Посетете ја новата веб страна на МИА
0_МИА Истражува.ПорталБизнисБизнис.СлајдерЕкономијаИнтервјуМИА Истражува

Славица Алексоска за МИА: Тоа што сум жена претприемач за мене не преставува никаков проблем, одлично се справувам со сите предизвици

Тоа што сум жена претприемач за мене не преставува никаков проблем. Одлично се справувам со сите предизвици на работењето. Можеби е олеснителна околност тоа што се што работиме е наменето за европски пазар, вели во интерву за МИА Славица Алексоска, сопственик и управител на ДООЕЛ Са-текстил од Прилеп.

Скопје, 4 декември 2022 (МИА) – Тоа што сум жена претприемач за мене не преставува никаков проблем. Одлично се справувам со сите предизвици на работењето. Можеби е олеснителна околност тоа што се што работиме е наменето за европски пазар, вели во интервју за МИА Славица Алексоска, сопственик и управител на ДООЕЛ Са-текстил од  Прилеп.

Алексоска ја понесе Националната награда за жена претприемач востановена од Министерството за економија во рамки на Националната платформа за женско претприемништво со најдобри резултати во 2022 година во категоријата на средни претпријатија.

Најзината компанија е присутна на пазарот веќе пет години и во моментов вработува 170 лица, од кои 99 отсто се жени. Во разговор за МИА таа се осврнува на клучните проблеми со кои се соочува текстилната индустрија во услови на енергетска и економска криза, како и на можностите за користење на некоја од владините мерки за помош на стопанството.

-Ние во текстилната индустрија сме вистински погодени со зголемувањето на минималната плата, за која сега се најавува корекцијата во март 2023, енормното покачување на трошоците за електрична енергија, трошоците за затоплување во зимскиот период, комуналните тршоци и трошоците за вода и одвод. Сите овие трошоци пораснаа за повеќе од два до три пати. Во однос на минималната плата сакам да истакнам дека придонесите се превисоки во однос на нето платата, вели Алексоска.

Следува целосното интервју за МИА со Славица Алексоска:

Што ве поттикна како жена да отворите сопствен бизнис?

– Долги години сум во текстилната индустрија од 1998 година па и денес. Трудот што го вложив во тој период ми даде до знаење дека имам способност и сама да отпочнам сопствен бизнис. Како сопственик и управител работам веќе пет години. Фирмата се занимава со производство на памучни блузи, кои се наменети сто отсто за извоз. Материјалите се набавуваат од увоз и се со квалитет кој одговара и ги исполнува условите на европскиот пазар. Во овој момент имаме 170 вработени од кои 99 проценти се жени.

Какви се предизвици имавте пред вас во година на економска криза и кога се уште се справуваме со последиците од ковид-кризата ?

– Тоа што сум претприемач како жена никогаш не почувствував дека сум помалку вредна од кој било маж или која било жена,така што тоа за мене не претставува проблем што сум жена. Одлично се справувам со сите предизвици на работењето како што се договори за годишно производство, договори за набавка на материјали, редовната испорака и најважното – редовната наплата на сработеното. Можеби е олеснителна околност тоа што се што работиме е наменето за европски пазар.

 Во ковид-кризата бевме првата фирма која заради строгите мерки со заболени затворивме еден месец, кое нешто сепак го надминавме. Во однос на прозводството немавме намален обем, бидејќи нашите производи се и за каталошка продажба, така што тој период го пребродивме полесно, отколку периодов во кој веќе влеговме во економска криза. Економската криза го направи падот на производството. Од една страна продажните цени минимално пораснаа, а од друга страна трошоците енормно се зголемија.

Кои од мерките (како кофинансирање на трошоци за набавка на опрема и уредување на деловниот простор на претпријатија во сопственост и управувани од жени) на Министерството во рамки на Стратегијата 2019 – 2023 ви беа од полза и колку сте запознаени со можностите што ги нудат фондовите на ЕУ во делот на претприемништвото?

-Во ковид пандемијата ја искористивме единствената помош досега, финансиската подршка од  Владата, бидејќи иполнивме одреден услов, која ја искористивме за набавка на автоматски машини за производство, односно нова технологија. Досега друга подршка не сме искористиле. Во разговори сум за фондовите од ЕУ за претприемништво.

Кои се клучните проблеми со кои се соочувате во текстилниот сектор предвизвикани од економската криза?

-Во врска со трошоците на работењето сакам да го спомнам овој сегмент со кој ние во текстилната индустрија сме вистински погодени со: зголемувањето на минималната плата која сега се најавува со корекцијата во март/2023, енормното покачување на трошоците за електрична енергија, трошоците за затоплување во зимскиот период, комуналните трошоци и трошоците за вода и одвод. Сите овие трошоци пораснаа за повеќе од два до три пати. Во однос на минималната плата сакам да истакнам дека придонесите се превисоки во однос на нето платата.

Се најавуваат реформи во даночниот систем. Ваш коментар и што мислите за прогресивното одданочување?

-Во однос на реформите во даночниот систем потребна е соработка со стручни експерти, анализи, примена на искуство од надворешни економисти, сето заедно, а не избрзано донесување на закони кои можеби нема да го донесат очекуваното.

Како искусна претприемачка каков совет би им дале на жени кои сакаат да започнат свој  бизнис?

-Во врска со совет за идните претприемачки сакам да им порачам да не се плашат, да ги реализираат своите замисли, да бидат подготвени дека ќе наидат на многу препреки, но да не се разочаруваат, туку да бидат истрајни и максимално посветени, затоа што со многу вложен труд и работа, наградата неизбежно ќе дојде.

Виолета Геров

Таг
Back to top button
Close
Close