со карактеристичен мелоритам, посебен темперамент, убавина и раскош на изворниот и стилизираниот фолклор збогатен со живописен колорит на народни носии и виртуозна игра, создавајќи автентична атмосфера на фолклорен ритуал.

Ансамблот настапил на бројни домашни и меѓународни фолклорни фестивали ширум Европа и Азија: Англија, Белгија, Франција, Полска,Германија,Романија, Бугарија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, за кои е носител на бројни домашни и меѓународни признанија.

На концертот му претходеше изложба на носии и материјали од петдецениското постоење на КУЗ „Карпош” која се уште е поставена во ЛУ Градски музеј Крива Паланка и сите љубители на традицијата можат да ја посетат во текот на претстојната недела. ид/цр

Таг
Back to top button
Close
Close