Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Со европски проект ќе се набавува опрема за пожарникарите од Југоистокот за гаснење шумски пожари

Со проект финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, ќе се набавува комплетна заштитна опрема за гаснење шумски пожари за сите пожарникари од Југоисточниот плански регион.

Струмица, 24 септември 2021 (МИА)-Со проект финансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, ќе се набавува комплетна заштитна опрема за гаснење шумски пожари за сите пожарникари од Југоисточниот плански регион.

Ова беше соопштено на денешната прес конференција по повод почнувањето на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, кој го реализираат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини-Благоевград, Република Бугарија.

Според Жулиета Ѓуркова, директорка на Центарот, бројот на шумските пожари расте и затоа во соработка со против пожарните единици од Југоистоичниот регион дошле на идеја да го реализираат овој проект.

-Во проектот се застапени повеќе компоненти и не е важно против пожарните единици да имаат само возила. За нас е најважна безбедноста на нашите пожарникари, а тоа е набавка на комплетна опрема за нивна заштита и дополнителни алати. Од вкупно 197.602 евра, над 120 илјади евра се наменети за пожарникарите од Југоистокот, односно сите пожарникари ќе добијат одела за да можат поефикасно да ги гаснат шумските пожари, рече Ѓуркова.

Според Мима Станоевска, проектен координатор, со средствата од проектот ќе се набави професионална опрема за шумски пожари која вклучува комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски.

-За секоја од против пожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, против пожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат нашата шума, природата, а не ретко како што е познато од минатото има и човечки жртви, додаде Станоевска.

За пожарникарите набавката на опремата ќе значи многу, пред се, во ефикасното гаснење на шумските пожари.

-Оваа опрема ќе ни биде од голема помош за гаснење на шумски пожари, бидејќи досега имавме проблеми со немањето таква опрема. Се надевам дека со оваа опрема ќе се доближиме до стандардите на ЕУ, рече Ристо Јанакиев, пожарникар во ТППЕ Струмица.

Покрај набавката на опрема ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина, а за дел од членовите на општинските територијални против пожарни единици и волонтерските заедници од двете земји е предвидено спроведување на низа специјализирани обуки од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи.

Вкупната вредност на овој проект изнесува 395.361 евра, од кои буџетот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е 197.602 евра, а ќе се имплементира 24 месеци. рт/лв/

Back to top button
Close
Close